Атрактивниот Audi e-tron GT е со нас веќе неколку години, а во тоа време доживеа и фејслифт, како и појачана RS изведба со 912 коњи. Но, што ако не ви треба толку многу коњи, можеби поголем опсег и малку пониска цена? Нема проблем.

Знам дека обично кај Audi ознаката quattro значи нешто можеби поинтересно, но тука го означува новиот основен модел на e-tron GT. Сепак, како што наведува името, и основната изведба на e-tron GT доаѓа стандардно со погон на сите четири тркала, нарочито два електромотори, по еден на секоја оска.
Тие се придвижени од батерија со 97 kWh нето капацитет. Стандардно моторите испорачуваат 503 коњи, но со вклучување на launch control тоа се качува на 585 коњи. Не е лошо ко за основен модел, нели?

Богами не е лошо ни забрзувањето до стотка, кое наводно се случува за околу 4 секунди. e-tron GT quattro носи и некои други бенефиции, како на пример диета од 30 килограми во однос на S e-tron GT моделот. Плус, со оваа мала(!) коњажа се качува и опсегот на струја. Од Audi тврдат максимален опсег од 622 километри, како и 320 kW полнење на DC полначи, во превод страшно брзо полнење.
Не знам дали спомнав до сега ама, иако ова е основниот модел, тоа не значи скржава опрема. e-tron quattro доаѓа стандардно со еден куп добротии, меѓу кои матрикс LED светла, греени седишта и волан, како и стандарден панорамски сончев покрив.

И за крај, последниот бенефит на основен модел: значително помала цена. Да се разбереме, ова не е во ниеден случај ефтин автомобил. Сепак, во Германија ќе започнува од 108.900 евра, што е некои добри 18.000 евра поефтино од S e-tron GT.

Засега нема информации кога би пристигнал во Македонија и која би била цената тука, ама оваа основна изведба ми се чини многу занимлива. Не се чини воопшто како компромис, освен нели ако апсолутно мора да стигнете до стотка за 3 или помалку секунди, а добивате повеќе опсег и сосем доволно опрема.