60 години е многу долго време. Толку време помина од претставувањето на првата генерација на еден од најсеприсутните автомобили во историјата на индустријата; Toyota Corolla. Во овие 60 години, јапонската легенда се накити со редок јубилеј – најпродаваниот автомобил, и мобилизираше милиони и милиони луѓе ширум светот. Дојде до тој степен да на многу луѓе веднаш им текнува на Toyota Corolla пред било што друго само кога ќе се спомне зборот „автомобил.“
Со тековната генерација на Corolla, која се појави во 2018, за прв пат на понудата се придружи и кросовер верзија наречена, едноставно, Corolla Cross. Сите силни страни на Corolla во повисок и малку попрактичен пакет. Минатата година пристигна освежената Corolla Cross кај нас. Како всушност влијаеше кросовер трансформацијата на воспоставената формула? Па ајде да видиме.

На тест кај Korrmotive пристигна освежената Toyota Corolla Cross, со Executive Plus пакетот на опрема и оваа симпатична перла бела боја (нема англиско име, во ценовникот си стои едноставно како перла бела). Како што спомнав, кај нас Corolla Cross се појави во 2022 година, а овој модел општо одбележа првото појавување на легендарното Corolla име на еден кросовер. Идејата е едноставна; сѐ што го сакаат милионите купувачи на Corolla во еден малку попрактичен, повисок пакет. Спојлер; искуството со Corolla Cross беше токму тоа.

Се разбира, нема да ве оставам само така. Ајде да навлеземе во деталите, почнувајќи од дизајнот. Фејслифтот на Corolla Cross донесе некои значајни промени, меѓу кои и новата предница, каде што маската е исполнета со шестоаголници. Верувајте ми, и јас би сакал да имавме подобар начин да се опише тоа, ама ајде. Светлата се малку освежени, а истото важи и за достапните алу фелни.

На овој модел тие беа 18 инчи, а овој дизајн исто така си го имаше своето деби на фејслифтот. Не сум фан на двобојни, како што знаете, но мислам дека ова е еден добар исклучок на некои од другите двобојни фелни кои ги гледаме ширум индустријата. Инаку, тестеров исто дојде со аксесоар – скала за полесно влегување и излегување.

За вашиот автор (висок 1.8м), овој додаток не беше потребен, но можам да видам како би бил корисен. На задниот дел имаме редизајнирани стоп светла, кои се сега целосно LED вклучувајќи ги и трепкачите, како и името на моделот втиснато во петтата врата; малку поинтересен пристап отколку обична значка, а тоа го поздравувам.

Должина: 4.46m
Ширина: 1.82m
Висина: 1.62m
Маса (на празно возило): 1.375-1.560 kg
Сѐ на сѐ, симпатичен дизајн. Не се труди да биде нешто што не е, едноставно е кросовер верзија на Corolla. Во тој поглед, Toyota си ја имаат завршено задачата.
А што ја движи Corolla Cross?

Всушност, Corolla Cross е достапна со два хибридни погони. И двата се самополнечки, и двата доаѓаат со атмосферски бензинец, како што можеби и очекувавте. Претпоставивте дека Corolla Cross не е достапна со чист бензинец, исклучиво како самополнечки хибрид.

Тестеров ја имаше посилната варијанта, тоа значи 2.0 атмосферски бензинец и вкупен системски износ од 180 коњи. Помалиот користи 1.8 бензинец и има 140 коњи, а само поголемиот е достапен со погон на сите четири, но тестеров дојде со преден погон. Забрзувањето на појакиот хибрид до стотка е нешто помалку од 8 секунди, додека максималната брзина е 180 км/ч. Силата стига до тркалата преку, погодивте, CVT автоматски менувач.

Обично не навлегувам во вакви работи, но вреди да се спомне дека појакиот хибрид доаѓа и со малку пософистицирано потпирање на задната оска; 1.8 хибридот доаѓа со торзиона оска, додека сите 2.0 изведби доаѓаат со двојни носачи. Теоретски, ова ќе го подобри апсорбирањето дупки, но и однесувањето во кривини. Ќе дојдеме и до тоа, не се секирајте.

