Една мудрост која ја слушаме за кинеските автомобилски производители е дека за многу кратко време се подобруваат. Брзо ги учат лекциите, брзо одговараат на фидбек, и речиси одма на следниот фејслифт или на следната генерација (а во Кина, да бидеме реални, не поминува баш многу време измеѓу тие две), има подобрување во речиси секој поглед.
Токму тоа имав шанса да го искусам со овој тест. Пред речиси две години го тестирав претходниот MG HS, и иако беше солиден пакет, сепак имаше простор за подобрување. Сега на тест пристигна втората генерација. Дали подобрувањата се забележливи? Дали MG го има сериозно сфатено фидбекот? Ајде да видиме.

Кај Korrmotive на тест пристигна новиот MG HS, со Luxury опрема и Diamond металик црвена боја. Верувам забележавте сите, но разликата помеѓу претходната и новава генерација, по готово во надворешниот дизајн… не е доволно да кажеме дека е огромна.

Фејслифтот на претходната генерација, кој јас го тестирав, се појави кога MG уште го немаше финализирано новиот дизајнерски јазик на европскиот пазар, но новиов HS e сосема друга приказна.

Од напред ја имаме препознатливата MG маска, во линија со останатите хибридни и бензински модели на брендот – електричните си добија малку поуникатен дизајн во последно време. Едно нешто што многу ме изненади на HS, а верувам го забележавте и вие, е растојанието од тло.

Многу високо како за еден C-SUV со, во случајов, погон на предните тркала. На задниот дел имаме целосен light bar, а општо целиот дизајн е препознатлив и остар; не верувам дека би го помешале со нешто друго. Бојава исто ептен го личи, а мислам и дека Arctic сината ќе го личи многу. Инаку, сите бои освен белата се само дополнителни 500 евра.
Должина: 4.65m
Ширина: 1.89m
Висина: 1.66m
Маса (на празно возило): 1.575 kg
А што имаме под хауба?

Како што мислам дека би очекувале, MG HS користи 1.5 турбо бензинец со четири цилиндри и директно вбризгување, со вкупен износ од 170 коњи. Тоа оди до предните тркала, и моментално само до предните, или преку 6-степен мануелен или 7-степен DCT автоматик. Тука конкретно го имаме DCT менувачот.

Нешто што вреди да се спомне е дека HS e сега достапен со најновиот Hybrid+ погонски систем на MG, кој имав прилика да го испробам кај ZS минатата година и бев многу пријатно изненаден. Засега, да се фокусираме на бензинецов. Стотка се случува за околу 9 секунди, додека максималната брзина е 195 км/ч со автоматскиот менувач, а со рачниот е 190.
Немам лош збор да кажам за оваа комбинација. Во град беше тивок, смирен, и автоматскиот менувач имаше добра калибрација. Немаше некакво особено двоумење, сѐ си беше како што треба. Возачката позиција беше солидна, и има повеќе од доволно подесување, а на Luxury пакетот возачкото седиште има електрично подесување.

Прегледноста е добра, единствено нешто што би го кажал е што HS е навистина висок, растојанието од тло е малку поголемо во однос на стандардот за оваа класа, и за тоа можеби ќе ви треба минимално навикнување за влез и излез од возилото.

Што се однесува до потрошувачка, иако немаме никаква хибрид асистенција тука, бројките се супер; можете да очекувате околу 7 литри на 100 километри во град, и околу 6 литри на отворен пат. Се качуваше бројкава некогаш ако се погодеше ептен гужва, но тоа е нормално. Како за еден прилично голем SUV со чист бензинец, мислам дека сите ќе се сложиме дека ова е супер.

Пријатно бев изненаден и од амортизацијата. MG HS е навистина комотен, и тоа се должи делумно на софистицираната амортизација; Макферсон распоред напред и мултилинк позади, комбинација која до неоддамна беше резервирана за модели од познатите премиум брендови. Да, некои од ситните нерамнини на патот се чувствуваат по малку, но удобноста е навистина на високо ниво.

За да го вклучите ограничувачот на брзина кај MG HS, прво треба да ја одберете опцијата во MG Pilot менито во инфозабавниот систем. Потоа, со заддржување на заокруженото копче го вклучувате ограничувачот, а со тркалцето можете да го подесите сами, или пак да го оставите во Intelligent режимот и да се раководи според сообраќајните знаци. Според мене, чекорот во инфозабавниот систем треба да се префрли во екранот за возачот, но сепак, прилично едноставна постапка.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

Возењето на автопат е дефинитивно една од силните страни на HS. Освен минималните звуци од ветерот, сѐ си беше како што треба. Тестеров беше на Bridgestone гуми – уште еден пример дека кинезите многу брзо реагираат на фидбекот – и се гледаше бенефитот на квалитетна гума. MG Pilot системот е тука да ви го олесни возењето на отворен пат; овој модел дојде со адаптивен темпомат кој вклучува асистенција за управување, и си функционираше добро од тоа што успеав да видам.

