top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

НОВИТЕТ: Peugeot 2008

Peugeot работи со полна пареа кон електрификацијата, како и кон освежување на целата гама на модели за да ја доведе во својата нова ера. Најновиот субјект на оваа ренесанса е освежениот 2008, кој Peugeot неоддамна го претстави на јавноста.

Peugeot

Peugeot 2008 се појави на пазарот во 2013 година, како еден од пионерите во мегапопуларниот сегмент/бојно поле на компактни SUV модели. Втората генерација дебитираше во 2019 година, иако сите имаме чувство како тоа да беше вчера. Тоа што веќе е време за темелно освежување на 2008 се чини како времето да помина уште побрзо.

Да видиме што има ново. Прво и најзабележливо е освежениот дизајн на 2008. Peugeot се пофали со иднината на дизајнот на своите модели на почетокот на оваа година со Inception концептот, и ветија дека наскоро дизајнерските елементи од тој концепт ќе се појават на сериските модели. Освежениот 508 беше предводник, а сега и 2008.

Peugeot

На предниот дел ја имаме новата маска, која се прелева во каросеријата на многу интересен начин. Овој дизајн на предна маска најпрво го видовме на освежениот 3008 пред неколку години, и навистина го личи и 2008. Имаме и темелно освежување на светлосните групи, со тројни „лавовски канџи“ предни дневни светла како на Inception концептот. Задните светлосни групи исто така добиваат освежување.

Peugeot

Кога сме кај задниот дел, Peugeot се најновите придружници на трендот испишување на името на брендот на задниот дел на возилото наместо знакот. Сите значки на екстериерот на 2008 добиваат и нов фонт.

Страничните делови остануваат речиси исти, со исклучок на новите алуминиумски фелни кои ќе се нудат на освежениот 2008. Навистина храбар дизајн! Впечатливоста ја надополнува и Selenium Gray каросериската боја која дебитира на освежениот 2008.

Peugeot

Понатаму, освежениот 2008 има да се пофали со нешто под поклопецот. Изборот на агрегати останува речиси ист. Тоа значи еден 1.2-литарски турбо бензинец со три цилиндри и две опции за моќност (100 и 130 коњски сили), еден 1.5-литарски турбо дизел со четири цилиндри, како и избор помеѓу 6-степен мануелен менувач, или пак 8-степен автоматски менувач.

Секако, тука е и електричниот Е-2008, но тој сега добива поголема батерија од 54 kWh, и посилен електромотор со 156 коњски сили, во споредба со 50 kWh и 136 коњски сили на тековниот модел. Со ова се подобрува опсегот на струја (според WLTP) на околу 400 километри, што е одличен напредок.

Peugeot

Наскоро на гамата ќе се придружи и сосема нов лајт хибрид, со 1.2-литарски турбо бензинец и мал генератор, спарени со 6-степен автоматски менувач. Со овој агрегат, Peugeot ветува околу 15% намалена потрошувачка.

Peugeot

Ентериерот исто така добива суптилно освежување. Иако распоредот е речиси ист, имаме забележливи освежувања кај управувачот, инструмент таблата, како и инфозабавниот систем, кој сега го користи најновиот софтвер. Сите модели на 2008 сега стандардно ќе имаат 10-инчен екран во средината.

Како што гледаме на фотографиите, GT моделот ќе биде достапен со зелени акценти и шевови на ентериерот, инспирирани од неверојатниот 9X8 прототип.

Peugeot

Освежените 2008 и Е-2008 ќе пристигнат на пазарот ова лето (2023), а лајт-хибрид моделот ќе се придружи на гамата на почеток на идната година (2024). Освежувањето дефинитивно го поднови и гo разубави 2008, а од моето последно искуство со 2008, едвај чекам повторно да седнам зад воланот!

Од времето на објавување на оваа статија, сѐ уште не се достапни информации околу цените на новиот Peugeot 2008.

Comments


bottom of page