top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

ТЕСТ: Ssangyong Korando 1.5 T-GDi Entry

Updated: May 21, 2023

Стара школа не значи и лоша школа.

Не е тајна дека живееме во транзициски период на автомобилската индустрија. Сите го знаеме тоа, и го гледаме во речиси секој аспект. Вниманието на сите е фокусирано кон електрификацијата, како и доминацијата на SUV моделите на пазарот, особено откако купувачите се изјаснија за нивната преференца кон тој тип на возило.

Во овој интересен период за индустријата, ретко се наоѓаат истакнати примери за модели кои се држат повеќе на старата школа. Иако голем дел од купувачите полека ги прифаќаат големите промени во сите аспекти на новите возила, голем дел исто така би сакале нешто што делува познато; да е модерно, впечатливо, но и да не е преполно со најновите технологии до степен каде што е тешко да се снајде.


Одличен пример за SUV кој е припадник на старата школа е токму Ssangyong Korando, субјектот на првиот тест на Korrmotive.


Да видиме со што има да се пофали Korando…

Korrmotive

Да започнеме со една лекција по историја. Korando за прв пат се појави на пазарот во 80-те години од минатиот век, и водеше доста голема инспирација од теренците кои се употребуваа на глобално ниво за време на Втората светска војна.


Првиот Korando изгледал вака!

Wikimedia Commons

После извесен период, Ssangyong Korando се трансформираше во малку помодерен теренец, околу периодот кога брендот почна повеќе да се појавува на европскиот пазар. Патем, името Korando е кованица од „Korea Can Do,“ односно, „Кореја може.“


Германски агрегат на платформа на пикап, со поголем фокус на рафинираноста и комфорот.

Ssangyong

По 2006 година, Korando направи пауза, сѐ до 2010 година кога повторно се врати на сцената како компактен SUV, со што влезе во конкуренција во сегментот кој во тој период полека, но сигурно се издигнуваше, и денес е на врвот на пазарот.

Мотаме до денес, кога Korando е технички четврта генерација, односно втора генерација на својата компактна SUV форма.


Тековниот Korando е на пазарот од 2019 година

Korrmotive

Малку да позборуваме за „мојот“ тестер. Овој Korando го носи Entry нивото на опременост. Како што алудира името, ова е основното ниво за Korando, а над ова ниво има уште три: Digital, Business и Ultimate. Опционална опрема на овој модел вклучува соларна заштита на предните прозори, затемнети задни прозори, како и белата боја на каросеријата.

Ретко се среќаваме со SUV модели кои изгледаат како Korando во своите основни форми, но тоа апсолутно не е лоша работа. Korando не се труди премногу присилно да изгледа на еден или друг начин, едноставно е стокмен и пристоен дизајн, изгледа модерно и практично. 17-инчните тркала на овој модел се во чиста сребрена боја, што е исто така реткост денес. Изгледаат одлично, и белата боја на каросеријата навистина го личи.

Што се однесува до агрегатот, кај Korando се достапни два четири-цилиндрични мотори. Да, навистина. Нема хибрид, нема лајт-хибрид, нема електрични мотори и батерии (барем не на нашиот пазар). Тркалата на овој Korando (само предните, но може и сите четири) ги придвижува 1.5-литарски турбо бензинец со 163 коњски сили и 280 Nm вртежен момент. Оваа сила пристигнува до тркалата преку 6-степен мануелен менувач, уште еден доказ дека Korando строго се држи до методите на старата школа. 6-степен автоматски менувач е исто така достапен, и е единствениот избор во другиот достапен агрегат, 1.6-литарски турбо дизел со 136 коњски сили и 300 Nm вртежен момент.

Korrmotive

Ако ме прашувате мене, бензинецот е вистинскиот избор за Korando. Навистина изненади овој агрегат со својата рафинираност, сила, и минимално ниво на бучава. И во градски услови, и на отворен пат, турбо бензинецот се покажа како одличен агрегат. Според WLTP циклусот, просечна потрошувачка кај Korando со овој мотор изнесува 7.6 литри на 100 километри.

Во период од околу 24 часа и комбинирано возење во град и на автопат, но претежно во град, измерив потрошувачка од 8.8 литри на 100 километри. Со оглед на тоа дека Korando не е „пердув“ во однос на тежината, и дека нема хибрид асистенција, тоа е сосема добра бројка.

Korrmotive

Пофалби исто така можам да искажам и за менувачот на Korando. Овој тестер го имаше стандардниот 6-степен мануелен менувач, но исто така е достапен и 7-степен автоматски. Ергономијата на рачката е одлична, како што е и дејството на менување брзини. На отворен пат, Korando нема никаков проблем со претекнување на поспори возила, дури и во шестиот степен. Во град, пак, е доста пријатен за возење, сите контроли се лесни, и бидејќи не е толку големо возило, не се чувствувате како да возите стан на тркала.