Започнуваме, по обичај, со градската вожња, и верувале или не(!), Corolla Cross одлично се покажа тука. Секако, доаѓаат до израз силните страни на хибриден погон, како што се малата потрошувачка и лесното префрлање на електромотор. Преодот е речиси незабележлив, освен минималните вибрации, и ако сте внимателни со гаста, ќе си возите многу често на струја.

Единствено нешто што приметив е при кочење знаеше моторот да се качи на многу високи вртежи, и не сум баш сигурен зошто. Претпоставувам дека има некаква врска со калибрацијата на CVT менувачот, но ова го истакнувам доколку ја пробувате Corolla Cross на подолго време, да знаете дека нема некаков проблем, едноставно така си работеше.
Прегледноста беше исто така одлична, на задниот дел сосем океј, ама предната шофершајбна е навистина огромна, и нема да имате проблеми на непрегледни крстосници или при некакви покомплицирани паркинг маневри. Кога сме кај тоа, морам да кажам дека димензиите се дефинитивно силна страна кај Corolla Cross. Да, пак е C-SUV, но воопшто не се чувствува гломазно.
Секако, тоа е бидејќи е малку помала од регуларен C-SUV, но и возачката позиција придонесува до тоа. Многу е лесна за паркирање, радиусот на вртење не е голем, а за паркирањето тука се и сензорите и паркинг камерата да ја помогнат работата. Едно нешто што забележав е што сѐ што е на самите рабови и агли на тоа што го гледа камерата малку се искривува, но освен тоа, нема што лошо да се каже.

Со хибриден погон, како што би очекувале, доаѓа и регенеративно кочење. Ова е секогаш добар момент за возила со било каква хибрид асистенција, а во Corolla Cross се вклучува со префрлање на менувачот во B режим. Според мене, ова треба да е де факто режимот за возење – тоа значи да биде достапно регенеративното и во D – но, сепак, си ја вршеше работата како што треба.
Што се однесува до потрошувачката, ова е хибридна Toyota, а тоа значи дека е многу импресивно. Во времето кога беше Corolla Cross кај мене покажуваше околу 4.5 до 5 литри бензин на 100 км, и можете да ги очекувате тие бројки речиси цело време, без разлика на тоа како возите и каде возите.

За да го вклучите ограничувачот на брзина кај Corolla Cross, прво го стискате копчето MODE на десниот крак на воланот, кое инаку ви дозволува да одберете кој ADAS систем сакате да го користите. Кога ќе видите на инструмент таблата Speed Limiter Mode, тогаш го притискате копчето со цртеж од автомобил и километража веднаш лево до MODE. На првото вклучување секогаш ќе се мести на 30 км/ч, но можете да го кренете на 50 (или колку и да треба) со +RES.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

На автопат исто немам лош збор да кажам. Удобно, тивко, без драма, и сосем доволно сила за да развиете брзина. Бидејќи ова е најновиот хибриден систем на Toyota, CVT менувачот воопшто не е гласен. Да, останува на високи вртежи додека забрзувате, но штом стабилизирате на 120, се смирува и си се однесува најнормално. Адаптивниот темпомат исто си работеше одлично.

За динамичките способности, искрено, бев малку изненаден. Верувам некој од вас ќе каже „Е ајде де, што е битно, Toyota е.“ Вистина е дека Corolla Cross не продава приказни дека е спортски автомобил, ама сепак, динамичките способности беа многу подобри од што очекував. Силата си е сосем доволна, и има многу помалку навалување во кривини од што очекував. Стабилно, сигурно, и за ова мислам дека делумно можеме да ѝ се заблагодариме на пософистицираната суспензија.

