top of page

ЗАПОЗНАВАЊЕ: Kia XCeed PHEV

Writer's picture: Марко СоколовскиМарко Соколовски

Веќе ни е познато дека Kia како бренд е сериозен за електрификацијата. Работат со полна пареа на нови технологии и нови модели, кои веќе се покажаа во одлично светло на глобалниот пазар.

Оваа година, конечно дојде време Kia да започне со електрификацијата и на македонскиот пазар. Веќе се запознавме со Niro EV, но во пакет со него, во салонот на Kia во Скопје исто пристигна и XCeed PHEV.

xceed phev додава електрификација на веќе познатиот компактен кросовер

Korrmotive

XCeed се појави на пазарот пред неколку години, со цел да понуди малку поинтересна, кросоверска верзија од регуларниот Ceed. Неговото име се изговара „exceed,“ односно надминување.

Кон крајот на 2022 година во Македонија пристигна и фејслифтот на XCeed, со нови технологии, подобрени агрегати, и освежен дизајн. Сега пристигна и XCeed PHEV, плаг-ин хибридната изведба на XCeed која исто така дебитираше со редизајнот.

Кorrmotive

Отсекогаш ми се допаѓал дизајнот на XCeed. Храбар, мускулест, и многу впечатлив. Со редизајнираните браници, фелни, и светлосните групи, XCeed го подобрува уште повеќе познатиот дизајн на XCeed, и изгледа одлично дури и во белата боја.

Инаку, освен PHEV знакот и приклучокот за полнење на левото крило, XCeed PHEV не се разликува премногу од регуларниот XCeed. Најголемите разлики кај овој модел ги наоѓаме во агрегатот.

xceed phev овозможува 60 километри возење на струја

Korrmotive

Ајде да видиме што го придвижува XCeed PHEV. Под хаубата се наоѓа 1.6-литарски атмосферски бензинец, кој сам по себе испорачува 105 коњски сили. Со него е спарен електромотор со максимален износ од 80 коњски сили, и добива струја од 8.9 kWh батериска кутија.

Korrmotive

Вкупниот системски износ е 141 коњски сили и 265 Nm вртежен момент, и сето тоа оди кон предните тркала преку 6-степен автоматски пренос со двојна спојка. Според WLTP циклусот, максималниот опсег на струја на XCeed PHEV е 60 километри, што е сосема добра бројка. Во идеални услови, според WLTP циклусот, возможно е XCeed да троши помалце од 2 литри бензин на 100 километри.

Korrmotive

Секако, потешко е да се обезбедат услови за таква потрошувачка, но доколку го возите ефикасно, и редовно ги полните батериите, сигурен сум дека можат да се постигнат многу импресивни бројки.

Korrmotive

Убедливо една од најсилните страни на XCeed е опремата. Иако овој модел не беше во врвната GT Line изведба, имаше огромен каталог на опрема: панорамски сончев кров, целосно LED осветлување, предни и задни паркинг сензори, дигитална инструмент табла, електрично подесување на возачкото седиште со мемориска функција, грејачи на задните седишта и многу друго.

ЕНТЕРИЕРОТ НА xceed phev Е навистина премиум

Korrmotive

Освен широкиот каталог на опрема во овој модел, имам пофалби и за квалитетот на изработка, како и општиот квалитет на употребените материјали. Ентериерот на XCeed делува како пријатно место за поминување време.

Иако XCeed дебитира едно брдо нови технологии, ентериерот не ве напаѓа со сето тоа. Иако е модерно, сепак има и неколку многу позитивни аспекти од старата школа, како физичките контроли за клима уредот, и класичниот автоматски менувач. Просторот на задната клупа исто така беше солиден, а во багажникот имате 291 литри простор. Малку помала бројка од регуларниот XCeed поради батериите.

XCEED PHEV ОСТАВИ ОДЛИЧЕН ПРВ ВПЕЧАТОК

Korrmotive

Многу од денешните купувачи на автомобили, доколку размислуваат за електрифициран модел, сакаат некаков вид на отскокна даска кон електрификацијата, односно плаг-ин хибриден модел. Kia XCeed PHEV остави одличен прв впечаток, и дефинитвно изгледа како сериозен играч во овој доста загреан сегмент.

Наскоро Korrmotive ќе седне и зад воланот на XCeed PHEV, па ќе дознаеме какво е искуството. Сега за сега, имаме големи очекувања.

Од времето на објавување на оваа статија, на веб страната на Kia Македонија нема податоци околу цените на XCeed PHEV. Откако ќе бидат објавени, оваа статија ќе биде обновена со тие податоци. За повеќе информации, посетете го салонот на Kia во Скопје.

© 2024 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page