Во тековнава деценија, мислам дека сите ќе се сложиме дека се случија некои од најголемите промени во светот на електричните автомобили. Нови архитектури, нови технологии, вакво полнење, такво полнење, и што ли не. Кога има вакви големи промени и подобрувања, паметно е да се сетиме на основоположниците. Дури и да не беше прв, субјектот на денешниот тест беше меѓу првите со технологии и други карактеристики кои се многу актуелни и до ден денес, а сето тоа го пакува во еден од највпечатливите дизајни деценијава.
Ајде да видиме…

На тест кај Korrmotive пристигна Hyundai Ioniq 5, со Ultimate пакет на опрема и врвната комбинација на мотор и батерија, како и оваа многу интересна Shooting Star Gray матирана сива боја. Ова беше првиот електричен модел на Hyundai поставена на новата E-GMP платформа, развиена исклучиво за електрични возила.

Уште на прв поглед може да се забележи една работа што Ioniq 5 ја донесе кај електричните автомобили која е сѐуште актуелна – ретро дизајн. Првите темели за дизајнот на Ioniq 5 беа поставени од Concept 45 моделот, кој сам по себе беше инспириран од првиот сериски модел на Hyundai, Pony.

Освен острите ретро линии, друга доминантна тематика во дизајнот на Ioniq 5 се пикселите – ги има на повеќе места, по готово во светлосните групи. Искрено, уште кога излегоа првите фотографии, дизајнов ми беше хит, и тоа е и понатаму случајот.

Јас сум лично поголем фан на матираната бела боја, но и вака изгледа интересно. Ultimate пакетот доаѓа стандардно и со овие 20-инчни тркала, и овој дизајн мислам дека најмногу го личи. Да, достапни се и други, ама не се до толку впечатливи како и овие.

Една работа што можеби не е одма јасна за Ioniq 5 кога го гледате на фотографии е неговата големина. Да, личи на хечбек од пред четириесетина години, но ова е всушност кросовер од C сегментот, релативно блиску со Tucson во димензиите. И да, иако не е баш многу оддалечен од тло, и украсните пластики на овој модел се во сива боја, сепак се работи за кросовер. Од Hyundai истакнуваат дека ова е C-SUV со простор внатре како модел од D сегментот, ќе дојдеме и до тоа. Сѐ на сѐ, ќе бидам краток – дизајнов растура.
А што го движи Ioniq 5?

Тестеров е со врвната комбинација; два електромотори (и погон на сите тркала), по еден за секоја оска, како и големата батерија од 77.4 kWh. Достапна е и верзија со еден мотор и заден погон, а можете и варијантата со два мотори да ја комбинирате со помалата батерија од 58 kWh. Вкупниот системски износ на врвнава изведба е 305 коњи, а 0-100 е 5.2 секунди!
Според WLTP, дометот на струја е 460 километри во комбинирано возење, но ќе дојдеме и до тоа. Да навлеземе во искуството зад воланот на Ioniq 5, почнувајќи од град.

Навистина немам лош збор да кажам. Многу пати сум кажал дека електричен автомобил е права работа за во град, и тоа апсолутно важи и тука. Тргате секогаш први, што значи дека нема да имате проблем со непријатни учесници во сообраќајот кои не би ве пуштиле да се престроите. Тивко, мирно, респонзивно и, и ова беше најизненадувачки, многу удобно. Електричните автомобили често знаат да бидат малку покрути, но Ioniq 5 воопшто не е — суспензијата е многу мека и многу добро апсорбира дупки, и покрај тоа што беше на 20-инчни фелни.