Сѐ на сѐ, Corolla Cross си се покажа добро во секое светло. Не можам да кажам дека е возбудливо, но никој не купува Corolla (освен ако не е GR или стариот GT-APEX, нели) за да се забавува. Corolla е наменета за комфор и за релаксирано искуство зад воланот без многу драма или привикнување, и во тој поглед, и покрај тоа што е кросовер варијантата, Corolla Cross си ја има завршено задачата.

Можеме да кажеме дека ентериеров е Corolla начин на завршување на работите. Освежително класично, без некоја драма или навикнување, и тоа воопшто не е лошо. Фејслифтот на Corolla Cross ја донесе најновата генерација на дисплеј за возачот, кој е инаку 12.3 инчи, како и најновиот инфозабавен систем, кој ќе го контролирате преку екран со 10.5 инчи.

Освен што екранот би сакал да беше малку пофино интегриран на контролната табла, супер си е. Добри анимации, многу респонзивен, и Apple CarPlay си работеше беспрекорно без кабел. Системот за озвучување беше пријатно изненадување исто така, а секако, еден куп бонус поени за физичките контроли за климата. Исто бонус поени што функцијата за гасење на предупредувањата за сообраќајни знаци е многу лесно достапна во инфозабавниот систем. Точно дека со Safe City нема веќе потреба да се гаси тоа, ама за тие кои сакаат, лесно е.

Нема дополнително мени во инфозабавниот систем, сѐ е на копче, сѐ е кај што треба да биде. На овој модел има и безжичен полнач за телефон кој беше доста ефективен и не ми го загреваше телефонот нешто многу, а не може тоа да се каже за сите вакви полначи. Бонус поени и за класичниот менувач. Не дека има нешто лошо со електронските, ама понекогаш фали една ваква рачка, како што викам јас, за подесување на потисок (како кај авион).
Дигиталната инструмент табла има многу различни конфигурации како и за изгледот, така и за информациите кои ги прикажува, само имајте предвид дека треба да сте застанати и во P степенот за да подесувате некои од нив. Имаме огромна лепеза на стандардни безбедносни системи кои ги има на сите пакети на опрема, и си работеа сосем добро.

Седиштата се доста удобни и си имаат сосем доволно подесување, но тука морам да истакнам еден момент во Corolla Cross кој ќе бара навикнување. Кога ќе седнете, се приметува дека идејата за Cross модел се појавила долго откако веќе бил финализиран ентериерот од ергономски аспект; седењето е доста високо, а воланот е малку пониско од што јас лично би преферирал. Нормално, ќе го навикнете после некое време, но сепак е нешто што вреди да се истакне вака како прв впечаток.

Oсвен тоа, ентериерот на Corolla Cross е одлично место за поминување време. Тоа што ентериеров е од старата гарда е многу позитивен момент, и дефинитивно е освежување од она на кое што навикнавме кај многу модели. На задната клупа си има многу простор, има два приклучоци за полнење, како и држачи за чаши во централната конзола, но преграда има само на совозачкото седиште, на возачкото нема.
Багажникот ви нуди од 380 до 473 литри капацитет, во зависност од моделот, и секако, се спушта задната клупа доколку ви треба повеќе.

Што сакам да кажам со ова? Многу автомобили знаат и знаеле да продаваат приказни за што прават и што можат да понудат, дали тоа би било со името, или со дизајнот, или со што веќе. Тоа воопшто не е случајот со Toyota Corolla Cross. Името си кажува сѐ – Corolla, ама во попрактична Cross варијанта. Во свет каде што доминираат кросовер моделите, дали ова има смисла? Апсолутно да.
Почетната цена за Toyota Corolla Cross изнесува 34.499 евра
Цената на тестираниот модел (2.0 HEV Executive Plus 2WD со перла бела боја) изнесува 40.799 евра.
За повеќе информации посетете ја официјалната веб страна на Toyota Македонија.
Цените се точни од времето на објавување.
НОВОRAM 1500 Rumble Bee e street truck со до 777 коњи!
НОВОFord подготвува седум нови модели за Европа до 2029, и пет од нив се патнички!

Lotus Type 135 пристига во 2028 со хибриден V8 и 1.000 коњи