top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

НОВИТЕТ: Alpine A290_β (Beta)

Знаеме дека речиси ниеден автомобил нема да се спаси од електрификацијата. Тоа значи и модели чиј карактер го сочинуваа агрегатот и мануелниот менувач. Меѓу таквите возила ги издвојуваме хот хечбек моделите.

Електрификацијата кај хот хечбек моделите веќе полека, но сигурно започнува. Доколку во иднината изгледаат вака, можеби и нема толку да жалиме по малите турбо бензинци и одлични мануелни менувачи. Францускиот бренд Alpine ја покажа својата визија за електричен хот хеч од иднината, A290_β (Beta).

иднината на хот-хечбек моделите

Alpine

Веќе подолго време знаеме дека Renault подготвува реинкарнација на R5 со електричен погонски систем. Знаеме и дека отсега па натаму, сите изведби на Renault модели со високи перформанси ќе го носат знакот на Alpine. А290_β e најава за Alpine изведбата на R5, и можам со сигурност да кажам дека се надминаа себеси со овој дизајн!

Alpine

Прво да продискутираме за името на А290_β. Името е всушност многу едноставно, иако можеби не изгледа така. А секако значи Alpine, бројот 2 се однесува на сегментот на возилото, а 90 се однесува на Lifestyle гамата на Alpine што ќе се појави во иднината. Буквата β (бета) е земена директно од светот на видео игри и софтвер: бета во тој контекст значи производ што се подготвува и тестира за сериско производство.

ИНСПИРАЦИЈА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ХИТОВИ НА renault и alpine

Alpine

Дизајнот на А290_β влече инспирација од најголемите хитови на Renault и Alpine. Предните светла и додатните светла се инспирирани од A110, и оригиналот и тековниот. Во проширените крила се гледа инспирацијата од R5 Maxi Turbo и Clio V6, како и со ладилниците за батериите на задниот браник, кои личат на издуви. Многу интересно решение!

Alpine

Тркалата се приказна за себе, но дизајнот е дефинитивно храбар и впечатлив. Иако генералниот дизајн е многу сличен со R5 концептот кој Renault неоддамна го претстави, јасно е од сите овие промени дека се работи за модел со високи перформанси.

ЕНТЕРИЕРОТ Е ДИРЕКТНО ЗЕМЕН ОД ТРКАЧКИ АВТОМОБИЛ

Alpine

Иако е релативно лесно да се замисли сериската изведба на А290_β од надвор, ентериерот е сосема друга приказна. Каде и да погледнете во внатрешноста, се гледа дека главната инспирација е тркачки автомобил.

Како за почеток, возачот седи буквално во средината, но може да се придружат и двајца патници, кои седат позади возачот еден до друг. Многу сличен распоред како легендарниот McLaren F1.

Alpine

Инаку, седиштата се од 100% јаглеродни влакна, додека контролната табла е дизајнирана да личи на стрелка, со што доаѓа во израз конфигурацијата на седиштата. Како што можеби забележавте, на контролната табла нема апсолутно никаков екран. Секако, ова е далеку од праксата во денешницата, но сепак има мал дисплеј зад воланот за најважните работи. Инаку, нема екрани за возачот да може максимално да се фокусира на возењето.

Информации околу силината во моментов нема, но знаеме дека А290_β ќе користи два електромотори поставени на предната оска. Знаеме и дека ќе има копче за претекнување (Overtake), што ќе овозможи максимална силина од моторите во времетраење од 10 секунди, доколку сте во ситуација да треба да претекнете.

A290_β ќе биде еден од членовите на „гаражата од соништата“ на alpine

Alpine

Заедно со наследникот на А110, како и електричен SUV со високи перформанси, А290_β е еден од членовите на „гаража oд соништата“ на Alpine. Тоа е всушност главната стратегија на брендот, со која има амбиции да се трансформира во електричен performance бренд.

Ентериерот со централно поставено возачко седиште и управувач нема да се појави на серискиот модел, но според Alpine, екстериерот е околу 80% завршен. Alpine A290_β, односно серискиот модел ќе се појави идната година (2024), и ќе биде базиран на Renault R5 EV, кој исто така ќе започне со производство идната година. Доколку иднината на хот хечбек моделите изгледа вака, добро е!

Commentaires


bottom of page