BMW 3 Series е со нас веќе 50 години, и мислам дека сите ќе се сложиме дека е едно од најлегендарните имиња, и еден од најлегендарните модели во автомобилската историја. Сега дојде време и за нова генерација која се придружува на Neue Klasse офанзивата на BMW, првично започната од електричниот iX3.
Веќе го видовме електричниот i3 на почетокот на годинава, а сега дојде и време и за моделите со мотори со внатрешно согорување. Има доста што да се каже, така да, да видиме.

3 Series, Серија 3, или како што си ја викаме ние народски, Тројка, официјално и целосно влегува во својата осма генерација. BMW претстави неколку модели со бензински мотори, па ајде да видиме што има ново.
Прво, Neue Klasse дизајнот. Најголемата разлика помеѓу i3 и останатите модели е предницата, која има малку поагресивни отвори за ладење, и задниот дел каде што, секако, имаме вистински издуви. Интересен дизајн, и ми се допаѓа тоа што препознатливите предни маски не се повеќе огромни, но сепак оставам простор за кога ќе го видам дизајнов во живо.

Главниот фокус на оваа премиера е M350, црвениот модел на фотографииве. Како што наведува името, ова е најмоќната изведба на новото 3 Series, барем додека да пристигне M3. Под хаубата имаме 3.0 бензинец со турбо и шест цилиндри во линија. Да, и покрај турбуленциите во авто индустријата, BMW не се откажува од овој мотор, и има неколку нови иновации што му овозможија да ги исполнува критериумите за Euro 7 регулативите, а една од нив е лајт хибрид систем, секако. Има 443 коњи, стига до стотка за 4.1 секунда, и нормално доаѓа со погон на сите четири тркала.

Другите две варијанти се 320 (сивиот на фотката) и 318, и двата го користат TwinPower 2.0 турбо бензинецот со четири цилиндри. Мала дигресија да расчистиме една работа, TwinPower не значи битурбо/две турбини. 320 има 211 коњи и стига до стотка за 7.4 секунди, додека 318 има 156 коњи и стига до стотка за 9.5 секунди. Сите варијанти доаѓаат по default со 8-степен автоматик.

Верувам дека забележавте дека i ознаката, која кажуваше дека се работи за бензин, повеќе ја нема. Таа ознака е исклучиво за електричните модели, додека моделите со бензински мотори ќе ги имаат само бројките. Што се однесува до d ознаката, за неа нема потреба како и да е – дизел моторите воопшто нема да се дел од понудата.
Двете електрични варијанти кои се спомнуваат во соопштението се i3 40 xDrive и i3 50 xDrive, и двете со два електромотори и погон на сите четири тркала. i3 40 има 374 коњи и максимален досег од 710 км според WLTP, а i3 50 има 469 коњи и максимален досег до 912 км според WLTP(!!!). Има и понекоја фотка од врвната i3 M60 изведба, но засега нема многу информации за неа, освен што ќе биде електричен пандан на M350.

Нема да се изненадите дека ентериерот е во склад со другите модели од Neue Klasse. Панорамски екран наречен Panoramic Vision за најважните информации со возењето се простира ширум целата контролна табла, а во средината имаме невообичаено обликуван 17.9-инчен екран за најновата верзија на iDrive системот.

Сум видел верзија на ентериеров во живо, и дефинитивно е невообичаен, но голема е веројатноста дека ќе треба само навикнување. Достапни се три опции за волан, и секоја од нив ја има оваа невообичаена форма, стандардно за Neue Klasse. Безбедносни системи има еден куп, меѓу кои и Symbiotic Drive и Highway Assistant, кои ќе овозможат hands-free возење (без раце) на автопат во 21 држава.
Засега нема информации околу цените, и немаме инфо кога би пристигнал овој модел кај нас, но претпоставувам дека ќе биде на почетокот на 2027. Многу технологија, доста наметлив дизајн, а и тоа што не се откажаа туку така од бензинските мотори покажува дека BMW се доста сериозни со новата генерација 3er. Останува да видиме како ќе биде зад волан.