Korrmotive

Со други зборови, за градски услови, Korando е сосема прикладен и лесен за возење. Единствено нешто што би променил е додавање на предни и задни паркинг сензори како стандардна опрема на Entry. За среќа, не е толку лошо, бидејќи Entry доаѓа со стандардна камера за возење наназад, но поклопецот на моторот е доста долг, па понекогаш може возачот да наиде на потешкотии да одреди каде завршува предниот дел на возилото. Освен тоа, искуството зад воланот на Korando навистина пријатно изненади.

Иако ова е основниот модел, Korando Entry доаѓа со добра бројка на безбедносни системи како стандардна опрема. Предупредување пред потенцијален удар, како и систем за предупредување и оддржување на коловозната лента се стандардна опрема. Стандардна опрема се исто така темпоматот, и USB приклучок за мултимедија системот. Стандардниот аудио систем исто така се покажа добар, со јасна и чиста репродукција на звукот.

Korrmotive

Да преминеме во внатрешноста. Нека не ве плаши тоа што ова е основниот модел на Korando, бидејќи и овде бев доста пријатно изненаден. Квалитетот на изработка е изненадувачки добар, и пластиките меки на допир ги има на повеќе места отколку што би мислеле. Секако, има и некои потврди, но не и каде што би биле одма на поглед и дофат. Дизајнот на управувачот и кожата која го обвива е исто така за пофалба, и секако, тој е лесен за користење.

Најголемото изненадување во ентериерот на Korando е, повторно, негувањето на старата школа. Инструмент таблата, на пример, е целосно аналогна, и малиот екран во средината е класичен LCD кој прикажува само црна и бела боја. Инструментите се лесни и јасни за читање, и со копчето на управувачот со „документи,“ можете да менувате кои податоци ги прикажува екранот.

Korrmotive

Во средината го здогледуваме инфозабавниот систем. Всушност, подобар назив би бил мултимедија во овој случај, бидејќи на Entry моделот, екранот во средината може да ги прикаже само тие соддржини. Радио, Bluetooth, и поврзување со смартфон (Apple CarPlay, Android Auto). Во принцип, тоа не е и нешто лошо. Доколку слушате музика од вашиот смартфон, истиот може да ви покаже и насоки преку Google или Apple Maps. Секако, централниот дисплеј прикажува и што гледа камерата за „рикверц.“

Подолу од екранот се наоѓаат контролите за клима уредот. Ова е можеби најпогодно место за негување на старата школа, бидејќи во Korando, буквално сите контроли за клима уредот се физички копчиња и контролери. Овој модел немаше греење на предните седишта, но секако, тоа е достапно како опција. Можеби и нема да ви треба, бидејќи во студените јануарски денови кога го имав Korando на тест, греењето беше како фурна.

Секако, во централната конзола го имаме менувачот, некои од безбедносните системи како контролата за симнување по надолнини (HDC), и рачната сопирачка, која е механичка. Има доста простори за одлагање и криење на вашите предмети, и просторот за возачот и совозачот е сосема добар. Мала забелешка имам за сјајната црна пластика која целосно го покрива совозачкиот дел од контролната табла. Рефлексиите од совозачкиот прозорец може да пречат малку додека се навикнете, но за среќа, ќе се навикнете брзо.

Просторот на задната клупа е исто така солиден, а багажникот ви нуди 551 литри простор, што е одлична бројка за класата. Секако, дококлу ви треба повеќе, задната клупа е преклоплива. Во целост, ентериерот на Korando е одличен!


Каков е заклучокот за Korando?

Korrmotive

Честопати го слушаме терминот „стара школа“ во секојдневието. Кога се користи, скоро секогаш се мисли на нешто добро. Тоа важи и за Ssangyong Korando. Во време кога сите се натпреваруваат за хибридните погони и што е можно повеќе технологија, Korando нуди нешто посмирено и повеќе „олд скул,“ но сепак го нуди целосниот пакет што би го очекувале од денешен SUV. Иако Korando е несекојдневен избор за SUV, вреди да му дадете шанса. Нема да погрешите.


ОЦЕНА: 7.5/10


Цената на тестираниот модел е 25,600€. За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на Ssangyong Македонија.

ДАЛИ ЗНАЕВТЕ?

Иако Ssangyong се познати по своите SUV и пикап модели, oд 1997 до 2017 година, исто така го произведуваа луксузниот седан Chairman, кој се нудеше исклучиво на корејскиот пазар.

Ssangyong



Comments


bottom of page