Иако не помина многу време откако Renault 5 E-Tech пристигна на пазарот, веќе е време за едно мало ажурирање. За моделска година 2027, Renault подготви неколку мали новитети. Ајде да видиме

Ајде, едно по едно. Новата црвена боја се вика Flame Red, и изгледа многу интересно. Во принцип не сум некој фан на црвени автомобили, но на фоткиве изгледа супер, и оригиналната Renault 5 исто изгледа одлично во црвена боја. Понатаму, ќе има опција за Warm Titanium боја на фелни, или народски кажано, бледо златна. Ако ја искомбинирате со металик сината боја, Renault 5 E-Tech го облекува својот Clio Williams костум за Halloween. Шеги настрана, ова е нешто што не го гледаме многу често во овој сегмент, така да, секоја чест.

Понатаму, зголемениот опсег. Варијантата со 120 коњи и 40 kWh батерија сега може да помине 315 км, во споредба со 312 км на досегашната. Поголемата батерија со 52 kWh, во комбинација со електромоторот од 150 коњи, сега може да помине 430 км, што е подобрување од дури 20 километри.

Исто така има новост околу основниот Five модел, кој инаку имаше многу мал електромотор со 95 коњи. Искрено, не ни знаев дека постои ваква опција додека не го прочитав соопштението, веројатно се работи за модел оптимизиран за флотна продажба. Моторот од 95 коњи си заминува, а на негово место доаѓа надграден електромотор со 110 коњи, сличен на оној кај новото Twingo E-Tech Electric. Се спраува со LFP (литиум-железо-фосфат) батерија со капацитет од 36.5 kWh, што овозможува опсег од 305 км.

Во ентериерот исто има неколку ситни промени. Multi Sense копчето повеќе го нема, бидејќи на негово место доаѓа Smart системот за режими на возење – автоматски го одредува режимот во зависност од тоа како возите. Секако, си стои опцијата сами да си одберете, само ќе треба да влезете во инфозабавниот систем или да го средите тоа со гласовна команда. Исто така, безжичниот полнач за мобилен сега го користи Qi2 стандардот, што значи магнет, а има и вентилаторче за да не прегрева. Кој користи безжични полначи веднаш ќе знае колку е тоа битно.

На крај, преку over-the-air ажурирање за инфозабавниот систем, ќе имате пристап до Gemini, ВИ асистентот на Google со кој ќе можете да разговарате. Ова ќе биде опционално доколку, како мене, избегнувате да користите ВИ. Освеженото Renault 5 E-Tech ќе биде претставено на Саемот за автомобили во Париз во октомври годинава. Засега нема информации кога би пристигнал кај нас.