Со години го чекавме. Со години зборуваа за него. Neue Klasse, најважниот модел во поновата историја на баварскиот бренд, и така натаму. И најпосле дојде време да го видиме вториот модел на Neue Klasse.

Доста различно од претходното i3, нели? Тука е важно да кажеме дека i3 e само првиот модел кој беше претставен, инаку ова не е само новото BMW i3, ова е и новата BMW 3 Series, или како што си ја викаме сите, Тројка. Прво ја гледаме електричната верзија, а со тек на време ќе ги видиме и изведбите со бензински, дизелски и PHEV погони, а наскоро ќе има и Touring караван!

Како што гледате, новата генерација i3 (како ќе ги разликуваме сега на Google?) го користи новиот дизајнерски јазик на BMW, исто така наречен Neue Klasse. Огромните предни маски кои ги видовме кај некои од другите модели се значително намалени, и всушност маската и светлата се сите дел од истиот панел на предницата.

Пропорциите се малку поразлични од страна, меѓу другото бидејќи Neue Klasse платформата е спремна за сите видови погонски системи. На задниот дел имаме сосема нов дизајн на стоп светла, а дифузерот на i3 долу на задниот браник нема место за издуви, ме интересира и тие како ќе изгледаат.
Еден интересен момент кај i3, во однос на дизајнот, е линијата што се протега од BMW знакот на предниот браник, преку кровот, па сѐ до знакот на багажникот, и ова е исто така истакната карактеристика на Neue Klasse стилот.
Сѐ на сѐ, интересен дизајн, но би сакал да го видам во живо за да го формирам конечното мислење. Вака на фотографиите, искрено да ви кажам, дизајнот на iX3 повеќе ми се допаѓа. Исто вреди да се спомнат димензиите: новата 3 е речиси иста големина како досегашната 3.

Да се префрлиме на погонскиот систем. Како што кажав погоре, ова е i3, и дебитира во 50 xDrive изведба (два е-мотори, погон на сите четири, знаете). Сѐуште не го знаеме капацитетот на батеријата, само знаеме дека е на 800V архитектура, и дека според WLTP циклусот i3 може да помине до 900 км(!!!) со едно полнење.

Поддржува и DC полнач до 400 kW, кој што ќе може да додаде 400 километри опсег за само 10 минути во идеални услови. 50 xDrive варијантата има 469 коњи, а BMW исто се пофали со V2L (vehicle-to-load), V2G (vehicle-to-grid) и V2H (vehicle-to-home) способности. Накратко, вашиот i3 ќе може да ги снабди со струја вашите електрични и електронски уреди, и ќе може да биде генератор за целиот ваш дом во итни ситуации.

Ентериерот ги има сите Neue Klasse елементи кои ги видовме на iX3 претходно. Новата генерација на iDrive со 17.9-инчен екран во вид на паралелограм, впечатливиот нов волан, како и панорамскиот екран кој се протега од левата до десната врата на горниот дел од таблата.
Најверојатно ќе бидат достапни и други дизајни на волан во зависност од опремата, како што е случајот и со iX3. Секако, има и дигитален асистент поддржан од вештачка интелигенција, Shy Tech (во буквален превод срамежлива технологија), што значи дел од функциите на воланот се осветлуваат само кога се потребни/достапни, и централниот систем може да се ажурира over-the-air, т.е без да посетувате сервисен центар.

Еден интересен момент со технологијата е тоа што BMW го нарекува Soft Stop; електромоторите се погрижуваат секое застанување да биде мазно и без никакви звуци. Има и дигитален клуч, т.е клучот е достапен преку апликација за смартфон или смарт часовник, и според соопштението од BMW, ова ќе биде претпочитаниот начин за отклучување на i3.
Засега нема информации кога би пристигнал i3 или колку би чинел. Во секој случај, мислам дека ќе ги видиме верзиите со мотори со внатрешно согорување пред да стигне било што било каде. Вака на прв поглед изгледа интересно, дефинитивно поразлично од досегашната Тројка.
Една работа е сигурна; мислам дека возните карактеристики ќе бидат навистина на место. Освен што колегите од странство веќе пријавија дека тоа е случајот со iX3, BMW секогаш се фокусира и на динамичките способности, и мислам дека i3 (и регуларните 3er модели) ќе си бидат на место. За другово ќе правиме муабет откако ќе го видиме и испробаме i3 во живо.