Веќе подолго време знаеме дека Alpine, кој е дел од Renault групацијата, подолго време сака да креира свој идентитет, и знаеме дека целосно се посветува на електричните автомобили. Веќе сме го виделе A290 хот хеч моделот, базиран на Renault 5, а ветуваат и електричен спортски автомобил. Исто знаеме долго време дека спремаат и SUV, и сега, конечно, можеме да видиме како тоа изгледа.

Можеби се изненадивте дека Alpine A390 е, всушност, fastback SUV, т.е купе SUV. Тоа е сега многу модерно, плус во контекстот на електрични возила, таков дизајн нуди многу бенефити за опсегот на струја.

Дизајнот вака од далеку ме потсеќа на Renault Rafale, што претпоставувам не е случајност, иако Rafale не е направен за да поддржува целосно електричен погон. Дизајнов е многу интересен и уникатен, иако е честа форма во светот на електрични возила.

Предницата е полна со геометриски детали, а се приметуваат и многу тенките фарови. Од страна имаме прилично класичен купе SUV профил, додека кваките од задните врати се скриени во столбовите, а ла Alfa Romeo 156 или пак претходното Renault Clio.

Позади имаме, секако, light bar, а богами едниов дизајн на фелни ми е многу интересен. Ме потсеќаат на дизајн што би го видел на некоја од оние игрите на Miniclip со трки во вселена. Кој знае, знае.

A390 ќе биде достапен во две изведби, GT и GTS. GT изведбата има 400 коњи и стига до стотка за 4.8 секунди, а GTS има 470 коњи и стига до стотка за 3.8 секунди. Двете верзии имаат батерија од 89 kWh и користат распоред од три електромотори. Alpine тврди опсег до 550 километри со помалите 20-инчни тркала, или пак 520 километри со 21-инчните Miniclip вселенски болид тркала.

Активно векторирање на вртежниот момент доаѓа стандардно, што ќе овозможи подобри динамички способности, а самата батерија е никел-кадмиумска, дизајнирана специјално за A390 и произведена во Франција, каде што, нели, и самиот A390 ќе се произведува.

Ентериерот е доста типичен за современ Alpine и Renault производ. Го имаме класичниот вертикален екран за инфозабавните соддржини и физичките прекинувачи за климата под него, како на Megane E-Tech Electric, а и според сликава се чини дека го користи истиот (и одличен) софтвер базиран на Android Automotive.

Има некои специфични Alpine детали, како копчињата на средина за менувачот инспирирани од оние на Alpine A110, некои ситни карбонски детали, како и тркалцето на воланот за менување на режимите за возење. Искрено да ви кажам, тоа што највеќе ми фати око тука е копчето My Safety, кое е измислено за возење на стаза или подинамично возење каде што е дозволено.

Со негово притискање, можете да ги изгасите сите безбедносни системи и нивните културни аудио предупредувања. Ова треба сите да го ископираат. Седиштава исто изгледаат фантастично, а Alpine A390 ќе има простор за петмина луѓе. А да, и едниот достапен аудио систем е од Devialet, кои го произведуваат оној скапиот звучник што може да пополни просторија од преку 200 квадрати.
Alpine A390 ќе почне со испорака во четвртиот квартал од 2025.