Четири модели на Dacia добиваат освежување
Иако ми се чини како вчера да беше, веќе дојде време за некои модели на Dacia да добијат едно темелно освежување, и освен дизајнот, има една друга многу важна новост. Ајде да видиме за што се работи
Dacia Jogger, Sandero, Sandero Stepway и Logan добиваат фејслифт
Dacia подготви освежување за горенаведените четири модели, сите од нив сега доаѓаат со нова предна маска и нов дизајн на предни светла, а со тоа го воведуваат и новиот светлосен потпис на Dacia. Воведуваат и нов светлосен потпис на задниот дел, со исклучок на Logan. Задните светла се сега проѕирни, и светлосните групи се малку поразлични и поуникатни.
Освен тоа, претставена е оваа нова жолта боја наречена Amber Yellow, која ќе биде достапна на двете изведби на Sandero, како и Logan, a Sandstone
светлосивата ќе биде достапна на Logan, како и Sandero и Sandero Stepway.
Ентериерите на сите овие модели исто добиваат значителни промени, многу од нив позајмени од Duster, Bigster и Spring. Тоа го вклучува големиот infotainment во средина, YouClip системот на закачалки за аксесоари, безжичен полнач за мобилен, дигитална инструмент табла, електронската палка за менувач итн.
Сепак, најголемата новост е хибридниот погон. Hybrid 155 погонскиот систем, кој го направи своето деби во Bigster, прво ќе биде достапен во Jogger како де факто замена за Hybrid 140 кој досега беше достапен.
И тука функционира на ист принцип, 1.8 атмосферски бензинец, мал електромотор и мала батерија, како и генератор од 48V. Уште поинтересно за хибридот е тоа што сега ќе биде достапен, за прв пат, во Sandero Stepway. За жал, ќе мора да почекаме до четвртиот квартал на 2026 за таа изведба.
Освен тоа, Dacia и понатаму му прави ќеиф на Балканот со континуираното нудење на фабрички бензин-плин погони. Тоа и понатаму е случајот, со тоа што сега има малку појачана верзија со 120 коњи и, за прв пат, автоматски менувач.
Резервоарите за плин кај сите модели исто растат малку, и тоа од 40 на 48.8 литри кај Jogger, односно од 40 на 49.6 литри кај Sandero (двете изведби) и Logan. Dacia тврди дека тоа значи вкупен домет од 1.590 километри за Sandero и Logan, односно 1.480 километри за Sandero Stepway и Jogger.
Во понудата и понатаму останува малиот 1.0 TCe бензинец, кој сега има 100 коња наместо 90, а ќе остане и ултра достапниот SCe со 65 коњи и мануелен менувач со 5 брзини.
Како што спомнав погоре, се чувствувам ко вчера да беше кога сите овие модели да беа или претставени или освежени, но овој фејслифт е навистина многу битен.
Освен што сите модели ќе добијат многу помодерен инфозабавен систем и безбедносни системи, за прв пат добиваат и други многу помодерни елементи кои ги навикнавме на многу поскапи возила. Уште не сум имал прилика да возам Dacia, но ако мене ме прашувате, сето ова е исклучително добра вест.



