top of page

ЗАПОЗНАВАЊЕ: Citroën C4 X

Writer's picture: Марко СоколовскиМарко Соколовски

Со сигурност можам да кажам дека Citroën е сѐуште во фаза на тотална револуција. Во последните неколку години, нивните модели се меѓу најуникатните и највпечатливите на пазарот, и нивното моделско портфолио е и понатаму за доказ тоа.

Пред некое време, во Македонија пристигна еден од најуникатните модели на брендот што сме ги виделе некогаш. Дали некогаш сте се запрашале како би изгледала малку подолга, седан изведба на C4? Не треба повеќе, бидејќи Citroën C4 X одговара токму на тоа прашање.

C4 X ја продолжува мисијата на citroën да искова сосема нови сегменти

Korrmotive

Како што кажав претходно, C4 X е малку издолжена верзија од C4, конкурентот на Citroën во Д-сегментот. Освен очигледните разлики во дизајнот, C4 X едноставно додава 24 цм во должината на каросеријата. Меѓуоскиното растојание останува исто, како и голем дел од дизајнот, агрегатите, и EMP1 платформата. C4 X тие компоненти ги дели со обичниот C4.

Korrmotive

Најголемите разлики во дизајнот, освен во должината, се на задниот дел на C4 X. Задниот дел користи сосема поразлични задни светла, како и сосема друг дизајн на вратата за багажникот.

Korrmotive

Според Citroën, C4 X комбинира елементи од SUV, седан, и фестбек во својот дизајн. Воедно, иако можеби личи како фестбек со петта врата, C4 X е навистина седан; задното стакло не се отвара со багажникот. Сѐ на сѐ, дизајнот е навистина поларизирачки, но и уникатен. С4 Х дефинитивно ќе сврти погледи на улица, дури и во бела боја.

МОТОРИ СО ВНАТРЕШНО СОГОРУВАЊЕ, НО И целосно eлектричен погон ЈА СОЧИНУВААТ ПОНУДАТА ЗА C4 x во македонија

Korrmotive

На повеќето европски пазари каде што се нуди C4 X, тој се нуди исклучиво со електричен погон, односно во изведбата ë-C4 X. Секако, тој модел е достапен и на нашиот пазар, но исто така се достапни и мотори со внатрешно согорување.

Понудата на моторите со внатрешно согорување претежно ја отсликува онаа на регуларниот C4. Основниот Feel модел нуди 1.2-литарски турбо бензинец со 100 коњски сили, спарен со 6-степен мануелен менувач. Останатите модели исто нудат 1.2-литарски турбо-бензинец, или пак 1.5-литарски турбо дизел, двата со 130 коњски сили, и двата се исклучиво достапни со 8-степен автоматски менувач.

Единствената разлика е што кај регуларниот C4, бензинецот со 130 коњски сили е достапен и со мануелниот менувач.

Korrmotive

ë-C4 X е достапен во само една изведба, без разлика на опремата. Конкретно, ë-C4 X користи електромотор поставен на предната оска, кој е снабден од 50 kWh батериска кутија. Вкупниот системски износ е 136 коњски сили, а максималниот опсег е 360 километри.

ентериерот на c4 x ги поседува сите заштитни знаци на брендот

Korrmotive

Отсекогаш ми се допаѓал пристапот кон ентериерот на Citroën, и истото можам да го кажам за C4 X. Уникатниот управувач со широкиот долен крак, декоративното осветлување околу екранот за инструментите, поставеноста на инфозабавниот систем, деталите на вратите и на седиштата, како и физичките контроли за клима уредот. Сѐ е одлично смислено, добро изработено, и одлично изгледа.

ПРАКТИЧНОСТА КАЈ c4 x не е занемарена

Korrmotive

И покрај дизајнот на кровот, C4 X навистина добро се покажа во однос на просторот на задната клупа. Дури и ако сте повисоки, нема да имате многу проблем удобно да се сместите на задната клупа. Во меѓувреме, багажникот нуди 510 литри простор, без разлика на тоа кој агрегат ќе го одберете.

Сепак, во овој случај сметам дека би му годело на C4 X да има петта врата, но отварањето на багажникот е сепак доста широко, и има повеќе од доволно простор за вашиот багаж.

CITROËN C4 X Навистина има потенцијал да предизвика бранови

Korrmotive

Најновиот модел на Citroën дефинитивно изненади, и не само со својот изглед. Ги има сите позитивни квалитети на C4, но во попрактична седан изведба. Сѐ уште не сум поминал време зад воланот на C4 X, но можам да видам зошто беше финалист за Златно Тркало за најпосакуван семеен автомобил во Македонија во 2023 година.

Револуцијата на Citroën кон дизајнот и воведување сосем нови сегменти продолжува, и C4 X е дефинитивно еден од предводниците.

C4 X гамата започнува од 22,390€. За повеќе информации, посетете ја официјалната веб страна на Citroën Македонија.

© 2024 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page