top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

ЗАПОЗНАВАЊЕ: Lexus RX 450h+

До ден денес се водат бројни дискусии за кој е всушност основоположникот на класата луксузни кросовери. Иако реалноста е дека постојат повеќе одговори, многумина се согласуваат дека титулата на првиот компактен премиум кросовер ја заслужува Lexus RX.

Lexus

Во изминативе 25 години, RX се трансформираше од компактен во средна класа на премиум кросовер, и е еден од најуспешните и најпродаваните модели на јапонскиот премиум бренд. Последната генерација на RX беше популарна и на нашиот пазар.

Lexus ја најави петтата генерација на RX во 2022 година, со нов дизајн, нови технологии, и нови погонски системи. Токму со петтата генерација Lexus RX, која штотуку пристигна во Toyota Авто Центар во Скопје, ќе се запознаеме денес.

ПеТТАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА СУПЕР-УСПЕШНИОТ lexus кросовер модел

Korrmotive

Со што има да се пофали новиот RX? Откако поминав малку време со овој примерок, одговорот на тоа прашање е „многу.“ Прво нешто што вреди да се спомене за конкретниов демо модел е каросериската боја. Новиот RX се нуди во доста голема палета на бои, и оваа бакарна нијанса т.н. Sonic Copper е многу впечатлива, и дефинитивно му овозможува на и онака атрактивниот RX да се истакне. Моја преференца би била Terrane Khaki темно зелената, но и Sonic Copper е одлична.

Korrmotive

Во однос на дизајнот, петтата генерација RX е повеќе еволуција отколку револуција. Сепак, има доста нови дизајнерски елементи што го разликуваат од претходната генерација. Една од нив што лесно ќе ја забележите е контроверзната предна маска. Lexus го користат вретено (spindle) дизајнот за предната маска веќе долго време, и најновата еволуција непрекинато се вклопува со каросеријата на горниот дел.

Предните светла се многу слични, како што е и страничниот профил, но позади светлосните групи се споени во light bar, и Lexus е испишано на средината, наместо да има знак.

Сѐ на сѐ, дизајнот на RX е одличен, и сигурен сум дека минувачи ќе се свртат втор пат ако го видат на улица, особено во оваа боја.

ПЕТТАТА ГЕНЕРАЦИЈА lexus rx нуди три различни хибридни агрегати

Korrmotive

Lexus е познат како еден од пионерите во хибридните погонски системи, особено кај луксузните автомобили, па затоа не е чудно што RX се нуди во три различни хибридни изведби. Основниот модел е RX 350h, со самополнечки хибриден систем. Се работи за 2.5-литарски атмосферски бензинец со четири цилиндри, спарен со електромотор и мала батериска кутија. Вкупниот системски износ е 250 коњски сили, што овозможува забрзување до 100 км/ч за 7.9 секунди.

Korrmotive

Едно ниво над тоа е RX450h+, како овој модел на фотографиите. Плусот во овој случај значи плаг-ин хибрид. Моторот со внатрешно согорување е истиот 2.5-литарски атмосферски бензинец, но тука има батериска кутија од 18.1 kWh. Максималниот опсег на струја е во регионот од 65 до 69 километри, додека вкупниот системски износ е 309 коњски сили, што овозможува забрзување до стотка за 6.5 секунди.

Korrmotive

Можеби најинтересниот агрегат за RX го наоѓаме кај знаменосецот RX500h. Единствениот начин да се опише овој модел е performance хибрид. Хибридниот систем е самополнечки и тука, но најважната промена се случува кај моторот со внатрешно согорување. Тука имаме 2.4-литарски турбо бензинец со четири цилиндри. Вкупниот износ е 371 коњски сили, што овозможува забрзување до 100 км/ч за 6.2 секунди, а во исто време потрошувачка од околу 8 литри на 100 километри, што е импресивно! RX 350h има комбинирана потрошувачка од околу 6 литри, а во идеални услови (полни батерии, временски услови итн.), RX 450h+ само околу 1 литар!

Сите модели на нашиот пазар се со погон на сите четири тркала. RX 500h користи 6-степен автоматски менувач, додека другите два користат бесстепен CVT.

ЕНТЕРИЕР КОЈ ИЗОБИЛУВА СО СТИЛ, ТЕХНОЛОГИЈА И КВАЛИТЕТ

Убедливо најголемите промени кај RX, освен со агрегатите, ги наоѓаме во внатрешноста. Дизајнот на ентериерот на RX е комплетно променет, и користи многу сличен распоред како оној во помалиот NX. Дигитална инструмент табла пред возачот, и огромен инфозабавен екран во средината. Сето тоа е поставено на сјајно црна основа.

Исто така забележуваме нов волан, како и малиот електронски менувач на Lexus, кој неоддамна почна повеќе да се појавува во сите нивни модели. Седиштата се одлични и удобни, и има доста подесување во возачката позиција.

Korrmotive

Најважниот детал во ентериерот е инфозабавниот систем, огромен екран од дури 14″, придвижен од новиот Lexus Link Pro софтвер, стандарден на сите изведби на RX. Системот има вградена навигација, како и можност за поврзување со смартфон.

Korrmotive

Тука е и Panasonic аудио системот со 12 звучници, стандардна опрема на сите модели. Сите модели исто доаѓаат со четири години претплата на Lexus Link Premium Connectivity, што вклучува дигитален асистент, сообраќај во реално време, и поврзување со Lexus Link апликацијата за мобилен.

Како што би очекувале од луксузен автомобил, Lexus RX нуди огромна лепеза на безбедносни системи, од кои речиси сите се стандардна опрема.

новиот lexus rx е дефинитивно подготвен за битка во овој сегмент

Korrmotive

Сегментот на луксузни SUV модели е како бојно поле, убедливо еден од најголемите и најпрофитабилните. RX е еден од најдобрите конкуренти во овој сегмент, и не можеме да ја негираме неговата заслуга во креирањето на сегментот. Со новата генерација, од ова кратко време што го поминав со него, новиот Lexus RX дефинитивно има потенцијал да го размрда сегментот, исто како што направи во 1998 година.

Lexus RX гамата започнува од 83,990€. За повеќе информации, посетете го салонот на Toyota Авто Центар во Скопје.

Kommentarer


bottom of page