Како и речиси сите брендови, Kia моментално работи кон електрификацијата со полна пареа. Нивните електрични модели на глобалниот пазар веќе се покажаа во одлично светло, и сите набљудуваат одблиску.
Неоддамна, Kia Македонија конечно го отвори танцот за своите електрифицирани модели. Во салонот на Kia Македонија во Скопје неоддамна пристигна Niro EV.
втората генерација на niro е еволуција, но и револуција
Korrmotive
Првата генерација на Kia Niro се појави уште во 2016 година, но немавме прилика да го запознаеме на локалниот пазар. Тоа се менува со втората генерација Niro, која штотуку пристигна во салонот на Kia во Скопје.
Како и претходната генерација, Niro на глобалниот пазар се нуди во три изведби: самополнечки хибрид, плаг-ин хибрид и целосно електричен. Во Македонија, сега за сега ќе се нуди исклучиво целосно електричниот модел, со кој ќе се запознаеме.
NIRO EV е најмалиот електричен автомобил во гамата на KIA
Korrmotive
Да зборуваме малку околу дизајнот. Дизајнот на Niro е дефинитивно уникатен, и навистина ќе ви заврти поглед доколку го видите некаде на улица. Уникатната форма на фаровите, како и острите агли на задните светла. Иако е компактен кросовер, не е многу висок, и долг е колку еден просечен хечбек.
Korrmotive
Според мене, најинтересниот дел на дизајнот е контрастната боја на Ц-столбот, кој многу потсетува на еден легендарен спортски автомобил што сум сигурен дека сите го знаеме.
Korrmotive
Сѐ на сѐ, дизајнот на Niro навистина ми се допаѓа. Дизајнерите успеале да најдат златна средина помеѓу конвенционален дизајн на автомобил кој ни е познат на сите, и нешто пофутуристичко и впечатливо од типичен компактен кросовер.
ЕНТЕРИЕРОТ НА Niro ev е исто така за пофалба
Korrmotive
Внатрешноста на Niro EV ги користи најдобрите детали од сегашните ентериери на Kia. Двокракиот волан од EV6, и непрекинатиот панел кој ги соддржи екраните за инструмент таблата и инфозабавниот систем. Тука се и контролите за клима уредот, кои можат да станат и контроли за инфозабавниот систем со само една команда.
Korrmotive
Во централната конзола се поставени прекинувачот за менување на преносот, како и копчето за старт стоп, како и неколку други контроли. Ентериерот на овој Niro го имаше скоро целиот каталог на опрема, вклучувајќи го и панорамскиот сончев кров, кожните седишта со електронско подесување, како и Harman/Kardon системот за озвучување.
НАЈИМПРЕСИВНИОТ ДЕТАЛ ЗА Niro ev се неговите перформанси
Korrmotive
Конечно да позборуваме малку за она што сите ги интересира. Какви се перформансите на Niro во однос на опсегот и полнењето? Одговорот е: навистина импресивни.
Во Македонија, Niro EV ќе биде достапен само со една големина на батерии, и тоа 68 kWh. Батериите испорачуваат струја до електромотор поставен на предната оска со вкупен износ од 204 коњски сили. Според Kia, тоа е доволно за Niro EV да развие 100 км/ч за нешто помалку од 8 секунди, a максималната брзина е околу 165 км/ч. Во меѓувреме, според WLTP циклусот, Niro EV може да помине околу 460 километри со полни батерии.
На 11 kW полнач за електрични автомобили, како оние што ни се достапни во Скопје, на Niro EV му се потребни околу 7 часа да се наполни целосно. На 80 kW DC полнач, тоа време се намалува на околу 40 минути. Секој Niro EV исто така доаѓа со полнач кој можете да го поставите на обичен домашен приклучок за струја. Иако е тоа добро за итни ситуации, не е преопрачано, бидејќи со тој полнач ќе ви бидат потребни околу 20 часа да се наполнат батериите целосно.
од ПРВИТЕ ВПЕЧАТОЦИ, niro ev дефинитивно вредеше да се дочека
Првите впечатоци од Kia Niro EV навистина беа одлични. Одлуката на Kia да го донесе своето електрично портфолио на локалниот пазар е правилна, и со оглед на тоа какви бранови создадоа сите електрични модели на корејскиот бренд на глобалниот пазар, навистина ме интересира какви бранови ќе рашират на македонскиот пазар.
Од периодот на објавувањето на оваа статија, сѐуште не се достапни информации за цената на Niro EV. Статијата ќе биде обновена со тие информации веднаш откако ќе бидат достапни. За повеќе информации посетете го салонот на Kia во Скопје.