Изминативе две недели се оддржа IAA Mobility 2025, т.е Саемот за мобилност (коли) во Минхен. Бидејќи имаше премногу премиери, а нема смисла да цепкам соддржини кога може сето тоа да биде на едно место сума сумарум за да ви биде полесно за сварување, ајде да ги разгледаме најинтересните (според мене) премиери на овогодинешниот Саем во Минхен. Веќе го издвоивме Renault Clio, ајде да ги видиме другите.

Освен што Skoda настапија со речиси сериска изведба на малиот Epiq електричен SUV, ни покажаа и што можеме да очекуваме од идната генерација каравани со Skoda знакче. Vision O (никогаш нема да погодите зошто таа буква) е визија за електричен караван кој целосно го вклопува новиот Modern Solid дизајнерски јазик на Skoda.

Дизајнов е многу интересен, и сигурен сум дека ќе видиме сериски модел со ваков дизајн до крајот на деценијава. Во соопштението за печат многу се спомнува вештачката интелигенција, што не ми се допадна баш, и концептот доаѓа со автономен и т.н спокоен режим за возење. Не знам тоа дали ќе го има во серискиот, но знам дека ќе изгледа добро.

На домашна територија BMW го претстави iX3, првиот модел на Neue Klasse платформата, нешто што го спомнуваа многу, многу често изминативе неколку години. Од BMW тврдат дека iX3 ја менува работата од корен, и тоа одма се гледа и со дизајнот.

Сосема новиот дизајнерски јазик наскоро ќе го видиме и кај други BMW модели. Да бидам искрен, уште не ми легнал, мислам дека треба да го видам во живо. Од друга страна, бројките се малку неверојатни.

Поради 800V архитектурата, iX3 ветува 800 километри опсег и полнење до 400 kW. Имаме и сосем нов ентериер со панорамски екран, сосем нов и поразличен волан и… погодете што, интелигентен асистент.

Ветено, сторено. Volkswagen не се откажува од компактните автомобили, и во Минхен претставија два интересни прототипи. ID.Polo ќе ја доживее својата премиера идната година, а со него и ID.Polo GTI, првото ЕВ на Volkswagen со тој знак.

Засега нема нешто многу информации, освен дека ќе бидат поставени на MEB+ платформата, и дека се носители на новиот Pure Positive дизајнерски јазик на VW. Се надевам дека ќе се вратат и поголемиот дел од физичките копчиња, како што VW ни ветува. Бонус поени за шарената камуфлажа, претпоставувам инспирирана од Polo Harlequin.

Од друга страна, на штандот на Volkswagen се појави и ID.Cross Concept, најава за мал кросовер исто така со Pure Positive дизајнерска насока, еден вид пандан на Skoda Epiq. Ми се допаѓа новиов дизајнерски јазик, некако ми е покласичен Volkswagen, во позитивна смисла. После минималното експериментирање со последниве неколку модели, VW се враќа на нешто познато, но сепак рафинирано и освежено.

Како за крај, нешто ептен фраерско. Hyundai Concept Three е еден многу симпатичен концепт, мене лично ми е како комбинација од Ioniq моделите и Genesis Mint концептот од пред неколку години, a гледам и малку Veloster во дизајнов, претпоставувам тоа не е случајно.

Concept Three најавува нешто што ќе стане Ioniq 3 следната година. Дизајнот вклопува мат сива боја и светло жолто, како и едно пријателско духче кое се појавува на неколку места.
Концептот има и врати слични на Mazda RX-8 или Ford B-Max, ама веројатно нема да стигнат до серискиот модел. Нешто што ќе стигне до серискиот модел е опсег на струја од околу 440 километри, а можеби ќе има и N верзија. Како што спомнав, ќе го видиме серискиот Ioniq 3 следната година, и се надевам дека ќе биде само минимално поразличен од концептов.