Автомобилската индустрија поминува низ многу промени, и тоа мислам дека сите го знаеме. Да не ги повторувам, верувам дека многу од вас знаете што се случува, но сега има уште еден нов пресврт, и мислам дека овој може да е уште поголем од електрификацијата и останато.
Ајде да видиме…

Зошто е ова толку big deal всушност? Верувам дека сите знаете дека фокусот на автомобилските производители во изминативе мал милион години е на SUV модели. SUV моделите продаваат најмногу единици, и во многу случаи страдале регуларните модели во понудата на многу брендови поради успехот и потребата да се издвојат ресурси за SUV модели. Ford Fiesta и Focus, голем дел од моделите на Mitsubishi, Citroen C5 итн.
Работите сега се менуваат по малку, и имаме солидни докази за тоа. Првиот доказ ни доаѓа од Ford. Не знам дали се сеќавате, пред неколку години Ford ги запре сите свои регуларни модели во Северна Америка освен Mustang, со цел да се фокусираат на пикапи и SUV модели. Тоа е сѐуште случајот; со исклучок на Mustang, Ford не нуди ништо што не е SUV или пикап.

Иронијата е што истово се случи и во Европа, иако Ford of Europe немаа таква намера првично. Focus си замина во ноември минатата година, и со тоа, ако не го сметаме Mustang, останаа само SUV модели, товарни комбиња, моноволумени базирани на тие товарни комбиња, како и Ranger; уште едно товарно возило.
Пред некое време, Џим Фарли, извршниот директор на Ford, изјави дека би сакал во иднина да се врати некој регуларен модел во понудата на брендот, барем во Северна Америка. Иако Ford се откажа од Fusion (Mondeo) и Taurus во САД и Канада, моделот и понатаму постои во Кина и во Блискиот Исток.

General Motors потврди дека ќе има нова генерација седани на нова платформа со заден погон, и освен нов модел на Buick, на новата платформа ќе бидат базирани и следната генерација Cadillac CT5, како и – и ова е најинтересното – нова генерација на Chevrolet Camaro.

Од сосема другата страна, со ELO концептот, Citroen јасно истакна дека би сакале да го вратат моноволуменот во понудата. ELO беше навистина освежителен концепт; освен што го имаше тој Citroen шарм што на сите ни е веќе познат, во секој поглед беше концепт за моноволуменско возило. Високи пропорции и место за шест души, и тоа на три седишта распоредени во два реда.
Од сето ова, се гледа дека авто индустријата и дел од клиентите се малку истоштени од SUV доминацијата која трае повеќе од една деценија. Дополнително на ова е коментарот од директорот на дизајн на Genesis, Лук Донкерволк, истиот човек кој ги проектираше Audi A2, Skoda Octavia итн., смета дека барањето за SUV модели малку ќе стивне, а со тоа ќе се зголеми барањето за други типови на автомобили.

Тоа е исто една од главните причини зошто Genesis не се фокусираат исклучиво на SUV модели, нешто што е јасно кога ќе ја видите нивната понуда на модели, и на тоа додаваат концептите за суперавтомобил и брз караван.
Најновото нешто поврзано со темава е истражување спроведено во Америка од страна на Escalent, каде што испитаниците биле млади луѓе (од Генерација Z, како вашиот автор). Целта било да се открие каков тип на возило би претпочитале младите во Америка, и 51% одговориле дека би сакале седан, а 31% одговориле SUV.

Оваа деценија, мислам дека сите ќе се сложиме, е време кога повеќето Генерација Z луѓе се стабилизираат финансиски, барем доколку не се спречени од катастрофалниот пазар на труд, и веќе размислуваат за купување ново возило, но би биле соочени со многу мал избор на хечбек или седан модели.
Ако мене ме прашувате, и ова нема врска што и јас сум Генерација Z и како и да е претпочитам седани и хечбек модели, мислам дека до крајот на деценијава секој производител треба да, и многу веројатно ќе има барем еден седан во понудата.
Кросовер и SUV моделите доминираат веќе една деценија и повеќе. Да, таму се парите сѐуште, но полека доаѓаме до ситуација каде што на многу од клиентите им е малку здосадено, и би сакале да имаат опција за некаков караван и седан. Дури и Volvo, кои речиси целосно ги откажаа караван моделите, сепак се мислат за нивно враќање со тек на време.

Сѐ повеќе производители ширум светот исто почнаа да гледаат малку посериозно на хечбек моделите, или со план да ги вратат, или пак се свестуваат дека тоа е core дел од понудата, без разлика колку добро одат SUV моделите.
Citroen потврди дека следниот C4 ќе биде малку поразличен и речиси сигурно ќе биде покласичен хечбек, Alfa Romeo подготвува наследник на Giulietta, Peugeot 308 и Opel Astra и понатаму си се држат добро, а наскоро ќе имаме и C-сегмент хечбек опции од повеќе кинески производители, како што се Leapmotor B05 и BYD Dolphin G DM-i (на сликата под текстов).

Новото Renault Clio одлично се покажа, Dacia Striker е караван, итн. Можам уште многу да набројувам, но накратко, целата автомобилска индустрија полека се свестува дека иднината каде што буквално секој возач седи зад воланот на нешто со високо растојание од тлото и украсни црни пластики не е баш идеална.