Маневрирањето е изненадувачки лесно, со оглед на тоа дека Ioniq 5 е доста голем и има масивно меѓуоскино растојание. Сепак, мислам дека би било добра финта ако се нудеше некакво управување на задната оска. За паркирање е исто лесно, а тука се и системот од камери и сензори да помогнат, но не е само тоа. Ioniq 5, барем во овој Ultimate пакет, исто има многу добра финта — можете да го поместите напред или назад само преку далечинскиот клуч, без воопшто да влегувате внатре! Не само што ова е корисно ако сте во многу тесно паркинг место, многу е корисно ако сакате да правите финти на вашите блиски. :)
Една работа што би ја издвоил за искуството зад воланот е дека ќе треба да решите дали сакате максимално регенеративно кочење во Normal режимот на возење, или пак трето или второ ниво во Eco режимот. Комбинацијата на Eco режим и i-Pedal режимот за регенеративно кој, како што кажува името, овозможува возење со една педала, се некако чудни за навикнување. Треба да дадете повеќе од половина гас за да тргнете, и забрзувањето и респонзивноста е многу намалена. Затоа, или Normal + i-Pedal, или Eco + трето или второ ниво. Регенеративното се подесува со лопатките зад воланот.

Што се однесува до потрошувачката, ако си возите како што треба во град, можете да очекувате околу 15 kWh на 100 км. Со 77.4 kWh батерија, тоа испаѓа 516 километри досег. На отворено бројката е поблиску до 20 kWh, а тоа испаѓа 387 километри досег. Од тие две бројки, просекот (или аритметичка средина, за кој памти математика) е 451 км. Значи, дометот од 460 км во комбинирано возење е апсолутно достижен, но тоа не е целата приказна.

Ioniq 5 беше меѓу првите mainstream електрични автомобили со архитектура со 800V напон, двојно повеќе од индустрискиот стандард од 400V. Меѓу другото, ова значи многу брзо полнење; Ioniq 5 може да се полни на DC полнач до 350 kW, што значи 10% до 80% за само 18 минути, и околу 100 километри додаден досег за само 5 минути полнење. Ваквите полначи се доста ретки кај нас, но сепак, дометот е повеќе од доволен, и со оглед на тоа дека Ioniq 5 не е ниту мал, ниту лесен, а и не е најаеродинамичен, ефикасноста е изненадувачки добра. Ако имате можност да си поставите 11 kW полнач дома, полнењето ќе трае околу седум до осум часа.
За крај, уште една работа која Ioniq 5 ја популаризираше; двонасочното полнење. Vehicle to load, односно V2L, ви овозможува да ја користите високонапонската батерија како еден вид генератор — можете да приклучите електричен или електронски уред преку адаптерот кој се вклучува во приклучокот за полнење на возилото. Ова е добро за кампинг опрема, или пак, да кажеме, за правосмукалка доколку сакате да го исчистите гепекот.

За да го вклучите ограничувачот на брзина во Ioniq 5, го заддржувате заокруженото копче на воланот 2-3 секунди. Не е поврзано со системот за препознавање знаци, сами си го подесувате ограничувањето. Лесно и едноставно, и си работи ефективно.
Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

За возењето на автопат немам лош збор. Нема звук од мотор, секако, и Michelin Pilot Sport EV гумите одлично си се покажаа, иако асфалтот по автопат не е секогаш идеален кај нас. На 120 км/ч, единствено нешто што се слуша во кабината е звукот од ветерот, но никогаш не засмета. Сѐ е стабилно, и забрзувањето на електричен автомобил со повеќе од 300 коњи е секогаш добредојдено кога возите на отворен пат. Адаптивниот темпомат исто беше одличен, но не успеав да го испробам системот за асистенција при престројување.

Што се однесува до динамичките способности, Ioniq 5 се однесува подобро од што би очекувале; има одличен фидбек од воланот, што ме изненади конкретно, и секако, поради ниското тежиште и ниско поставените батерии, доста е стабилен во кривини. Сепак, јасно е дека приоритет е дадено на комфорот отколку на динамичките способности. Не е лошо во никаков случај, меѓутоа, јасно е дека на Ioniq 5 повеќе му лежи да биде крузер, а многу го бива за таа работа.

