top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

ЗАПОЗНАВАЊЕ: BMW i4 M50

Updated: May 21, 2023

На повеќето од нас ни е познато дека BMW се горди на динамичките способности на своите модели, поради што и нивниот слоган е „Чисто возачко задоволство.“ (Sheer Driving Pleasure).

BMW се гордее и со своите мотори со внатрешно согорување, и токму од нив сме ги виделе меѓу најдобрите агрегати во автомобилската индустрија. Дури и во преодната фаза кон електричните автомобили, BMW реши дека нема да дозволи столбовите на брендот да страдаат. Каков резултат даде тоа? Денес ќе се запознаеме со електричниот BMW i4 M50!


i4 M50 е првиот електричен седан на BMW


Korrmotive

Знаеме дека ова не е првиот електричен автомобил од Баварците, но i4 e првиот седан модел на брендот кој е целосно електричен. Како што е јасно од екстериерот, базиран е на тековната генерација 4 Series Gran Coupe. Разликите во дизајнот во однос на тој модел не се огромни.

Korrmotive

Контроверзната предна маска е затворена во поголемиот дел, додека на задниот дел нема издуви за мотор, од очигледни причини. Генерално, профилот и дизајнот на i4 е дефинтиивно впечатлив. Оддава впечаток на поспортска изведба од 3 Series, без да биде премногу различен или поларизирачки.

Korrmotive

Мора малку да позборуваме за надворешноста на овој конкретен модел. Во океанот од сиви, црни и бели автомобили, Sanremo Green темно зелената боја на овој i4 изгледа феноменално, дури и во послабо светло. Секако, зелениот екстериер е спарен со единствената опција за ентериер што е прифатлива во овој случај, Cognac светло кафеава кожа.


Mоќен електричен погон со високи перформанси


Korrmotive

BMW i4 се нуди во три изведби. Гамата започнува со i4 eDrive35, со еден електромотор на задната оска и 67 kWh батерија, со вкупен износ од 286 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Опсегот според WLTP е околу 400 километри, забрзувањето до 100 км/ч трае околу 6 секунди, додека максималната брзина е 190 км/ч.

Потоа доаѓа i4 eDrive40, кој користи еден електромотор на задната оска, спарен со батериска кутија со 80.7 kWh капацитет (нето). Системскиот износ е 340 коњски сили и 430 Nm вртежен момент, што овозможува забрзување до 100 км/ч за 5.7 секунди. Според WLTP циклусот, i4 eDrive40 може да помине до 590 километри со полни батерии, што е солидна бројка.

Korrmotive

Сепак, поинтересниот од двата е i4 M50. Истата батериска кутија придвижува два електромотори, по еден на двете оски. Вкупниот системски износ е 544 коњски сили и огромни 795 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 км/ч е нешто помалку од 4 секунди!

Korrmotive

На брз полнач можете да ја кренете батеријата од 10% до 80% за околу половина час, односно 128 километри опсег можете да ги добиете за само 10 минути! Со домашниот полнач на BMW, батериите ќе бидат целосно полни за околу 7 часа.


Eнтериерот на i4 e модерен, развиен и спортски


Korrmotive

BMW отсекогаш се труделе возачките позиции кај своите модели да го ставаат возачот во средината на настаните. Тоа е случајот и со i4. Возачката позиција е доста ниска и спортска, но има многу подесување во седиштето и во воланот, и не е тешко да го приспособите i4 околу вас.

Cognac обвивката на седиштата, на контролната табла, и на панелите на вратите изгледа прекрасно, а тука се и трибојните шевови, карактеристични за M моделите на BMW. Централната конзола е покриена со јаглеродни влакна, кои исто изгледаат одлично.

Korrmotive

На средината на контролната табла е поставен новиот BMW Curved Display, каде што екранот за инструментите и инфозабавниот систем се поставени еден до друг на закривено стакло. Ова значи елиминација на физичките контроли за клима уредот, но iDrive 8 е одличен и респонзивен систем кој можете да го контролирате на допир, како и со тркалезниот контролер во централната конзола.

Korrmotive

Овој модел имаше и некои интересни додатоци, како Harman/Kardon аудио систем, и амбиентално осветлување. Инфозабавниот систем доаѓа со сѐ што би очекувале, вклучувајќи и поврзување со смартфон, а има и цела лепеза на безбедносни системи.


i4 нè подготвува за иднината на BMW!

Korrmotive

Моментално, целосно електричното портфолио на BMW брои само четири модели, меѓу кои и i4. Ова е подготовка за електричната иднина на BMW, која веќе знаеме дека е во фаза на развивање. Од првите впечатоци на i4, можам да кажам со сигурност дека без разлика што ги придвижува тркалата, BMW нема да дозволат вредностите на брендот, и тоа што го издигна во светот на луксузни автомобили да изумре.

BMW i4 гамата започнува од 64,390€, додека i4 M50 започнува од 85,630€. За повеќе информации, постете ја официјалната веб страна на BMW Македонија.


Comments


Commenting has been turned off.
bottom of page