Новитети

Audi Q7 конечно влегува во трета генерација

Марко Соколовски3 мин.
Audi

Ви се верува ли дека тековниот Audi Q7 е со нас веќе подолго од 10 години? Иако имаше темелен фејслифт и пак покажуваше добри бројки, дојде време да влезе во новата деценија. Ајде да видиме што спреми Инголштад...

Ова е новиот Audi Q7

Audi

Често знам да бидам скептик кога ќе видам први фотографии од некој нов модел, но тоа не е случајот тука. Третава генерација навистина изгледа импозантно и модерно, и иако не сум некој голем фан на наопачки предни светла, на третава генерација ѝ доликува да го носи знакот Q7.

Audi

Кога сме кај светлата, ред е од таму да почнеме, бидејќи има новости околу тоа. Знаеме дека Audi многу често се фали со иновации со светлосните групи, и тоа е случајот тука. Предните светла, освен што имаат матрикс технологија, сега имаат и mini LED модули кои ќе можат да проектираат сигнали на самата земја.

Audi

Со други зборови, ако се вклучени трепкачите, ќе има проекција на самата земја, во комбинација со самите светла напред и позади. Задните светла повторно се со OLED технологија, и третава генерација исто нуди, како што велат во соопштението, „нуди комуникациско осветлување и активен дигитален светлосен потпис,“ а имаат и занимлив 3D ефект. 

Audi

Има еден куп нови системи за безбедност, меѓу кои и два различни системи кои помагаат при паркирање и маневрирање. Според мене, ништо од ова не е најинтересното нешто за Q7, најинтересното е моторот со кој дебитира.

Тука е одма јасно колку се сменети работите во изминативе години; Q7 дебитира со V6 турбодизел мотор. Секако, има и лајт хибрид технологија позната како MHEV plus, што ќе нудат и дополнителни 24 коњи. Инаку, самиот мотор ќе биде достапен или со 245 коњи, или пак со 299 коњи. Послабата верзија има 500 Nm вртежен момент, а посилната има 645 Nm. Таман.

Audi

Силата оди до тркалата преку 8-степен автоматик, а Quattro целосен погон на сите четири тркала доаѓа стандардно, како и централен диференцијал со ограничено пролизгување, и ќе има и два различни типови на адаптивна воздушна суспензија.

Audi

Ентериерот е уште еден доказ дека Audi сериозно го сфаќа фидбекот. Имаше неколку поплаки од страна на купувачите дека материјалите на некои од моделите не доликуваат како за едно Audi, и брендот го сфати тоа многу сериозно.

Audi

Навистина изгледа добро, а особено ми се допаѓа и средината на воланот, која е обвиена во кожа. Како што гледаме, најновата генерација на виртуелна табла и MMI инфозабавен систем ги има и тука. Q7 ќе биде достапен во конфигурација за шест, или пак седум патници, односно по две седишта на секој ред, или две-три-две. 

Испораките за новиот Q7 ќе започнат до крајот на годинава, но засега нема информации колку би чинел кај нас. Вака на прв поглед изгледа навистина добро, и ми се допаѓа што Audi не направи огромни промени кај воспоставен, популарен модел, но сепак има повеќе од доволно промени и новости за да го доведе во оваа деценија. Штета што нема да има V12 TDI. :) 


Ти се допадна?

Повеќе новитети

Сите објави