BYD Atto 8 претставен на Саемот во Париз
BYD влегува јако на Саемот за автомобили во Париз оваа година. Целата понуда на модели, со која што воедно влегоа и на нашиот пазар, е изложена, но двете главни новости се новиот знаменосец, како и Flash Charging технологијата.
Прво да го видиме Atto 8. Овој модел ќе биде на врвот на понудата на BYD во европските земји, директно над електричниот Sealion 7. Голем, импозантен SUV со должина од околу 5 метри, но сепак ги заддржува сите препознатливи дизајнерски елементи на BYD. Морам да ја издвојам и црвенава боја, навистина убаво го личи.
За разлика од некои од другите модели на BYD, Atto 8 ќе биде целосно електричен. Има две варијанти; 462 коњи и 365 Nm вртежен момент, со досег од 653 км со едно полнење според WLTP, што е навистина многу за еден голем SUV. Ако 462 коњи е малку, тогаш настапува Excellence AWD; два електромотори, погон на сите тркала и 775 коњи и исто толку вртежен момент. 0-100 кај овој модел е 4.6 секунди, а досегот според WLTP е сосема респектабилни 602 км. И двата модели користат батерија од 115 kWh, и тука е всушност најинтересниот дел.
Батеријата е од втората генерација Blade Battery на BYD, развиена целосно in-house; BYD не користи снабдувачи за своите батерии. Втората генерација на оваа батерија значи дека Atto 8 поддржува Flash Charging, т.е многу, многу брзо полнење. Ова се најновите полначи на BYD кои претходно беа демонстрирани неколку пати во Кина, а неоддамна, верувам дека некој од вас видел, имаше демонстрација и во соседна Србија. Flash полначите имаат моќност до 1.500 kW, и тоа значи дека се доволни само пет минути да се наполни батеријата од 10% до 70%. За да се наполни до 97%, потребна е цела вечност… од 9 минути. :)
BYD исто ветуваат дека полначиве си ја вршат работата и на -30 степени; 20% до 97% трае 12 минути. Знам дека ќе ве интересира, нормално, BYD полека започнува со поставување на овие полначи, и планот е да има околу 3.000 Flash станици за полнење на Стариот Континент до крајот на 2027 година. До тогаш верувам дека сите модели од европската понуда на BYD ќе добијат соодветни ажурирања, без разлика дали механички или софтверски, за да бидат спремни да се полнат на Flash полначите. Според видеата прикажани на премиерата на брендот на која присуствувавме, другите модели веќе поддржуваат Flash полнење.
Океј, назад на Atto 8. Ентериерот е класична BYD приказна, со речиси сите дизајнерски елементи заддржани, само има нов дизајн на волан, како и црвена кожа и тапацир на повеќе страни. Предните седишта и седиштата од вториот ред имаат греење, вентилација и масажа, a Atto 8 доаѓа стандардно со седум седишта и тризонска клима, значи сите патници ќе си бидат сместени и удобни. И со сите редови седишта, гепекот има 270 литри капацитет, а со сите седишта спуштени имате цели 1.960 литри на располагање, а имаме и дополнителен багажен простор под тоа што би било хауба, т.е frunk од 160 литри.
BYD Atto 8 ќе почне да пристига по салоните во Европа во првиот квартал од 2027. Засега нема информации кога би пристигнал кај нас и колку би чинел, но на прв поглед, Atto 8 изгледа како вистински знаменосец. Имам чувство дека со тек на време ќе се појави и плаг-ин хибрид / EREV варијанта, бидејќи тоа има многу смисла во оваа категорија на SUV, но за тоа ќе треба да почекаме малку сигурно.
Секако, штом Atto 8 стигне кај нас, Korrmotive ќе биде на терен.
Слика 1 од 7



