Пак нова математика - Citroen C5 Aircross PHEV сепак има 225 коњи
Минатата година добивме новост од Stellantis дека се менува математиката за сите хибридни модели. Тоа што беше Hybrid 100 испадна дека има 110 коњи, а тоа што беше Hybrid 136 всушност има 145 коњи.
Сега, има нова математика и за плаг-ин хибридите, и првиот модел со оваа нова математика е Citroen C5 Aircross. Ајде да видиме.
Citroen C5 Aircross PHEV добива 30 коњи плус
Плаг-ин хибридната изведба на Citroen C5 Aircross досега нудеше 195 коњи, и таа беше бројката на сите брошури, ценовници итн. По ново, истиов погонски систем има 225 коњи. Сега сигурно се прашувате; појак електромотор можеби? Појачан е бензинскиот мотор? Не, ништо од тоа. Едноставно Stellantis реши да го пресметува максималниот износ од двата компоненти на погонскиот систем поразлично. Речиси сѐ друго си е исто.
Батеријата е сега 21 kWh, со 18 kWh нето капацитет. Тоа значи, меѓу другото, до 114(!) километри опсег на струја според WLTP. 0-100 за околу 8 секунди, и полнење со моќност до 7.4 kW.
Силата сѐуште оди до предните тркала, и сега за сега исклучиво предните, и понатаму преку 7-степен автоматик со двојна спојка. Промени во другите опции за погонски систем на C5 Aircross нема; самополнечкиот хибрид и понатаму има 145 коњи, додека целосно електричниот ë-C5 Aircross има 211 коњи.
Од Citroen додаваат дека една од причините зошто се менува оваа математика е Euro 7, новите регулативи бараат реални бројки кои покажуваат реални перформанси. Исто така, со полн резервоар и полна батерија, Citroen тврди дека C5 Aircross PHEV сега може да помине до 1.100 километри, што е навистина огромна бројка.
Како што кажав погоре, C5 Aircross е прв со оваа нова математика, но мислам дека и неговите братучеди – Opel Grandland, Peugeot 3008 и Jeep Compass – наскоро ќе бидат ажурирани со новите цифри, бидејќи сите го користат истиот плаг-ин хибриден систем и се базирани на истата платформа. Е сега останува на нас да шпекулираме дали STLA Medium роднините ќе бидат опфатени во неодамнешната одлука на Stellantis да ги врати дизелските мотори…



