Толту Моторс одбележа 15 години GWM во Македонија со премиера на ORA 5
Променет наслов и дел од соддржината поради ненамерна грешка. Се извинуваме.
Толту Моторс постои на нашиот пазар многу долго време, а приказната со Great Wall Motor т.е GWM започна во 2011 година, кога Толту стана генерален застапник за Great Wall Motor во Македонија. Еден од првите дистрибутери на возила од кинески бренд кај нас, и до ден денес опстојуваат и понатаму пишуваат успешна приказна.
Korrmotive присуствуваше на јубилејниот настан, кој беше одбележан, меѓу другото, со претставување на сосем нов модел за нашиов пазар; GWM ORA 5. За оние кои не се сеќаваат, пред GWM да ги унифицира своите модели со One GWM стратегијата, целосно електричните ретро модели го носеа името ORA. Да, со големи букви.
ORA 5 многу потсеќа на ORA 03, истиот дизајн е, само што ова е сосем поразличен автомобил. Додека 03 беше исклучиво електрична, ORA 5 нуди три опции за погонски систем; чист бензин, хибрид, и целосно електричен. Малку е повисок од 03, и се смета за кросовер, но морам да кажам дека дизајнов е навистина многу симпатичен.
Агресивноста е широко застапена во автомобилскиот дизајн, по готово во денешно време, и навистина е освежувачки да се види дизајн со помеки форми и ваква ретро инспирација, конкретно ретро инспирација која оди до малку подалечно време, 50те и 60те години од минатиот век. Кој го видел Nissan Figarо, ќе знае на што мислам.
Ретро инспирацијата продолжува внатре; има неколку хромирани детали, а има и опција за ентериерот со пепито дезен на контролната табла, како некое сако. Секако, да не ги заборавиме надворешните бои – белата изгледаше подобро од што очекував, но за мене фаворит е розевата.
Бензинската варијанта има 1.5 турбо мотор со 160 коњи, и тоа оди до предните тркала преку 7-степен DCT автоматик, а хибридот исто има 1.5 турбо спарен со мал електромотор и мала батерија, со вкупен износ од 223 коњи, кои исто одат до предните тркала преку DHT посветен хибриден менувач.
Друга многу важна работа за ORA 5 е кај ќе се склопува; првата тура е произведена во Кина, да, но од 2027 година од ново ќе стартира производството во фабриката на GWM во соседна Бугарија, конкретно Ловеч. Значи, ORA 5 ќе биде уште еден од растечкиот број на кинески автомобили што ќе се произведуваат во Европска Унија.
Цените почнуваат од 27.950 евра за бензинецот, а хибридот почнува од 30.950 евра. Секако, ORA 5 ќе дојде на тест наскоро, па ќе видиме со што друго има да се пофали. Им го честитам јубилејот на Толту Моторс и на GWM, и им посакувам само успеси во иднина!
Слика 1 од 9



