Тестови

Volkswagen T-Roc

Марко Соколовски10 мин.До податоцитеДо фоткиДо оценката
Volkswagen

Кросовер моделите го доживеаа најголемиот дел од својот раст минатата денеција. Освен што тоа значеше големи промени кај сите брендови, значеше и создавање на кросовер или SUV верзии на добро познати модели. Некогаш ги делеа имињата, но некогаш не, но во секој случај, кросовер верзијата го зафаќаше истото место во понудата, само го следеше новиот формат кој стана хит кај купувачите.

Тоа беше случајот и со Volkswagen T-Roc. Првата генерација се појави во 2017 година, и беше кросовер еквивалент на легендарниот Golf. И покрај тоа што не го делеа името, и покрај тоа што Golf е еден од малкуте хечбек модели кој го преживеа транзициониот период, T-Roc за многу брзо време стана еден од најпродаваните модели на Volkswagen. Сепак, после скоро една деценија, конечно дојде време за темелно освежување за T-Roc. 

Втората генерација е сега тука. Ајде да видиме.

Korrmotive го тестира новиот Volkswagen T-Roc

Volkswagen

На тест кај Korrmotive пристигна новиот Volkswagen T-Roc, со доста накитен R-Line пакет на опрема, лајт хибрид погон, и оваа фантастична Canary Yellow жолта боја. Штета што оваа боја нема да биде којзнае колку популарна, бидејќи освен што изгледа многу кул, многу повеќе ги изразува сите новитети кај T-Roc што се однесува до дизајнот.

Volkswagen

А какви се тие новитети? Од напред имаме нови светла, кои се поврзуваат едно со друго преку light bar и осветлен Volkswagen знак. Оваа финта доаѓа со IQ.LIGHT светлата, кои овој модел секако ги имаше. Маската напред е исто многу поагресивна, и е сега ускладена со поголемите браќа на T-Roc, т.е Tiguan и Tayron. Од страна дефинитивно делува освежено, иако самиот профил и линијата на кровот се доста слични како претходната генерација. 

Volkswagen

Има смисла тоа; како што знаеме, не бива од корен да се менува формула што е толку голем хит со клиентите. Позади имаме вдлабната петта врата, уште еден light bar со осветлен VW знак (дел од IQ.LIGHT), како и T-Roc значката која е и понатаму во средината на петтата врата, но е испишана во друг фонт. Конкретниов T-Roc дојде со црни 19-инчни фелни наречени York, но достапни се и други дизајни со димензии до 20 инчи.

Volkswagen

Димензии

Должина
4.37 м
Ширина
1.83 м
Висина
1.57 м
Маса на празно возило
1460 кг

Дизајнов е супер. Мислам дека VW на одличен начин балансирале еволуција на воспоставен облик, но и го довеле во склад со другите SUV модели, и општо со својот целокупен дизајнерски идентитет. Дефинитивно има потенцијал да заврти погледи, по готово во оваа боја. Пак ќе кажам, многу веројатно оваа боја ќе биде ретка на нашиве улици, но вреди човек да направи храбар потек со некоја ваква боја.

А што го движи T-Roc?

Технички податоци

Според производителот

Мотор
1.5 eTSI турбо бензин, лајт хибрид
Моќност
150 КС
Менувач
7-степен DSG автоматски
Погон
Преден
Багажник
475 л

Еден малку поинаков лајт хибрид

Volkswagen

Понудата на мотори и менувачи кај T-Roc е значително поедноставена; сега има само еден, а тоа е 1.5 лајт хибрид eTSI бензинец со 115 или пак 150 коњи, а 7-степен DSG автоматик е единствената опција за пренос; дизелските мотори и мануелните менувачи си заминаа од понудата. Моментално е достапен исклучиво преден погон, а мислам дека го чуваат погонот на сите четири за T-Roc R. Да, и тоа ќе има.

Volkswagen

Освен тоа, T-Roc, заедно со Golf, ќе бидат првите модели на Volkswagen со новиот самополнечки хибриден погон, но тоа ќе го видиме понатаму. Да се фокусираме на овој модел сега, кој инаку е појакиот со 150 коњи.

