Citroen го враќа Спачек! Претставен 2CV Concept
Citroen 2CV, на Балканот познат како Спачек, ќе се враќа во 2028 како ефтин и достапен електричен автомобил. Иако Citroen прво беа скептични за оваа одлука, сепак се решија да го оживеат овој легендарен модел, кој ја мобилизираше речиси цела Франција, а и голем дел од Балканот. Пред неколку месеци дознавме за овој план кога Stellantis објави детали за својата FaSTLAne 2030 стратегија.
На Саемот за автомобили во Париз беа претставени два концепти, едниот е модерна интерпретација на обичниот 2CV, додека другиот е базиран на 2CV Fourgonette товарната изведба.
Да започнеме од обичниот. Уште на прв поглед веднаш се гледа инспирацијата од оригиналниот Спачек; светлата, формата, кваките на вратите, линиите на тоа што би било хауба, како и дизајнот на фелните, кој е речиси потполно ист како оригиналот. Единствената истакната разлика што ја забележав е што задните тркала не се покриени. Малку ми е криво за тоа, сепак беше една од најпрепознатливите карактеристики на 2CV, но сепак, класичната форма и сите препознатливи детали се тука.
Еден занимлив детаљ за концептот е неговата должина; 3.76 метри, што го прави дури пократок од оригиналниот 2CV, а знаеме сите дека тоа не е баш голем автомобил. Одличен пример за бенефитите на целосно електричен автомобил базиран на посветена електрична платформа.
Можеби и забележавте дека има традиционални браници напред и позади, одвоени од самата каросерија, што ја поедноставува работата во случај на незгода.
Ентериерот е голем фокус за овој концепт; Citroen верува дека нема потреба од дополнителна технологија што потенцијално може да го направи искуството потешко за навикнување или користење; приоритет е ставен на технологија што го олеснува секое возење. Нема традиционална контролна табла, само еднокрак волан – заштитен знак на стариот 2CV – мал екран налик на таблет со графика инспирирана од стрипови, и мала палка за менувачот инспирирана од менувачот на оригиналниот 2CV.
Седиштата се буквално како тросед во дневна соба, исто така инспирирано од оригиналот. Сепак, наградата за најдобри ретро детали во ентериерот ја даваме на два конкретни; преградите во вратите наменети за чување јајца, инспирирано од тест што го помина оригиналниот 2CV за суспензијата, како и ретро радиото поставено на совозачката страна.
Личи на класичните AM/FM радио системи како што би имале на оригинален 2CV или нешто друго од таа ера, но исто така и крие Bluetooth звучник кој може да си го понесете. Секако, има и текстилен покрив кој целосно се отвора.
2CV Fourgonette концептот е генерално ист, само што задните врати и целиот заден дел општо се заменети со широк, правоаголен простор за товар, и има малку посмирена сива боја, во однос на портокаловата на другиот концепт. Засега не знаеме дали Fourgonette варијантата ќе дочека сериско производство, но со сигурност знаеме дека регуларниот 2CV ќе се појави околу 2028. Ќе се склопува во Европа и ќе ги исполнува сите критериуми за E-Car регулативите.
Тука доаѓа и најинтересниот дел; Citroen таргетира почетна цена од 15.000 евра за серискиот модел. Ако навистина им успее тоа, секоја чест. Самиот факт дека се таргетира таа цена и дека е возможно да се произведе електричен автомобил за таа цена говори за тоа дека Citroen оди во добра насока и приоритизира дел од пазарот на кој сѐуште треба многу да се концентрира индустријата.
Citroen 2CV Concept и 2CV Fourgonette Concept ќе бидат изложени на штандот на Citroen на Саемот за автомобили во Париз, кој се оддржува од 12.10 до 18.10.
Слика 1 од 9



