Hyundai Tucson е со нас повеќе од 20 години. Првата генерација се појави во време кога Hyundai уште се пробиваше на глобалните пазари, и во време корејците уште не беа сфаќани сериозно. Како што знаеме, тоа е сосема сменето денес, но и тогаш Tucson се покажа добро во своето прво издание, и беше меѓу првите на фронтот на сега веќе огромниот сегмент на кросовер SUV возила.
Моментално сме на четвртата генерација, и изненадувачки, Korrmotive досега немаше поминато ич време со тековниот Tucson, кој е патем еден од најпродаваните модели од портфолиото на Гранд Ауто. Сѐ до сега.

На тест кај Korrmotive пристигна Hyundai Tucson, со максималното Ultimate ниво на опрема, турбо бензински мотор под хауба, погон на сите четири тркала, како и Ultimate Red металик црвена боја (која е инаку без доплата).

Претходната трета генерација на Tucson беше доста анонимна, но тоа целосно се смени со оваа генерација, која се појави во 2021 година. Уште се сеќавам дека ова беше еден исклучително контроверзен дизајн, и малку го подзапали интернетот. Не знаеше човек од каде да почне; дали со предната маска и дневните светла, дали со задните светла кои изгледаа како заби, или геометриските додатоци на страничните делови. Ќе бидам искрен со вас, прв пат кога го видов дизајнот не бев нешто разубеден.

Сепак, од тогаш е поминато многу време, и со поминување неколку дена со Tucson како и неговото редовно појавување во скопскиот сообраќај, ми легна дизајнот. Интересен е, и понатаму изгледа остро и покрај неговото подолго присуство на пазарот, и мислам дека црвенава боја дефинитивно овозможува сите детали да дојдат до израз. Инаку, Ultimate пакетот доаѓа стандардно со овие 19-инчни фелни, а Hyundai знакчето на предната маска е во црна боја наместо во сребрена/бела.

Позади многу ми се допаѓа моментот што Hyundai знакчето е сместено под задното стакло, како и моментот дека десната половина на издувот ја следи контурата на задниот дифузер. Сѐ на сѐ, етаблиран, солиден, впечатлив дизајн, и мислам дека и на повеќето од вас ви легна после гледањето во живо. Ако случајно не сте го виделе, според мене, вреди да се види.
А што го движи Tucson?

Тестеров дојде со посилниот турбо бензинец, значи 1.6 со четири цилиндри и директно вбризгување, 180 коњи и 265 Nm вртежен момент, кои стигаат до сите четири тркала преку 7-степен DCT автоматик и HTRAC погон на сите тркала. Послабиот мотор со 150 коњи доаѓа исклучиво со мануелен менувач и преден погон, а можете и верзијата со 180 коњи и автоматик да ја искомбинирате со преден погон.

0-100 за овој модел е некои 9 секунди, додека максималната брзина е 201 км/ч. Достапен е и самополнечки хибрид, но нема да навлегувам многу во деталите за таа опција, бидејќи секако е во план посебен тест за Tucson Hybrid. Да ви кажам уште сега, со фејслифтот на Tucson, дизел моторот си замина од понудата. А што значи сето ова во пракса? Ајде да видиме.

Прво, како и секогаш, градската вожња. Обично не правам вака, но мислам дека вреди да се издвои потрошувачката прво. Во град успеав да дојдам до околу 8 литри бензин на 100 км, што е одлична бројка со оглед на тоа дека немаме никаква хибридна асистенција, а има погон на сите четири тркала. Во нормални услови, можете да очекувате такво нешто за во град, а на отворено успеав да извадам околу 6 литри. Уште еднаш, сосема добро со оглед на тоа за каков Tucson конкретно станува збор.

Океј, назад на самото возење во град. Единственото нешто за кое што мора малку навикнување е DCT менувачот на овој модел. Се однесува како типичен DCT, а тоа значи дека има малку slip, т.е може да има минимално одлагање на одговорот на педалата на гас додека ги менаџира степените на пренос. Не е ова забелешка, едноставно е нешто што бара навикнување за овој конкретен DCT менувач.

Инаку, кога сте во движење, менувањето брзини си е комплетно незабележливо, и моторот е многу тивок и смирен во град. Одлична прегледност, удобни кожни седишта (кои имаат вентилација во Ultimate), а богами и озвучувањето беше одлично. Да бидам искрен, немав слушнато за Krell озвучување, но прочепкав малце по интернет и дознав дека компанијата произведува појачало кое чини околу 100.000 долари.

Со тоа, можеме да кажеме дека се работи за квалитетно решение. Амортизацијата исто беше одлична, и покрај тоа што овој модел беше на 19-инчни фелни, одлично апсорбираше дупки. Да, малку се чувствуваа некои од поголемите, сепак ѕидот на гумите не е којзнае колку висок, но комотноста беше на многу високо ниво. Сервото лесно, и покрај тоа што се работи за доста поголем SUV, сепак немав никакви проблеми со радиусот на вртење или со маневрирање, а за второво секако помагаат сензорите и 360-степенскиот систем на камери, кој инаку исто доаѓа стандардно на Ultimate.