Volkswagen

Сум имал шанса и претходно да го испробам eTSI, и приказната е малку поразлична од типичен лајт хибрид. Кај повеќето лајт хибриди, моторот се гаси на брзини помали од 20 км/ч, а понекогаш и помалку од 10 км/ч, со цел, нели, да се заштеди гориво. Кај eTSI во T-Roc моторот може да се изгаси на било која повисока брзина доколку ја пуштите гаста некое време, да речеме ако успорувате за семафор од малку подалеку и не користите кочница, моторот ќе се деактивира целосно. 

Volkswagen

Секако, се вклучува за да го намали степенот на пренос, но бидејќи пооддамна возев нешто со eTSI, имав заборавено дека функционира на овој принцип, и ова е одлична идеја. Освен тоа, нема класичен звук на верглање кога ќе го притиснете старт копчето – едноставно се вклучува моторот директно. Океј, расчистивме за принципот на работа на eTSI, да преминеме на главното, започнувајќи со возење во град.

Volkswagen

T-Roc навистина се чувствува како дома во град. Горенаведената финта со eTSI е навистина ефективна, и одлично влијае на потрошувачката, а и општо придонесува целото искуство да е многу тивко со релативно малку звуци на мотор. Суспензијата е изненадувачки удобна и покрај големите фелни и нископрофилните гуми.

По некоја од поголемите дупки се чувствуваат, да, но генерално самото потпирање е прилично меко. На ова придонесуваат уникатните R-Line седишта, кои се малку погабаритни од регуларните, и според мене се фантастични, и многу блиску бев да кажам дека R-Line опремата вреди само за нив.

Volkswagen

Прегледноста е добра и напред и позади, и А-столбовите беа прилично тенки, значи и крстосници нема да се проблем. Паркирање и маневрирање е лесна работа, сепак не станува збор за особено голем автомобил, а тука се и сензорите и 360-степенскиот систем на камери кои ги имаше овој модел. 

Единствена забелешка што се однесува до градското возење е системот за предупредување за сообраќај позади, т.е rear cross traffic alert. Бидете спремни доколку има било какво движење позади вас кога возите во рикверц, бидејќи системот ќе ги аплицира кочниците со максимална јачина, и може малку да ве исплаши. Да се разбереме, системот сам по себе е одлична идеја и може да ве извади од многу непосакувани ситауции, но треба да си бидете спремни. 

Volkswagen

Што се однесува до потрошувачката во град, успеав да ја симнам и пониско од 8те литри кои ги цитира Volkswagen – некогаш се симнуваше и под 7 литри, а на отворено можете да очекувате нешто помалку од 6 литри. Добри бројки, особено бидејќи хибридната асистенција е само при успорување и на пониски брзини, додека држите на гас си работи моторот цело време.

Safe City

Volkswagen

За да го вклучите ограничувачот на брзина кај T-Roc, прво го притискате копчето MODE на левиот крак на воланот, сѐ додека не го одберете Speed Limiter режимот. После тоа, можете да го подесите со копчињата SET и RES, и може или да се раководи според сообраќајните знаци, или пак да ве ограничи на брзината со која патувате во тој момент. Едноставно и лесно.

Korrmotive им порачува на читателите да ги почитуваат правилата на Safe City, ограничувањата на брзина и законските прописи без разлика каде возат.

Автопат и динамички способности

Volkswagen

На автопат искуството исто беше одлично. Hankook Ventus Evo гумите на овој модел се покажаа одлично, имаше многу малку генерални звуци и бучава. Минимален звук од ветер, ама навистина минимален.

Volkswagen

Овој пат поминав доста повеќе време на автопат од вообичаено, и имав одлична прилика да го испробам и адаптивниот темпомат; имаше дружина од моторџии кои константно ја менуваа брзината и разменуваа искуства, и за среќа, адаптивниот темпомат детектира и мотоцикли, и одлично се адаптираше со невообичаената ситуација.

Volkswagen

Навистина му лежи на T-Roc да биде автопатски крузер. Освен адаптивниот темпомат, има и Highway Assist, кој асистира со самото управување и ја следи самата форма на патот. Со други зборови, опуштено. Рацете на волан и погледот низ шофершајбна во секое време, да, но навистина е опуштено.

