top of page

ТЕСТ: Volkswagen ID.4 Pro Performance

Writer's picture: Марко СоколовскиМарко Соколовски

Updated: May 21, 2023

Електричната револуција, како и астрономската популарност на SUV и кросовер моделите веќе се оддамна започнати. На сите ни е познато тоа, и полека но сигурно се движиме кон иднина каде што моторите со внатрешно согорување ќе бидат само еден дел од широката историја на автомобилите.

Долго време, многу брендови само експериментираа со електрични автомобили, пред да почнат сериозно да инвестираат во електромобилноста и во нови, засебни модели. Меѓу нив е и Volkswagen. Пред неколку години, експериментираа со првиот економичен суперавтомобил, плаг-ин хибридниот XL1, а потоа постепено испробуваа и електрични погони, со e-up! и e-Golf.

Мотаме до денес, Volkswagen се подготвува да го опколи пазарот на електрични автомобили со својата понуда, која што се збогатува многу брзо. Првиот уникатен електричен автомобил на VW беше ID.3, но сите знаевме дека SUV модел базиран на истата архитектура е неизбежен. Тоа е темата денес. На тест го имав новиот Volkswagen ID.4.


ID.4 е првиот електричен SUV на Volkswagen

Korrmotive

ID.4 прв пат се појави на пазарот пред неколку години. Пред да ја видиме сериската изведба, ги видовме I.D. Crozz концептите, кои ни покажаа што можеме да очекуваме од првиот електричен SUV на Volkswagen.

Каква е позицијата на ID.4 во гамата на Volkswagen? Според VW, ID.4 e направен „за милионите, а не за милионерите.“ Со други зборови, ID.4 е електричен SUV кој има задача да привлече секаков вид на купувач, без разлика дали се веќе сопственици на електрифициран автомобил или не, и без разлика на тоа дали имале досега искуство со електрифициран автомобил. Да објаснам на уште еден начин, ID.4 е електричен пандан на Tiguan.


Вториот VW модел поставен на скалабилната MEB платформа

Korrmotive

Додека горенаведените e-up! и e-Golf ја користеа истата платформа како регуларните изведби, ID.4 е поставен на првата скалабилна платформа на VW која е наменски направена само за електрични возила. Секако, се работи за MEB. Освен скалабилноста, MEB ги поставува сите свои компоненти многу ниско, што овозможува понизок центар на гравитација.

Бидејќи е скалабилна електрична платформа, и бидејќи компонентите се многу ниско, тоа им овозможува на VW максимално да го искористат просторот во внатрешноста. Можеби не делува така на фотографиите, но ID.4 навистина не е премногу голем автомобил. Само малку е подолг од Golf, и е неколку центиметри понизок од Tiguan.


Дизајнот на ID.4 е навистина на место!

Korrmotive

За своите електрични модели, Volkswagen креираа нова насока во однос на дизајнот. Тоа е веќе стандардна пракса во индустријата, и ID.4 изгледа уникатно и посебно во однос на моделите со внатрешно согорување кои ги нуди VW. Можам да кажам со сигурност дека ID.4 изгледа одлично.

Korrmotive

Предницата е дефинитивно впечатлива, со веднаш препознатлив светлосен потпис и белиот VW знак, детал кој е ексклузивен за VW моделите на батерии. Страничниот профил е исто многу впечатлив, како и задниот светлосен потпис. Уште еден карактеристичен детал на ID.4 се дефинитивно сребрените детали на кровот, како и аеро-фелните. Иако никогаш не сум бил огромен фан на црвени автомобили, Kings Red металик црвената на овој тестер навистина го личи.


Што велат перформансите на ID.4?


Korrmotive

На нашиот пазар, Volkswagen ID.4 е достапен исклучиво со една големина на батериска кутија, 77 kWh (нето). Два од достапните модели се со еден електромотор на задната оска, а другите два се со два електромотори и погон на сите четири тркала.

Овој тестер е ID.4 Pro Performance, кој користи единечен електромотор на задната оска, и испорачува 204 коњски сили. Забрзувањето до 100 км/ч е околу 8.5 секунди, а максималната брзина е ограничена на 160 км/ч.

Korrmotive

Претпоставувам дека многумина ги интересираат клучните прашања: колкав е опсегот што ID.4 може да го помине на струја, и за колку време се полнат батериите?

Според WLTP циклусот, ID.4 може да помине максимум од околу 520 километри со полни батерии. Таа импресивна бројка се однесува конкретно на Pro Performance моделот, како овој што го имав на тест.

Сѐ зависи од тоа како го возите, каде го возите, и што правите додека го возите. Со полни батерии, највисоката бројка што ја видов на патниот компјутер беше околу 400 километри. Доколку возите полека, и не го користите клима уредот констатно (верувајте ми, нема да има потреба), можете да се доближите до таа бројка релативно лесно.

Korrmotive

Што се однесува до полнењето, ID.4 можете да го наполните целосно на 11 kW полнач, како оние на ЕВН, за околу 8 часа, во зависност колку проценти останале во батериите, и колку може да прифати вградениот инвертер на ID.4.


ID.4 пријатно изненади зад воланот!

