Hyundai Bayon влегува во втора генерација
На Саемот за автомобили во Париз, заедно со сосем новата генерација Tucson, Hyundai ја претстави и втората генерација на Bayon, најмалиот кросовер модел во понудата. Досегашниот Bayon е еден вид кросовер варијанта на i20 (се отвора во нов таб), a новата генерација се издвојува значително. Новиот Bayon е доста поголем, генерално за да го собере новиот погонски систем, и изгледа како уште посериозен конкурент во B-SUV сегментот.
Верувам дека забележавте, но моделот дебитира во поспортска N-Line изведба, со разноразни украсни спортски делови, уникатен дизајн на фелни, како и полиран издув позади. Можеме да го опишеме дизајнот како смален Tucson, само што има малку поинтрикатни детали, и не се ослонува толку на рамни површини.
На почеток ќе бидат достапни два турбо бензинци, и двата со 1.0 зафатнина и турбо. Основната варијанта има 90 коњи, додека посилната има 115 коњи, и двете се достапни или со 6-степен мануелен менувач и 7-степен DCT автоматик. Од идната година ќе се придружи и хибридна варијанта со 138 коњи и 6-степен DCT. Нешто слично како системот кај Kona Hybrid, а како што дознавме минатата година (се отвора во нов таб), тоа воопшто не е лоша работа.
Ентериерот има неколку интересни новости. Потсеќа на ентериерот на Tucson, како и i20 кој неоддамна беше претставен за бразилскиот пазар; двата екрани се поставени во еден широк панел, а под нив имаме вертикален распоред на контролите за клима уредот. Да, и понатаму се физички и посебни од инфозабавниот екран. Да се поклониме сите до земја за тоа! Хибридот ќе додаде и лопатки зад воланот за да го штелувате регенеративното кочење.
N-Line моделот добива малку поспортски седишта, како и уникатен волан со N знакчето во средина. Секако, има и широка лепеза на безбедносни системи, како и нови, занимливи технологии. Hyundai го истакнува Digital Key 2, што ви овозможува делумна контрола преку апликација за мобилен; отклучување и заклучување врати, како и стартување на моторот. Apple CarPlay и Android Auto се безжични стандардно, а ќе биде достапно и Bose озвучување со осум звучници.
Новиот Bayon ќе се склопува во фабриката во Турција, која е исто задолжена за Ioniq 3 и тековниот i20. Двата бензинци веќе се достапни во ЕУ, но ќе треба да чекаме до 2027 за хибридната варијанта. Засега нема инфо кога ќе пристигне кај нас – многу е веројатно дека сите варијанти ќе пристигнат кај нас догодина. Вака на прв поглед изгледа многу интересно. Секако, кога ќе биде возможно, Korrmotive ќе седне зад волан за да видиме што е што.
Слика 1 од 11



