Пред неколку години, култниот Fiat 500 доби целосно електрична изведба на сосем нова платформа, и иако дизајнот беше познат, сепак имаше доста промени. Со тек на време, автомобилската индустрија се смени многу пати, и Fiat со тек на време сфати дека треба да се вклучи и модел со внатрешно согорување во понудата.
И затоа…

Во салонот на Fiat во Скопје пристигна Fiat 500 Hybrid. Како што гледате од фоткиве, моделот е речиси ист како електричниот 500е, само, нели, не е електричен, туку користи лајт хибриден погон сличен како оној на претходната генерација.

Од надвор нема некои големи разлики, со исклучок на малото Hybrid знакче на вратата од багажникот. Моделов на фотките е со максималното La Prima ниво на опрема, како и оваа впечатлива жолта боја наречена Sun of Italy (Сонцето на Италија). А да, овој модел е Cabrio, што значи текстилен кров кој се отвора целосно.

Да не должам, главната новост тука е новиот мотор. Всушност, не е многу нов; 1.0 бензинецот со три цилиндри под хаубата е од познатата и докажана Firefly серија, и е многу сличен на претходниот 500 Hybrid. Има 65 коњи, и ги испорачува до предните тркала преку, замислете, мануелен менувач!
Иако името не го наведува тоа целосно, сепак станува збор за лајт хибрид – има мала литиум-јонска батерија која овозможува, меѓу другото, да се изгаси моторот како што ја намалувате брзината за да заштеди повеќе гориво. Во повеќето случаи ова е генератор со 48V напон, но тука е само 12V. Fiat ветуваат просечна потрошувачка од околу 5 литри бензин на 100 км.

Внатрешноста е харизматична и доста функционална без разлика на опремата, но многу остава впечаток во La Prima изведбава. Бело-сиви кожни седишта, многу технологија и многу шарм. На овој модел имате и стандардна навигација, автоматска клима, паркинг сензори, камерa за рикверц, итн.

Искрено, многу ме радува тоа што Fiat се свести дека треба ваков модел во понудата. Веднаш станува поатрактивен за поголема публика, и особено публика која малку се олади кон електричните автомобили. Изгледа и како да ќе биде доста забавно за возење, и, здравје, ќе дознаеме и за тоа наскоро!
Цените за Fiat 500 Hybrid започнуваат од 18.900 евра.
Цената за прикажаниот модел е 25.400 евра.
Наведените цени се акциски и се точни од времето на објавување.
За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на Fiat Македонија.
