Volkswagen се подготвува за прилично големи промени кај своите електрични модели. Освен што наскоро ќе ги видиме ID.Cross и ID.Polo без камуфлажа, следниот фејслифт за ID.3 веќе доби ново име, ID.3 Neo. Сега дознаваме за уште една промена поврзана со главната ѕвезда на ID моделите, ID.4.

Исто како ID.3 Neo, Volkswagen подготвува темелен фејслифт за ID.4, и со цел да биде поблиску до својот пандан со мотори на внатрешно согорување, името ID.4 си заминува во историјата и на негово место доаѓа ID.Tiguan.
Искрено, ова е многу добра стратегија. Океј, ID.4 покажа успех дури и со тоа име ширум европскиот пазар и пошироко, но ID.Tiguan уште повеќе разјаснува каде е позициониран моделот во понудата, и со што треба да се спореди доколку некој се мисли помеѓу мотор на внатрешно согорување или електромотор. Знам, таквите клиенти ги нема нешто многу, ама пак, новото име ќе ја олесни работата.

Засега немаме информации околу тоа како би изгледал ID.Tiguan, само знаеме од една порана вест дека фејслифтот ќе биде многу темелен. Ви текнува како Golf Mk6 всушност имаше многу заеднички карактеристики со Golf Mk5?
Беа на истата платформа и користеа некои од истите мотори, но промените беа толку големи што го сметаа за нова генерација. Мислам дека тоа ќе биде случајот со преодот од ID.4 во ID.Tiguan; и понатаму ќе биде на MEB платформата, но со темелни промени во речиси секој аспект.

Можеме да го очекуваме и грандиозното враќање на физичките контроли во ентериерот, нешто што потврдено ќе го видиме во ID.Cross и надежно во сите други модели на VW со тек на време, и надежно тоа време нема да е многу. Volkswagen ID.Tiguan ќе го видиме во 2027 година, додека ID.3 Neo ќе го видиме во следните пар месеци.
Воедно, регуларниот Tiguan со мотор со внатрешно согорување ќе остане во производство до 2035 официјално, ама мислам дека ќе биде и малку повеќе од тоа.