top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

НОВИТЕТ: Volkswagen го претстави ID.7

Updated: May 21, 2023

Електричната револуција на Volkswagen продолжува, и портфолиото на електрични модели на германскиот бренд се шири и понатаму. Пред неколку дена, Volkswagen го претстави новиот ID.7.

Volkswagen

Веќе долго време знаеме дека Volkswagen подготвува електричен седан модел, и сега знаеме дека ID.7 ќе биде електричниот знаменосец на брендот. ID.7 ќе им се придружи на ID.3, ID.4, ID.5, и ID.Buzz кон крајот на 2023 година на европскиот пазар. Volkswagen има план да претстави уште многу повеќе електрични модели, и до 2030 година да опколи 80% од пазарот за електрични автомобили.

ПРВИОТ ЕЛЕКТРИЧЕН volkswagen седан за глобалниот пазар

Volkswagen

ID.7 е првиот електричен седан на Volkswagen кој ќе се нуди на глобалниот пазар. На кинескиот пазар веќе неколку години се нуди електрична верзија од моделот Lavida, но ID.7 има мисија да го освои светот.

Дизајнот на ID.7 изгледа доста добро. Предниот дел е препознатлив, и е многу сличен со останатите електрични модели на Volkswagen. Најголемата разлика е во страничниот дел. ID.7 има класичен профил на седан, со доста наклонет кров кој овозможува коефициент на воздушен отпор од само 0.23 Cd.

Иако можеби не може да се забележи од фотографиите, ID.7 има петта врата, што по дефиниција би го направило фестбек седан.

Korrmotive

Задниот дел е исто така впечатлив, со споени задни светла и уникатен светлосен потпис. Инаку, во однос на димензиите, ID.7 е многу сличен со Passat. Многу е веројатно дека ID.7 ќе го замени Passat во гамата на Volkswagen во блиска иднина.

ID.7 ветува опсег од 700 км!

Volkswagen

Убедливо најважниот податок за ID.7 е ветениот опсег на струја. Volkswagen вели дека со полни батерии, ID.7 ќе може да помине дури 700 километри на струја. Ова е навистина импресивна бројка, и Volkswagen сметаат дека е возможно поради аеродинамиката на ID.7 и новиот термален менаџмент во батериите.

Volkswagen

Инаку, ID.7 е базиран на истата MEB платформа како и останатите електрични модели на Volkswagen моментално. VW соопштија дека максималната сила на ID.7 е 282 коњски сили, што е сосема добра бројка. Ќе биде достапен со 77 kWh батериска кутија, или пак со 86 kWh. Претпоставувам дека ќе се нуди во две конфигурации, единечен електромотор на задната оска и двоен на двете оски.

ТЕХНОЛОГИЈАТА ЗЕМА ПРВО МЕСТО ВО ЕНТЕРИЕРОТ НА id.7

Volkswagen

Во внатрешноста, јасно е дека ID.7 припаѓа на Volkswagen ID. семејството, но има некои занимливи и лесно забележливи промени. Главната од нив е на средината на ентериерот, каде што е поставен масивниот 15-инчен мултимедијален екран. Од што може да се забележи на фотографиите, има нова генерација на софтверот.

ID.7 исто така го дебитира Smart Climate паметниот клима уред на брендот кој го најавија неоддамна, и истиот го користат и седиштата. Исто така е достапен Harman/Kardon систем за озвучување, како и панорамски сончев кров кој можете да го направите непроѕирен со само едно копче. Неколку од материјалите во ентериерот се исто така рециклирани, како што се и на ID.Buzz.

Volkswagen

Многу важна промена е тоа што прекинувачите за температурата на клима уредот, кои се чувствителни на допир, сега конечно имаат осветлување. Зад воланот сѐ уште има мал дисплеј со сите најважни податоци, но сега е интегриран во дизајнот на контролната табла.

id.7 ги има сите предиспозиции да го растресе д-сегментот

Кросовер и SUV моделите доминираат на пазарот, и секогаш е добра вест кога ќе видиме дека се појавува на пазарот нов седан модел. ID.7 ги има сите предиспозиции да го заплаши и растресе Д-сегментот на електрични автомобили, со огромниот опсег на струја, стросаниот дизајн, како и новата технологија.

Volkswagen ID.7 ќе започне со продажба на европскиот пазар кон крајот на 2023 година. Во меѓувреме, прочитајте го тестот на Korrmotive за Volkswagen ID.4.

Comments


bottom of page