Новитети

Peugeot го претстави RCZ Vision концептот

Марко Соколовски3 мин.
Peugeot

На овогодинешниот Саем за автомобили во Париз, Peugeot настапува со два концепт автомобили. Првиот е RCZ Vision, базиран на спортското купе кое се појави пред петнаесетина години, само целосно модернизиран, и со сосем нов погонски систем.

Peugeot

Пропорциите и препознатливиот обликуван покрив се исти како оригиналот, и тоа, според Korrmotive како огромен фан на RCZ, е многу добра работа. Предниот и задниот дел се сосем нови, со новите дизајнерски елементи кои ги видовме и на неколку други Peugeot концепти, како Polygon минатата година.

Peugeot

Да, некои од овие детали можеме да ги очекуваме на идните модели на брендот, но не верувам дека самиов RCZ Vision ќе влезе во производство, и покрај тоа што не би бил сам во сегментот на електрични спортски двоседи. Новава дизајнерска насока се нарекува Feline Future – мачкина иднина, и таа е изградена на пет основни темели; слобода, храброст, елеганција, внатрешна сила и инстинкт.

Peugeot

„Со RCZ Vision, даваме нова интерпретација на нашиот дизајнерски јазик, Feline Future. Создаден од тензијата помеѓу мачкината сила и прецизноста на материјалите, овој инстинктивен и сензуален дизајн ја користи технологијата за да ги засили емоциите и задоволството во возењето“ – изјави Матијас Хосан, директорот на дизајн на Peugeot. 

Peugeot

Во меѓувреме, ајде да видиме што се случува со технологијата и погонот, за да видиме што можеме да очекуваме. Првата важна новост е цврстата т.е solid state батерија. Многу производители експериментираат со овие батерии сега, и јасно е дека целата работа оди во тој правец; цврстите батерии имаат многу подобра енергетска густина од литиум-јонските, и бидејќи се цврсти, не користат електролити. 

Не знам дали сте знаеле, но како што типичната литиум-јонска батерија поминува низ циклуси, во течните електролитите се појавуваат депозити, нешто како бигор на чешма, и со тек на време, се намалува векот на батеријата. Ако нема електролити, нема депозити, а тоа значи подолг век.

Батериите се развиени во соработка со Factorial Energy, компанија во која Stellantis има 9% удел. Со тоа, можеме да очекуваме цврсти батерии во Peugeot модели во следниве неколку години. Самата архитектура е со напон од 1.000V, и батеријата може да се наполни од 10% до 80% за само 10 минути. RCZ Vision има 500 коњи и погон на сите четири тркала, така да, нема шега тука.

Peugeot

Ентериерот е другиот главен фокус на иновациите. Повторно го гледаме Hypersquare, правоаголниот управувач кој ќе го видиме за многу брзо – според Peugeot, управувачот кој го користи RCZ Vision е токму тој кој ќе го видиме во серискиот Е-208 идната година. Управувањето ќе биде целосно електронско, т.е steer-by-wire – нема никакво физичко поврзување со предните тркала, сѐ се одвива електронски. Истото важи и за кочниците; нема физичко поврзување со педалата, целосно електронски е и тој дел.

Peugeot

Верувам дека забележавте дека сите екрани во ентериерот се проѕирни, и Peugeot ветува многу високо ниво на персонализација, како и опцијата целосно да се изгаси екранот за да може да се фокусирате и да уживате во возењето. Стварно изгледа интересно ентериерот, но мислам дека за некои работи тука е навистина премногу рано, по готово за проѕирните екрани. Исто така, би сакал да дадам фидбек на дизајнерскиот тим на Peugeot; сите согледаа дека е многу паметна одлука да се вратат повеќе физички контроли во ентериерите, така да, тоа е исто нешто што би сакале да го видиме од идните модели :) 

Peugeot

Peugeot RCZ Vision многу веројатно нема да влезе во сериско производство, но многу од занимливостите кои ги има, како што спомнав, ќе ги видиме во следниве неколку години во други модели на францускиот бренд. Во меѓувреме, RCZ Vision ќе биде изложен на штандот на Peugeot од 12.10 до 18.10 на Саемот за автомобили во Париз.


Ти се допадна?

Повеќе новитети

Сите објави