Што се однесува до динамично возење, HS се покажа добро и во оваа средина. Нема некој фокус ставено на фаќањето кривини, имаше минимално намалување бидејќи сепак е штелуван со наклоност кон комфор наместо engagement, но фаќањето кривини е безбедно и фидбекот од воланот си беше добар.

Имате и опција да го отежните или олесните сервото, и иако имаше разлика меѓу трите режими, јас би го оставил во автоматскиот режим за колата сама да си регулира колку треба да е тешко сервото во даден момент. Сѐ на сѐ, искуството зад воланот на MG HS си беше на високо ниво, и немате чувство дека има некоја средина или тип на возење која би го збунила.

Не дека на претходниот HS ентериерот беше нешто лош, но не би било доволно ако само кажам дека разликата во ентериерот меѓу двете генерации е огромна. Прво имаме подобрување на квалитетот на материјалите, самиот квалитет на изработка е многу подобрен, имаме повеќе функции и опрема, и атмосферата е општо попријатна и се гледа дека е смислено за западните купувачи. Тоа има смисла, бидејќи MG веќе има значително присуство ширум Европа како за кинески бренд.

Овој волан веќе го имаме видено кај други модели на MG, и навистина ми се допаѓа дизајнот. Кожната обвивка е квалитетна, и имате пристап до многу фунцкии, само би сакал копчињата да не беа од сјајни материјали. Исто ми беше криво што кај HS ја нема финтата од ZS каде што едното ѕвезда копче ви дава да ја подесите климата преку воланот, но секако има други корисни опции.
12.3-инчниот екран зад воланот е многу голем и многу прегледен, а има и опција за мапата од навигацијата да го зафаќа целиот екран, што според мене е секогаш добра опција. Инфозабавниот систем, чиј екран е исто 12.3 инчи, си работеше одлично, респонзивен е и лесен е за користење, што е особено важно, бидејќи голем дел од функциите ќе ги контролирате таму, а тоа вклучува MG Pilot и климата.

Системот поддржува Apple CarPlay и Android Auto, но бара USB-A (обичен USB) кабел. Малку чуден момент за 2026 модел, бидејќи освен што безжичен CarPlay полека станува стандардот, смартфон индустријата целосно се трга од USB-A кабли. Сепак, верувам дека ви се наоѓа по дома. Добро си работеше, само имав некои проблеми со приклучокот на мојот телефон, па конекцијата беше малку нестабилна. Не е виновна колата за тоа, но успеав да испробам на кратко, и сѐ беше океј.

Во централната конзола има малку повеќе пијано пластики од што би сакал, и истиот електронски менувач како кај претходниот HS (кај верзиите со автоматик), и тука е одличен момент повторно да се спомне фидбекот. За претходната генерација ми беше малку чудно што немаше било каква опција за мануелно менување на брзините, и MG брзо изреагирале на тоа; сега има мануелен режим за менувачот.
Друга критика која ја дадов за претходната генерација беше квалитетот на системот на камери за паркирање, и тоа е сега многу подобрено. Не се 4K или нешто такво, но сепак има големо подобрување во однос на претходната генерација. Единствено нешто што фалеше тука, според мене, е вентилација на кожните седишта и греење на волан.

Многу помодерен, a и целата атмосфера е попријатна, а верувам дека достапниот карамела тапацир за седиштата тоа го крева на уште повисоко ниво. Би додал сончев покрив, но освен тоа, ентериерот на MG HS си е на место. Има и доста места за одлагање на предмети, и многу подесување во возачката позиција, која и инаку си е супер, и тоа што седите многу високо – за нијанса повисоко од типичен C-SUV – значи дека секогаш ќе имате добар поглед низ шофершајбна и другите прозори.
Просторот на задната клупа е одличен, како што доликува за еден C-SUV, а секако имате и наслон за рака и држачи за чаши доколку средното седиште не е зафатено, како и приклучоци за полначи. Багажникот нуди 507 литри капацитет, а со преклопување на задните седишта добивате 1.484 литри капацитет.

Како што кажав погоре, кинезите многу брзо се адаптираат и многу брзо реагираат на оставен фидбек за моделите кои ги нудат. За сите скептции кои и понатаму мислат дека тоа не е случајот, MG HS е конкретен пример за тоа. Подобрувањето помеѓу првата и втората генерација е навистина забележливо, и сега со сигурност може да се каже дека HS може сериозно да ја замисли конкуренцијата од Европа. Доколку шопингувате за C-SUV, вреди да се размисли и за новиот MG HS.
Почетната цена (акциска) на MG HS изнесува 30.500 евра
Акциска цена на тестираниот модел (Luxury AT со металик боја) изнесува 34.400 евра
За повеќе инфо посетете ја официјалната веб страна на MG Motor Македонија.
Цените се точни од времето на објавување
НОВОКонечно Македонија добива електрични автобуси!
НОВОOpel ја претстави Corsa GSE, а работат и на електричен SUV со Leapmotor

Hyundai Ioniq 3 влегува во растечкиот сегмент на мали електрични возила.