Долго време слушавме муабети дека следната генерација на популарниот Nissan Juke ќе биде електрична, и дека целосно ќе ја замени тековната генерација со мотори со внатрешно согорување. Сега, се чини дека тој план се менува значително.

Поради константните непредвидливи промени во автомобилската индустрија и во вкусовите на купувачите, Nissan ја менува стратегијата за следниот Juke. Планот досега беше новиот електричен Jukе, кој наводно ќе ја користи истата платформа како Nissan Ariya и Renault Megane E-Tech, да го замени тековниот модел, кој моментално се нуди само со бензински мотори, т.е бензин и хибрид.

Сега, изгледа се менува планот, со тоа што двата модели да се нудат истовремено. Тековниот Juke, кој доби мало освежување минатата година, ќе си остане во понудата уште неколку години по претставувањето на електричниот Juke.
Од Nissan засега тврдат дека ова е паметна одлука, со оглед на промените во индустријата, и со оглед на тоа дека префрлувањето на електрични возила не се одвива баш така како што велеше прогнозата пред само неколку години. Колегите од Carscoops истакнаа дека Juke е вториот најпродаван Nissan модел во Европа, позади Qashqai.

Ако мене ме прашувате, ова е многу паметна одлука. Можеби сте во тек дека Nissan моментално има доста големи маки на глобално ниво, така да, заддржување на еден од своите најуспешни модели подолго време на европскиот пазар можеби се чини како мал чекор, но може да направи голема промена long-term.
Многу е веројатно дека електричниот Juke ќе има и повисока цена, и на тоа додајте скептицизмот за купување електрични возила од страна на многу европски купувачи, и сигурен сум дека можете да ја разберете оваа одлука. Освен што ја разбирам, ја поддржувам.

Уште да видиме сега дали дизајнот на Juke ЕВ ќе биде барем малку драматичен како Hyper Punk концептот, кој беше еден вид најава за серискиот модел.