Korrmotive

Искуството зад воланот на ID.4 е навистина за пофалба. Ова беше мое прво искуство со електричен автомобил на подолг период, и можам да кажам дека сум пријатно изненаден. Во градски услови, ID.4 се чувствува како дома. Ентериерот е многу тивок, и управувачот е многу лесен за користење. Исто така е изненадувачки лесен за паркирање, бидејќи не е премногу голем автомобил, и тука се паркинг сензорите и камерата за возење наназад да ви помогнат. Овој модел имаше и систем за асистенција при паркирање, но за жал, кај нас тој систем е недостапен.

Korrmotive

Инстантниот одговор од електромоторот при забрзување е малку заразен на почетокот, и може да се најде во секакви ситуации. Сѐ на сѐ, ID.4 се чувствува сосема удобно да вози 50 км/ч во градскиот метеж. Режимот за регенеративно кочење е исто така измислен за градските услови. Освен што таа енергија повторно се враќа во батериите, навистина ви овозможува да го возите ID.4 со една педала повеќето од времето.

Korrmotive

На отворен пат, ID.4 исто така се покажа добро. Стабилноста и безбедноста при повисоки брзини се за пофалба, и дури и потенцијалната бучава од пневматиците и ветерот што се одбива од страните е на минимално ниво. Стандардниот адаптивен темпомат ќе ви го олесни возењето на автопат и на слични патишта.

Најголемото изненадување беше на пат со повеќе свиоци. ID.4 е изненадувачки забавен за возење, со оглед на тоа дека тоа не му е главната цел. Погонот на задните тркала, и минималното ниво на навалување поради нискиот центар за гравитација ќе ви стават насмевка на лицето кога возите во свиоци, и во ниеден момент не се чувствувате небезбедно или како ID.4 да не сака да го прави тоа. Погонот на задните тркала исто така ви дава сензација дека нешто ве турка надвор од свиоците, и поради инстантниот одговор при забрзување, веднаш можете да се извлечете од свиокот.


Ентериерот на ID.4 ја става технологијата на прво место

Korrmotive

Како што го личи еден електричен автомобил, ентериерот на ID.4 ја става технологијата на прво место, и дизајнот е доста футуристички и впечатлив. Екранот зад воланот е помал, но сепак ви ги прикажува сите најбитни информации. Веднаш до него е прекинувачот за брзината. Воланот е типичен VW, со контролите осетливи на допир на двата горни краци.

Korrmotive

Во средината на контролната табла е 10-инчниот Discover Pro инфозабавен систем, кој е исто така достапен во 12-инчна изведба. Ова е главниот контролен центар на ID.4, најголемиот дел од функциите ги пристапувате и менувате токму тука.

Ентериерот е навистина едноставен и лесно го навикнувате после одредено време. Инфозабавниот систем е лесен за користење и доста респонзивен, и секако доаѓа со вграден Apple CarPlay и Android Auto. Додека ја имате апликацијата за смартфон, двата се без кабел. Единствената забелешка што ја имав е дека премногу од функциите на автомобилот се контролираат преку инфозабавниот систем. Недостасуваат неколку физички контроли за одредени функции, како за клима уредот.

Korrmotive

Сепак, типично за VW, ергономијата е одлична, и подесувањата во возачката позиција се одлични. Интересен детал е дека ID.4 нема типично копче за старт/стоп на моторот. Има, но тоа е само за итни ситуации, инаку само седнувате, притискате на кочницата, ставате во D и можете да тргнете. За пофалба е и индукцискиот полнач за мобилен телефон, како и амбиенталното осветлување кое е достапно во цел спектар на бои.

Освен адаптивниот темпомат, ID.4 доаѓа со цела лепеза на безбедносни системи, вклучувајќи препознавање на сообраќајни знаци, препознавање на пешаци и предупредување пред потенцијална несреќа, систем за предупредување кога ќе ја напуштите сообраќајната лента, и систем за предупредување за замор кај возачот. Пофалби исто така за опционалното IQ.Light адаптивно надворешно осветлување, со асистенција за долги светла и Matrix технологија.

Korrmotive

Просторот на задната клупа е одличен, главно поради меѓуоскиното растојание и максималната употреба на просторот во внатрешноста. Багажниот простор ви нуди сосема добри 543 литри простор, кои стануваат 1,575 литри кога ќе ја преклопите задната клупа.


Каков е заклучокот за ID.4?

Korrmotive

За првиот електричен SUV на еден од најголемите автомобилски брендови во светот, Volkswagen ID.4 е навистина за пофалба. Впечатлив дизајн, одлична технологија, одлична практичност и изненадувачки добро искуство зад воланот. Со овие добри квалитети, не е ни чудо што ID.4 е толку популарен ширум светот, и што беше изгласан за Автомобил на годината во Европа за 2021 година. Заслужено.


ОЦЕНА: 8/10


Цената на тестираниот модел е 62,820€. За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на Volkswagen Македонија.

ДАЛИ ЗНАЕВТЕ?

Првиот SUV концепт на Volkswagen беше Magellan, и тој го најави пристигнувањето на првата генерација Touareg.

Volkswagen


© 2024 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page