top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

ТЕСТ: Peugeot 308 Hybrid 180 e-EAT8 Active Pack

Updated: May 21, 2023

Можеби нема да верувате, ама првите модели на Peugeot се појавија пред околу 130 години. Од тогаш до денес, сме виделе секакви видови на возила од францускиот бренд. Сите големини, сите форми, и многу видови на агрегати.

Љубителите на Peugeot, како и оние кои се запознаени со нивното историско портфолио на модели би се сложиле дека ако има еден вид возило за кое Peugeot ги бива, тоа се дефинитивно компактните модели. Уште од средината на XX век, Peugeot имаат компактен хечбек модел во нивната понуда, и отсекогаш имале да понудат добар дизајн, практичност, и добро искуство зад воланот.

ПРВАТА ГЕНЕРАЦИЈА 308 СЕ ПОЈАВИ ВО 2008 ГОДИНА

Peugeot

Повеќето Ц-сегмент модели на Peugeot почнуваа со бројот 3, а третата цифра одеше редоследно. 305, 306, итн. После 307, во 2008 година, на глобалниот пазар се појави 308, и таа бројка остана за уште три генерации.

Во 2021 година, конечно се појави третата генерација 308, со нов дизајн, нови технологии, и електрифицирани погони за прв пат во овој модел. Токму тоа е денешната тема. На тест го имав новиот Peugeot 308 Hybrid.

ТРЕТАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА ФРАНЦУСКИОТ Ц-СЕГМЕНТ ВОЈНИК

Korrmotive

Претходните генерации на 308 не беа достапни со никаков електрифициран погон. На сите ни е веќе познато дека електрификацијата на автомобилската индустрија е оддамна започната, и Peugeot исто така оди во тој правец, заедно со своите брендови-сестри од Stellantis.

Иако третата генерација 308 е достапна на македонскиот пазар веќе подолго време, ова беше прва прилика да седнам зад воланот на плаг-ин хибридниот модел, кој најмногу од сите ме интересираше уште кога излегоа првите фотографии и информации.

308 е дефинитивно Еден од најатрактивните модели во ц-сегментот.

Korrmotive

Малку вовед за тест моделот, како и за хибридната понуда на 308. Овој тестер го носи Active Pack нивото на опременост, кое во случајот на 308 e првото ниво. Придвижен е од послабиот хибриден погон, односно оној со 180 коњски сили. Olivine Green бојата на каросеријата е спектакуларна, и не се доплаќа!

Во понудата на мотори за 308, освен чисти бензински и дизелски агрегати, тука се и двата хибридни погони. Во принцип, двата се меѓусебно многу слични, бидејќи и двата користат 1.6-литарски турбо бензинец со четири цилиндри, како и електромотор кој добива струја од 12.5 kWh (нето) батериска кутија. Вкупниот системски износ е 180 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Сето тоа оди кон предните тркала, преку 8-степен автоматски пренос.

МНОГУ МАЛА ПОТРОШУВАЧКА И 60 КИЛОМЕТРИ ВОЗЕЊЕ НА СТРУЈА

Korrmotive

Посилниот хибрид ги користи истите компоненти, но системскиот износ е 225 коњски сили и 250 Nm вртежен момент.

Ќе претпоставам дека прашањето кое им е на ум на сите е колку може да помине 308 Hybrid со полни батерии, и колку време е потребно да се наполнат батериите целосно? Според WLTP циклусот, 308 Hybrid може да помине максимум 60 километри на електрична енергија кога батериите се полни.

Korrmotive

За жал, во периодот што го имав 308 Hybrid на тест, не успеав да ги наполнам батериите целосно. Се случуваат вакви ситуации со хибрид возила, но не е причина да се грижите, бидејќи 308 може да ве спаси во такви ситуации. Малку подоцна ќе видите на што се мисли.

Korrmotive

Колку време треба да се наполнат батериите целосно? Вградениот полнач на 308 Hybrid изнесува или 3.4 kW или 7.4 kW. Овој тестер го имаше послабиот вграден полнач, и со 11 киловатните полначи на ЕВН кои се достапни локално кај нас, успеав да додадам 8 километри возење за околу час и половина. Кога е сѐ во најдобри редови, батериите на 308 Hybrid се полнат целосно за околу четири часа, односно два часа, во зависност од тоа кој вграден полнач сте го избрале.

