Се вчитува…
Се вчитува…
BMW појача со новитетите во последниве неколку дена, така да, немаме време за губење. Одиме со rapid fire од сите новитети од BMW.
Пред неколку дена, BMW Македонија ги претстави најновата петта генерација на X5, како и освежената 7 Series, т.е 7 Series LCI. Ова се два исклучително важни модели за брендот, и си добија премиера како што заслужуваат.
X5 е всушност првиот модел кој BMW го претстави кој спојува Neue Klasse со модел со конвенционални мотори на внатрешно согорување. Секако, ќе има и целосно електрична варијанта, а ќе има и дизел, бензин, плаг-ин хибрид, како и електрична варијанта со водородни ќелии. Пет различни погонски системи за петтата генерација на X5. Поетски, нели?
Искрено, дизајнот во живо е многу подобар од што очекував. Предницата со високите бубрези изгледа добро, а и X дневните светла се интересен додаток. Конкретниов модел е X5 40d со M Sport пакет, што значеше, меѓу другото, 22“ црни фелни и црвени шепи на кочниците. Општо кажано, целиот дизајн вреди да се види во живо. Освен Neue Klasse дизајнот, новиот X5 ги добива и сите Neue Klasse технологии; Panoramic iDrive, што вклучува панорамски екран за главните информации кој се простира ширум контролната табла, како и огромен 17.9“ екран за инфозабавните соддржини во средината.
Од први впечатоци, квалитетот на изработка е на очекувано високо ниво, и иако мислам дека ентериеров ќе бара доста навикнување, сепак изгледа ударно, а има многу ветување за новите технологии. Мене најмногу ме интересира Symbiotic Drive, систем кој ветува дека возењето со вклучена асистенција ќе има природно чувство, а некако машина да ви ја зела улогата на возач. Овој модел би требало да пристигне и на тест во скоро време, така да, ќе видиме со што друго има да се пофали.
Од другата страна, го имаме 7 Series, во случајов целосно електричен i7 M60. Фејслифтот не го менува надворешниот дизајн којзнае колку; бубрезите се и понатаму големи, само формата е поостра, и распоредот на светлата и општиот дизајн е генерално ист. Секако, ентериерот трпи поголеми промени; и 7 Series сега го има Panoramic iDrive, со истиот распоред како другите Neue Klasse модели.
Освен целосно електричната изведба, ќе се нуди и бензин со шест цилиндри во линија, а од ноември започнува производството на дизел варијантата, која верувам дека ќе биде најпопуларна во овие предели. Конкретниот модел беше со двотонска каросерија, т.е црно и многу темно сино, и во комбинација со овие фелни беше многу импозантен.
Секако, многу добра финта кај двата модели беше што вратите се отвораат целосно автоматски. „Пази сеа ова“ финта по речник. :)
Океј, одиме понатаму.
Неколку дена по претставувањето на X5 и 7 Series на локалната сцена, iX4 ја имаше својата глобална премиера. Сигурен сум дека веќе погодивте, но iX4 е coupe варијантата на iX3 (се отвора во нов таб), и тоа веднаш се познава. Двата модели се многу слични во секој поглед, само што iX4 ја има препознатливата coupe линија. Да не заборавиме, BMW го започна овој тренд во Европа и во изминативе години стана многу популарен, така да, мислам дека ќе има доста интерес за iX4.
Во старт ќе бидат достапни две варијанти, iX4 40 xDrive и 50 xDrive. Како што наведува името, и двете доаѓаат стандардно со погон на сите тркала. 40 xDrive има 375 коњи, а 50 xDrive има 469 коњи, како и многу брзо DC полнење. Доколку најдете полнач, може да се полни со брзина до 400 kW. Најголемиот досег, според BMW, е дури 828 км. Догодина ќе пристигне и iX4 M60 xDrive со 612 коњи и 875 Nm вртежен момент.
Иако не е сѐуште целосна М варијанта, iX3 M60 не е шега. Исто како и iX4 M60, тука имаме 612 коњи и 875 Nm вртежен момент, со помош на малку појачан електромотор. Има и неколку уникатни дизајнерски елементи; поагресивен М body kit, нов дизајн на фелни кој не е достапен на другите изведби, и оваа интересна нова зелена боја.
Секако, не е во прашање само повеќе моќност; iX3 M60 додава адаптивна суспензија и електронски диференцијал на задната оска, што би требало да значи дека ќе биде уште поспособен во кривините. Производството ќе започне во Дебрецен, Унгарија идната пролет (2027), а би требало и наскоро во понудата да се придружи права iX3 M варијанта.