Volkswagen

Во кривините е јасно дека T-Roc повеќе приоритизира комфор отколку динамика. Безбедно и сигурно влегува во кривини, и има изненадувачки добар фидбек од воланот, но има минимално навалување. Приоритетот е ставен на сигурност и компетентност, наместо на забава, но тоа воопшто не е лошо. Исто така, само пофални зборови за IQ.Light адаптивните LED светла.

Сѐ на сѐ, T-Roc се покажа одлично во секоја средина со која беше соочен.

Подобрување на ентериерот со секоја итерација

Volkswagen

Ентериерот на новиот T-Roc е значителна промена во однос на претходната генерација, и сега е во склад со повеќето други модели од понудата на Volkswagen. Знаеме сите дека првата изведба на овој ентериер имаше некои маки со софтверски багови и ергономија, но можам да кажам дека сето тоа е сега испеглано и средено. Прво, како што можеби забележавте, нема веќе контроли на воланот осетливи на допир; сѐ е вистинско копче.

Volkswagen

Во средина имаме 12.9-инчен екран за инфозабавните соддржини, кој работи на најновиот софтвер на VW. Имаше многу поплаки за првата генерација на софтверов, но сега приказната е друга. Многу помазен, со поубави анимации, повеќе опции, и далеку пореспонзивен. За жал, T-Roc не ги фати новите физички контроли за клима уредот, но тие се секогаш на долниот дел од екранот, и ги има слајдерите осетливи на допир за температурата, кои работеа подобро од што очекував, само би сакал пак да имаше некаков хаптички фидбек. И да, Apple CarPlay си работеше одлично без кабел.

Volkswagen

Централната конзола е многу исчистена, бидејќи сега селекторот за менувачот е преместен покрај воланот, а тука е и познатото дигитално тркалце на Volkswagen кое подесува јачина на музиката, но ако го притиснете, можете да го смените режимот на возење. За сите оние VW фанови на кои им недостасува стариот инфозабавен систем кој покажува повеќе информации кога ќе го доближите прстот, таа финта ја има сега на тркалцето. :) 

Volkswagen

Има и безжичен полнач за мобилен, но би сакал да имаше некакво мало вентилаторче под него, бидејќи доста многу ми го загреваше телефонот. Секако, имате и USB-C прклучок за old school начин на полнење. Како поранешен сопственик на Volkswagen, морам да кажам дека многу ми недостасуваше подесивиот наслон за рака во централната конзола, кој секако го има тука.

Volkswagen

R-Line доаѓа со прекрасни седишта обвиени во кожа и алкантара; исклучително удобни и со многу латерална поддршка. Достапни се и целосно кожни седишта со греење и вентилација (тука имаше само греење), како и Harman/Kardon озвучување за мераклиите, но и обичното озвучување кое го имаше тука си беше одлично.

Volkswagen

Овој модел дојде и со 360-степенски систем на камери, како и панорамски сончев покрив, што навистина ја крена атмосферата. Има цела лепеза на безбедносни системи, некои од нив ви ги спомнав и погоре, како и сѐ друго што би очекувале. Квалитетот на изработка е, како што би очекувале, германски, и немаше некои којзнае колку тврди материјали, барем во видно поле додека седите зад волан.

На задната клупа има сосем доволно простор за еден мал кросовер, а секако, имате и приклучоци за полнење, како и централна конзола со држачи за чаши. Багажникот нуди 475 литри капацитет, а тоа е една од подобрите бројки во класата. Овој модел имаше и Easy Open; со ставање на нога под задниот браник, багажникот автоматски се отвара. Многу корисно ако, рецимо, сте натоварени со куфери или кеси. 

Volkswagen

Мислам дека Volkswagen направија одлична проценка со вторава генерација на T-Roc. Сѐ е познато, сѐ тоа што го направи толку популарен е тука, но сега со подобрувања во сите погледи. Подобра технологија, повпечатлив дизајн, повеќе простор, и сѐ на сѐ, навистина одличен пакет. 

Оцена на Korrmotive

Оцена 8.5 од 10

Познат, но со подобрувања во секој поглед

Почетна цена
€ 36.025
Цена на тестираниот модел
€ 49.403
Тестиран модел:
R-Line 1.5 eTSI 150

За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на Volkswagen Македонија (се отвора во нов таб).

Цените се точни од времето на објавување.

Ти се допадна?

Повеќе тестови

Сите тестови