Официјалната потрошувачка според WLTP е само 1.1 литар на 100 километри. Тоа навидум се чини неверојатно, и би можеле да ја постигнете таа бројка, но само во апсолутно идеални услови. Секако, многу ретко ќе се сретнете со тие апсолутно идеални услови. Со комбинирано возење на струја и на бензин, очекувајте бројката да се движи во околината на 5 литри, а доколку го возите со празни батерии, во регионот на 7 литри на 100 километри. Одлични бројки.

Korrmotive

Ќе се вратиме на агрегатот и како тој се однесува малку подоцна. Да зборуваме малку за дизајнот на 308. Со сигурност можам да кажам дека третата генерација 308 е еден од најатрактивните модели во Ц-сегментот. Профилот и ставот во целост се доста мускулести и атрактивни, и карактеристичните дизајнерски елементи на Peugeot изгледаат подобро од било кога токму на 308. Лавовските заби на предните светла (испрекинати на Active Pack моделот) се лесно препознатливи, како и задните светла со трите LED линии. Сите светлосни групи се LED, и светлосниот потпис на 308 е навистина уникатен.

Korrmotive

Сѐ на сѐ, 308 дефинитивно врти погледи на минувачи, особено во оваа одлична боја. Се гледа дека Peugeot навистина се потрудиле во однос на дизајнот, и навистина заслужува еден аплауз. Многу пофалби исто така заслужува ентериерот.

ЕНТЕРИЕРОТ НА 308 БАЛАНСИРА КВАЛИТЕТ, ЕРГОНОМИЈА, И ДИЗАЈН

Korrmotive

Третата генерација 308 го дебитираше најновото издание на i-Cockpit на Peugeot, кој оваа година го прославува својот десетти роденден. i-Cockpit отсекогаш нудел малку поинаков пристап кон ергономијата и дизајнот. Воланот е поставен доста ниско, а инструмент таблата повисоко и подалеку од воланот. Како што би очекувале, инструмент таблата е дигитална, но во ова ниво на опременост недостасува 3D ефектот од повисоките нивоа.

Инструмент таблата ја менува бојата во однос на тоа дали сте во Electric, Hybrid или Sport режим на возење, и може да ви покажува различни податоци, како кој дел од хибридниот систем функционира во даден момент, музиката која ја слушате во моментот, и други информации. Во моделите со вградена навигација, можете да ја гледате мапата, но овој модел ја немаше.

Во средината на ентериерот стои инфозабавниот систем, кој меѓу другото има и Apple CarPlay и Android Auto поврзување (со кабел). Со инфозабавниот систем ви овозможува прецизно да го штелувате хибридниот систем, како и да ви покаже податоци и статистика за вашето возење и како да го подобрите.

Korrmotive

Тука можете и да го вклучите e-Save режимот, кој овозоможува бензинскиот мотор да работи континуирано кога батериите се при крај, со цел да се зачува што е можно повеќе од батериите. 8-степениот автоматски менувач го заменува „М“ режимот за мануелно менување на степените со „В“ режим.

„В“ е кратенка за Braking, и освен што го засилува сопирањето и ви овозможува да возите со само една педала поголемиот дел од времето, енергијата што би била изгубена при кочење ја враќа во батериите. Со овие два режими вклучени, би се изненадиле колку 308 може да зачува од електричната енергија.

На Active Pack моделот, под екранот се наоѓаат физички контроли за клима уредот. Ако мене лично ме прашувате, повеќе ми се допаѓа ова отколку i-Shortcuts кратенките на вториот дисплеј кој се наоѓа во истиов регион на повисоките нивоа на опременост. Климатската зона сеуште се подесува преку екранот, но останатото е со физички контроли.

Korrmotive

Дел од централната конзола е на малку повисоко ниво, што ги прави копчето за стартување, прекинувачот за менување на преносот, и прекинувачот за режимот на возење лесни за дофат. Сите три имаат одлична акција кога ги користите, а одма до нив се наоѓа голем простор за одлагање на вашите предмети. Преградите на вратите, како и фиоката на совозачката страна се исто така доволно големи за чување на сите дребулии.

Просторот на задната клупа е задоволителен, а на моделите со хибридниот погон багажниот простор изнесува 361 литри, односно 412 литри на нехибридните. Секако, задната клупа се преклопува, со што добивате 1,271 литар багажен простор. Доколку ви треба и повеќе простор, секогаш ја имате опцијата за 308 SW караван изведбата.