Уште на првото влегување во Ioniq 5 веднаш се гледа дека некој навистина размислувал кога го дизајнирал ентериеров. Прво, како што гледате, на овој модел секој тапацир што го гледате на речиси сите површини е светла боја. Црна боја тука тешко да најдете, а во комбинација со панорамскиот сончев покрив, чувството е многу пријатно и светлината навистина го прави поубаво место за подобрување на време. Дури и ми подобри расположение неколку пати, а тоа ретко можам да го кажам за ентериер на автомобил.

Лево од дисплејот за инструментите имате магнетизирана табла каде што може да си поставите нешто да ви биде на дофат. Сега е сезона на годишни одмори, така да, можете да си ја употребите слободната волја и да си ставите магнет како за фрижидер тука. Зошто да не? Баш може интересно да изгледа.
Инаку, двата дисплеи се 12.3 инчи, и двата се јасни, со пријатна графика, и лесни за користење и конфигурирање. Инфозабавниот систем веќе го знаеме од други модели на Hyundai, со тоа што, нели, тука има и ЕВ функции како планирање на рута. За жал, Apple CarPlay не е безжично, ама си работеше одлично откако набавив кабел. Под екранот имате посебни контроли за климата и аудио системот, кој е инаку Bose и звучи одлично. Контролите за клима се осетливи на допир, што не сметаше толку, но ми фалеше физичко копче за вклучување на греење или вентилација на предните седишта.

Под контролите за климата гледаме една од другите одлични решенија на Ioniq 5; подот е целосно рамен и напред и позади, а централната конзола може да се лизга напред или назад, во зависност од тоа дали сакате да си направите повеќе простор напред и да го ослободите средното седиште позади, или пак да им овозможите на задните патници пристап до USB приклучоците на задната страна.

Без разлика каде ви е централната конзола, секогаш ќе имате пристап до држачите за чаши и наслонот за рака. Има и дополнително место за складирање долу, кое има доволно простор за чанта (проверено). Понатаму, уште два USB портови (сите се од постариот USB-A формат), како и безжичен полнач за мобилен. Безжичниот подобро ќе работи на поладно време, од моето искуство, но ја имате опцијата.
Панорамскиот покрив е огромен и навистина овозможува многу светло да влезе, но самото стакло не се отвара – само завесата. Исто имате и сино амбиентално осветлување, и да не ја набројувам опремата – сѐ што ви текнува и не ви текнува, како што често кажувам на таа тема.

Сѐ на сѐ, ентериерот е навистина многу добро смислен и, пак ќе кажам, светлината многу придонесува да биде уште попријатно место за поминување време. Квалитетот на изработка е исто одличен и многу премиум, единствено нешто што ми недостигаше е малку повеќе пиксел додатоци за да одговара со надворешноста. Има по некој детаљ тука и таму, но ќе беше малку поинтересно ако имаше малку повеќе. Освен централната конзола, има еден куп места за одлагање на предмети, и посебно ми се допадна тоа што народски го викаме касетата, простор за одлагање предмети пред совозачкото седиште – се отвора како фиока!

На задната клупа имате многу, многу простор, и за нозе и за глава. Тука меѓуоскиното растојание си го прави своето. Имате два USB приклучоци, мрежи за заштита од сонце, а ако средното седиште е празно, имате и држачи за чаши. Гепекот нуди 527 литри капацитет, и секако, имате простор под тепихот за кабелот за полнење, а со спуштање на задната клупа добивате 1.587 литри капацитет.

Да бидам искрен, сакав да седнам зад воланот на Ioniq 5 уште кога ги видов првите фотографии, а таа желба се зголеми откако видов што друго има да понуди, барем на хартија, освен ретро дизајнот. Откако го извозев Ioniq 5 неколку дена на домашна територија, само една реченица ми се врти во главата, и навистина нема подобар опис за овој автомобил освен – Колектив од одлични идеи.
Акциската цена на тестираниот модел изнесува 52.400 евра.
За повеќе инфо, посетете го салонот на Hyundai Македонија т.е Grand Auto.
