BMW X2 е дел од гамата на германскиот бренд од 2017 година. Неговото позиционирање отсекогаш било поспортска верзија на X1, со помлада таргет демографија. Успехот на X2 не можеме да го негираме, а сега е време за следната генерација. BMW штотуку ја претстави втората генерација X2, која за прв пат добива и iX2 електрична изведба.

Првото нешто важно за X2 е сосема новиот дизајн. Се држи близу до новиот дизајнерски јазик на BMW, но новиот X2 воведува сосема нов купе дизајн.
Јасно е дека BMW ги истакнува разликите во својата X гама, каде што моделите со непарни броеви се регуларните SUV модели, додека парните броеви наведуваат на поспортските купе модели. Таков е случајот со X6 и X4, и сега X2 се придружува на таа нова филозофија.

Верзијата на X2 со мотор со внатрешно согорување дебитира во појачаната M35i xDrive верзија. Под поклопецот се наоѓа 2.0-литарски турбо четирицилиндрец од најновата генерација на BMW агрегати, со 300 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. BMW тврди дека може да постигне 100 км/ч за само 5.4 секунди, и доаѓа со посебно штелување на шасијата директно од M одделот. Сите модели на X2 со бензински и дизелски агрегати доаѓаат стандардно со 7-степен автоматски менувач.

Секако, ќе се нудат и други агрегати, дизелски и бензински, со три и четири цилиндри. Најверојатно изборот на агрегати од X1 ќе се префрли и во понудата за X2. Сите агрегати во X2 доаѓаат и со 48V лајт-хибрид технологија.

Првата верзија која ќе се нуди е xDrive30, со два електромотори и погон на сите четири тркала, придвижени од батериска кутија со 64.8 kWh нето капацитет.
Вкупниот системски износ е 313 коњски сили и 494 Nm, што овозможува забрзување до стотка за 5.6 секунди, додека максималната автономија според WLTP е од 417 до 449 километри. Најверојатно е дека подоцна ќе следат и верзии на iX2 со само еден електромотор.

Како што би очекувале, има големи промени и во ентериерот на новиот X2. Целиот ентериер на X1 доаѓа во X2 топтан, вклучувајќи го нископрофилниот селектор за менувачот, дигиталната инструмент табла и инфозабавниот систем со најновата генерација на BMW iDrive.
Стандардна безбедносна опрема вклучува темпомат со функција за кочење, асистенција при возење наназад и асистенција при паркирање, како и предупредување за преден судар. Достапни се и еден куп опции, меѓу кои и BMW Drive Recorder, или лаички кажано dashcam, како и Remote Theft Recorder доколку се сомневате дека некој пробува да ви го украде возилото.