Korrmotive

Балансот на квалитет на изработка и вниманието кон ергономијата дефинитивно се забележуваат во најголемиот дел на ентериерот. 308 е навистина квалитетен производ во внатрешноста. Единствената мала забелешка е поставеноста на управувачот и инструмент таблата; во зависност од каде ќе го подесите воланот, може да ви го попречи прегледот кон инструмент таблата, но тоа не е и нерешлив проблем.

Една голема пофалба за ентериерот е изненадувачкиот недостаток на сјајни црни пластики. Секако, ги има на некои места, ама ни приближно толку колку што сме навикнати да гледаме денес. Накратко, ентериерот на 308 е навистина пријатно место за поминување време.

Korrmotive

Дојде време да зборуваме за динамиката. Мало потсетување, ова е 308 Hybrid со 180 коњски сили, кои ги создава 1.6-литарски турбо бензинец со четири цилиндри, и електромотор кој добива сила од 12.5 kWh батериска кутија.

Во градски услови, 308 Hybrid се чувствува како дома. Возењето во електричниот режим е речиси нечујно, и звучната изолација е исто така солидна. Во хибридниот режим, двата делови од агрегатот работат во тандем на најефикасен можен начин. Во превод, со малку „гас“ возењето е претежно на струја, но ако нагазите на гаста, се вклучува бензинскиот мотор со скоро инстантен одговор.

Korrmotive

На крај, во спортскиот режим, бензинскиот мотор работи константно, се отежнува (изненадувачки природно) серво асистенцијата при вртење, и преносот ги задржува степените на повисоки вртежи. Дури и на моментите кога ќе се вклучи бензинскиот мотор, преодот е скоро незабележлив, и бензинскиот мотор е тивок и доста рафиниран. На повисоки вртежи, звукот на моторот е изненадувачки добар!

Димензиите на 308 се исто така одлични за градските услови и метежот. Не се чувствувате како да сте во огромно возило, и доста е лесен за паркирање. Овој модел имаше само задни паркинг сензори, но тоа не е проблем, бидејќи лесно е да одредите каде се аглите и каде завршува предницата.

308 НАЈМНОГУ ИЗНЕНАДУВА СО СВОИТЕ ДИНАМИЧКИ СПОСОБНОСТИ

Korrmotive

На отворен пат, 308 исто така се покажа добро. Нема никаков проблем со претекнување возила и развивање брзина кога се приклучувате, а на отворен пат е пријатен за возење. Нивото на бучава е добро изменаџирано, и дефинитивно возачот се чувствува безбедно дури и на повисоки брзини.

За крај, да позборуваме малку за динамичките способности. 308 дефинитивно ќе ве изненади во овој поглед. Нема никаков проблем со свиоците, без разлика колку динамично го возите. Секако, хибридот е малку потежок од конвенционалниот модел, но ја крие својата тежина доста добро.

Korrmotive

Нема речиси никакво навалување при динамично вртење во свиоци, и агрегатот има повеќе од доволно сила да ве извлече од свиокот и да се вратите на истата брзина. 308 е навистина забавен за возење, без разлика на агрегатот, ама силата на хибридниот погон и скоро инстантниот одговор од педалата за гас дефинитивно му лежат. На кратко, без разлика каков возачки предизвик ќе му дадете на 308, тој ќе го совлада без никаков проблем.

КАКОВ Е ЗАКЛУЧОКОТ ЗА 308 Hybrid?

Korrmotive

Дефинитивно вредеше да се дочека третата генерација Peugeot 308, особено со новите електрифицирани погони. Во секој поглед, 308 е огромен успех за брендот, и еден од најдобрите конкуренти во Ц-сегментот. И покрај тоа што SUV и кросовер моделите го држат поголемиот дел од пазарот, модели како 308 докажуваат дека од Ц-сегмент хечбек моделите сеуште можеме да имаме големи очекувања, и истите да ни бидат остварени.

ОЦЕНА: 8.5/10

Цената на тестираниот модел е 43,550€. За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на Peugeot во Македонија.

ДАЛИ ЗНАЕВТЕ? Околу Втората светска војна, со цел да се справат со сериозниот недостаток на гориво, Peugeot создадоа електричен модел со називот VLV.

Peugeot


Kommentare


bottom of page