Fiat Grizzly – Објавена првата фотографија
Пред извесно време ви кажував за новата стратегија на Stellantis, и спомнавме дека еден од малкуте брендови кој имаше што да покаже со своите ветувања беше Fiat. Конкретно станува збор за Grizzly, а сега ја објавија и првата фотографија па… ајде да видиме за што станува збор.
Ова се Fiat Grizzly близнаците
Зошто близнаците? Бидејќи освен што ќе се нуди класична варијанта на Grizzly (синиот), ќе се нуди и Fastback варијанта (бронзениот), т.е купе SUV. Fiat веќе подолго време нуди модел наречен (само) Fastback во Јужна Америка, и сега конечно и ние европјаните ќе добиеме нешто слично.
Со Grizzly, Fiat ја проширува својата понуда, и како што тие самите велат, ова ќе биде семеен SUV фокусиран на value. Мислам дека некои од вас веќе забележавте, но Grizzly ќе биде поставен на Smart Car платформата, и ќе има доста заедничко со Citroen C3 Aircross. Во понудата ќе има секаков вид на погонски систем, од бензин до струја, двата модели ќе бидат околу 4.5 метри долги, и Fiat ветува најдобар багажен простор во класата. Освен тоа, како што велат во соопштението:
Освен нивните контрастни карактери, Grizzly и Grizzly Fastback ја имаат истата цел; да го подобрат искуството во автомобилот преку квалитетни ентериери, внимание кон деталите, и технологии дизајнирани да го поедностават секојдневниот живот.
Инаку, иако ова не ја засега Европа, сепак е интересна информација; Grizzly ќе стигне и до Америка и Канада со Chrysler знак. Искрено, не очекував дека Smart Car платформата воопшто ќе се размислува за тие пазари, и многу ме интересира како би изгледало тоа.
Засега, немаме други фотографии или информации. Единствено е потврдено дека Grizzly ќе се нуди во Европа, Блискиот Исток и Јужна Америка, и ќе дознаеме повеќе информации во втората половина од 2026. Со оглед на тоа дека кај и да е започнува втората половина, мислам дека во следниве пар месеци ќе добиеме уште информации.