За да го вклучите ограничувачот на брзина во Hyundai Tucson, го притискате копчето со цртеж од возило и брзиномерач на воланот, и потоа го подесувате со прекинувачот одма под. Значи, не тркалцето, туку тоа лево од тркалцето. Лесно и едноставно за вклучување, без финти.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

На автопат Tucson навистина си доаѓа на своето. Јасно е дека Tucson е семеен автомобил направен за долги и удобни патувања, и тука му се истакнуваат силните страни. Малку звуци од гумите (самите гуми не се виновни, кој знае, знае), и многу минимален звук од ветерот, но инаку одлично. Добро ги апсорбира неправилностите и на високи брзини, и адаптивниот темпомат е секогаш добредојден. Со други зборови, удобен и многу способен автопатски крузер. А да, сосем добро си забрзува и си развива автопатски брзини, и има сосем доволно сила за претекнување.

Иако не е спортски SUV и дефинитивно не е спортски автомобил, пристапот на Tucson кон кривини би рекол дека е самоуверен. Речиси никакво навалување, но сепак се гледа дека е подесуван за удобност повеќе, и не го крие тоа. Би сакал исто да имаше минимално повеќе фидбек од воланот. Во секој случај, динамичките способности се сосем океј за тоа што е Tucson, така да, доколку наидете на некој планински пат, немате грижа.

Искуството зад воланот на Tucson е навистина одлично, до тој степен што навистина се трудев да најдам уште некој недостаток, но навистина не успеав. Способен во секој поглед, без драма и без финти.

Убедливо најголемата промена што ја доживеа Tucson со фејслифтот беше во внатрешноста. Дизајнот на ентериерот го променија од корен во речиси секој поглед; сосем нов распоред на контролната табла, на повеќето функции, како и на централната конзола.

Некои од вас прво се запрашавте „Зошто на воланот има само четири точки?“ Едноставно, тоа е латиничната буква Х во Морзеовата азбука, каде што Х значи Hyundai. Повеќето модели на брендот го користат овој брендинг сега, и мислам дека е многу занимлива и суптилна финта.

На контролната табла доминираат двата екрани од 12.3 инчи, а под инфозабавниот имаме и мало екранче за клима уредот, како и две тркалца за подесување температура. Секако, ова е за пофалба, но би сакал екранот за климата да имаше некаков вид на фидбек дека нешто е притиснато. Како и да е, физички или посебни контроли за климата секогаш се плус, ако мене ме прашувате. Инфозабавниот систем е последниот на Hyundai Motor Group, и веќе го имам испробано во Kona. Со еден збор: супер! Респонзивен, пријатна графика, многу опции, и доста мазни анимации. Apple CarPlay работи одлично без кабел, но ја имате опцијата доколку сакате.

Екранот за инструментите е исто супер, многу лесен за читање и исто со пријатна графика, како и многу различни конфигурации. Имате и три различни стилови на инструменти, и тоа е вклучително со тоа што им се менува изгледот кога ќе го смените режимот на возење. Само би сакал да имаше опција да се прикаже мапата за навигација, но таква опција нема, само компас.

Со поместување на рачката за менувачот во близина на воланот, се ослободи огромен простор меѓу седиштата, кој Hyundai го имаат соодветно искористено за простори за одлагање предмети, како и држачи за чаши. Рачката за менувачот е малку невообичаена, но откако ќе ја научите, ќе ви дојде природно.

Ultimate пакетот ви носи многу фини додатоци, како Krell озвучувањето и кожните седишта со греење и вентилација кои веќе ги спомнав, а на овој модел го имаше и панорамскиот сончев покрив. Автоматски клима уред, вградена навигација, електрично подесување на возачкото седиште со меморија, и секако, еден куп стандардни безбедносни системи.
На задната клупа имате многу простор, како што доликува за ваков SUV, а има и два приклучоци за полнење, грејачи на задните седишта, и секако, централна конзола со држачи за чаши. Багажникот нуди огромни 620 литри капацитет, повеќе од доволно за еден семеен одмор за кој што Tucson дефинитивно ќе се користи. Со спуштање на задните седишта добивате 1.799 литри.

Како што спомнав погоре, ова беше моето прво искуство со тековнава генерација на Tucson. Верувам дека знаеме сите, но овој модел многу добро пројде на нашиов пазар, и е еден од најпродаваните модели од портфолиото на Гранд Ауто. Откако поминав неколку дена со него, апсолутно ми е јасно зошто. Исклучително способен C-SUV кој балансира разум, но и впечатлив и интересен дизајн.
Акциска цена на тестираниот модел (Ultimate 1.6 T-GDI 4WD) изнесува 44.100 евра.
За повеќе информации, посетете го продажниот салон на Гранд Ауто.
НОВОМултиенергетски пристап, нови модели кај секој бренд и засилени стратешки партнерства.
НОВОRAM 1500 Rumble Bee e street truck со до 777 коњи!

Ford подготвува седум нови модели за Европа до 2029, и пет од нив се патнички!