Новитети

Audi го претстави освежениот Q4 e-tron

Марко Соколовски3 мин.
Audi

Audi го претстави освежениот Q4 e-tron

Добредојдовте на новиот сајт! Затоа ме немаше извесно време, работевме на новиов далеку побрз, далеку попривлечен, далеку подобрен сајт. Кога велам „работевме,“ Гордан девелоперот работеше, јас само гледав и бев фасциниран од работи кои не ги разбирам целосно. :)

Сега со новиот сајт и со нови сили, влагаме директно назад во играта. Еден куп работи се случија во времето кога ме немаше, така да, да не губиме време; уште еден модел на MEB платформата на VAG доби освежување за оваа година, овој пат од Audi. Ајде да видиме.


Audi подготви фејслифт за Q4 e-tron

Audi

Audi Q4 e-tron се појави пред неколку години како премиум пандан на Volkswagen ID.4 и Skoda Enyaq, и веќе дојде време за фејслифт.

Audi

Мислам дека сите веднаш ги забележавте суптилните надворешни промени; нови дизајни на фелни, како и освежени предни и задни делови и светлосни потписи, а кај Q4 e-tron Sportback по готово ми се допаѓа зелената боја и новиот дизајн на фелни, токму бидејќи не се трудат да бидат нешто што не се, баш се old school. 

Audi

Вреди да се спомне дека кај некои модели светлата се дигитални; OLED технологија ги заменува типичните LED светла, а тоа е истата технологија на која работат екраните на многу од вашите телефони.

Освен што има опција да си го конфигурирате светлосниот потпис, сега има опција и за дополнителни светла кои ги предупредува возачите дека се премногу блиску до вас. Добро решение за вашиот автор, кој некогаш вклучува задни светла за магла во такви ситуации.

Audi

Сепак, поголемите промени кај Q4 e-tron се кријат под површината. Прво, ентериерот е значително освежен, со новиот инфозабавен систем на Audi кој го видовме кај A5, A6 итн. Сега е достапен и посебен екран за совозачот, но за жал, мораа да бидат жртвувани физичките контроли за климата. Q4 e-tron беше еден од единствените MEB возила со физички контроли, и сега ги нема. Не сум сигурен баш за овој чекор, ама би требало инфозабавниот екран да е сосем доволно способен.


Побрзо полнење, повеќе опсег

Audi

Има и важни промени во погонскиот систем. Audi уште не спомнале конкретни бројки за сила, ама спомнаа дека максималниот опсег е сега 592 километри, додека DC полнењето сега има максимум од 185 kW, во споредба со 175 kW на досегашниот Q4. 10-80% би траело околу половина час на компатибилен полнач, а може да додадете 185 км опсег за само 10 минути, што е солидно.

Најголемата вест е дека Q4 e-tron сега поддржува двонасочно полнење, т.е може да ги полни вашите електрични и електронски уреди, а може да биде и привремен агрегат за вашиот дом доколку нема струја (само во одредени пазари).

Audi

Новите Audi Q4 e-tron и Q4 e-tron Sportback се веќе достапни за нарачка во Германија. Цените нема да ви ги кажам, бидејќи ќе се разликуваат многу од цените на нашиов пазар. Фејслифтов добро ќе му дојде на Q4 e-tron, по готово со двонасочното полнење и подобрената технологија. 

Ти се допадна?

Повеќе новитети

Сите објави