top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

ВО ФОКУС: Ford Focus RS Mk2 (2009-2010)

Updated: May 21, 2023

Во текот на минатиот век, љубителите на автомобили беа принудени да направат еден вид на компромис. Доколку сакаа спортски автомобил со високи перформанси, купуваа таков автомобил. Доколку сакаа хечбек, кој за многу поволна цена би нудел практичност и мир во главата, купуваа таков автомобил.

Овие два сосема различни типови автомобили имаа свои предности и недостатоци, и за оние љубители кои можеа да си дозволат такво нешто, најчесто имаа по еден од двата типови, и ги користеа во различни ситуации.

Ваквата дилема се разреши во 70-те, кога на пазарот се појави Volkswagen Golf GTI, и ги спои предностите на двата спротивни типови на автомобил во еден целосен пакет.


НАСКОРО СЕ ПОЈАВИЈА И ДРУГИ ХОТ-ХЕЧБЕК МОДЕЛИ, МЕЃУ КОИ И ford focus rs

Ford

Со Golf GTI се отвори танцот за хот-хечбек модели, и наскоро се придружија и други брендови. После долго време со специјалните изведби на Escort, Ford jа претставија првата генерација на Focus RS во 2002 година. Првата генерација RS траеше до 2003 година, и користеше 2.0-литарски турбо бензинец со огромни 212 коњски сили. Специјалната сина боја на каросерија, уникатните фелни и аеродинамичките додатоци разјаснија дека не се работи за обичен Focus.

Убедливо најсаканата генерација на Focus RS се појави во 2009 година, базирана на втората генерација Focus.

Ford

Втората генерација на Ford Focus се појави на пазарот во 2004 година. Како и претходната генерација, RS се појави кон самиот крај на генерацијата, во 2009 година. Уште од почетокот, Ford имаше многу со што да се пофали за Focus RS.

Во текот на производството на втората генерација Focus, Ford сѐуште беше сопственик на групацијата Premier Automotive Group. Оваа групација на автомобилски брендови ја сочинуваа Volvo, Aston Martin, Jaguar и Land Rover. Ова им овозможи на брендовите да поделат некои делови меѓусебно, а тоа ги вклучуваше и агрегатите.

Ford

Ford ги снабди двете брзи верзии на Focus (ST и RS) со 2.5-литарски турбо бензинец со пет цилиндри, познат по своето присуство во повеќе Volvo модели. Во Focus RS Mk2, овој мотор испорачуваше 305 коњски сили и 440 Nm вртежен момент. Секако, голем број на хот хечбек модели денес испорачуваат вакви бројки, па дури и поголеми. Но, деценија ипол порано, Focus RS беше во класа за себе.

Забрзувањето до 100 км/ч траеше 5.9 секунди, а максималната брзина беше 263 км/ч, повторно бројки кои никој ги немаше дотогаш видено.

Иако немаше скептицизам околу перформансите на Focus RS, постоеше скептицизам околу погонот на предните тркала. Генерално, не е паметно на возило со погон на предните тркала да му се даде толкава сила на агрегат, бидејќи освен што предизвикува подуправување, возилото може минимално да управува во една насока против волјата на возачот (torque steer, во буквален превод управување под дејство на вртежниот момент).

Софистицираната суспензија кај FOCUS RS спречи незгодни ситуации во свиоците

Ford

За да може Focus RS да ги надвладее сите предизвици во свиоците, Ford се реши за прилично софистицирана суспензија, особено напред. Познато е дека Focus како модел беше пионер во Ц-сегментот во однос на суспензијата; првата генерација користеше независна задна суспензија, што всушност го направи толку забавен при динамично возење.

Тоа сѐ уште важеше и за втората генерација Focus, но RS моделот воведе други, пософистицирани компоненти на предната суспензија: МекФерсон потпора, како и диференцијал со ограничено пролизгување од Quaife, со автоматско насочување на вртежниот момент.

пРОМЕНИ ВО ДИЗАЈНОТ ГО НАПРАВИЈА fOCUS rs прилично драматичен

Ford

Како што личи за еден хот хечбек модел, Focus RS доби значително поразличен и подраматичен дизајн на надворешноста. За почеток, Ford го нудеа Focus RS исклучиво во изведба со три врати. Овој тип на хечбек модели скоро исчезнаа од пазарот, но пред деценија ипол, сѐуште беа релативно чести. Предната маска е доста поагресивна, со голем отвор за ладење.

Од страните се гледа декоративната решетка на предните крила со RS знакот, како ѝ проширените крила и уникатните алуминиумски фелни, кои се појавија исклучиво на Focus RS. Задниот дел доби поагресивен заден браник, голем споjлер, и два големи топови за издув. Севкупниот дизајн на Focus RS е доста агресивен, и многу личи на изведбата на Focus кој се натпреваруваше на Светскиот рели шампионат. Секако, тоа не е случајно. Ultimate Green зелената боја, која е најпознатата боја на Focus RS, најмногу дозволува да дојдат до израз сите дизајнерски детали, и според мене, најмногу го личи. Ford исто така нудеа и Performance Blue темно сина, како и Frozen White бела.

ентериерот на FOCUS RS беше прилично суптилен во однос на екстериерот

Ford

Иако екстериерот се здоби со значително подраматични детали, истото и не важеше за ентериерот. Секако, бидејќи ова беше најскапата изведба на Focus во тоа време, речиси целата додатна опрема беше стандардна на RS. Автоматски ксенон светла, автоматски двозонски клима уред, греење на предните седишта…

Деталите во ентериерот се прилично суптилни, и доколку не се фокусирате, можеби и нема да забележите дека се работи за врвната изведба на Focus. Спортски предни седишта, кои беа достапни во иста боја како екстериерот, RS знак на долниот крак на воланот, и три дополнителни мерачи поставени во горниот среден дел на контролната табла, меѓу кои и на средината мерач за притисок во турбината. На некој начин, суптилноста на ентериерот го прави поинтересен. Само тие што знаат, знаат.

НА САМИОТ КРАЈ СЕ ПОЈАВИ ЛИМИТИРАНАТА СЕРИЈА focus rs500

Ford

Пред да се појави третата генерација на Focus во 2010 година, истата година Ford ја претстави ограничената серија на Focus RS, RS500. Првенствено, RS500 е препознатлив по бојата на каросеријата, матирана црна. Focus RS инаку не беше достапен со никаква црна боја, освен оваа уникатна боја на RS500. За да ја комплементираат каросеријата, и фелните добија црна боја.

Како што наведува самото име на RS500, тој беше ограничен на 500 примероци ширум светот. Најбитната промена на оваа лимитирана серија беше уште посилен агрегат. 2.5-литарскиот турбо бензинец во RS500 развиваше 350 коњски сили, 45 повеќе од стандардниот. Вртежниот момент исто така се качи минимално, од 440 Nm до 460. Како што е очекувано, овие промени на агрегатот ги подобрија перформансите. Забрзувањето до 100 км/ч траеше 5.6 секунди, но максималната брзина е сѐуште во регионот на 263 км/ч.

FOCUS RS500 беше навистина посебен

Ford се погрижи среќните купувачи на Focus RS500 да знаат дека возат нешто посебно. Во внатрешноста има рачно изгравирана плакета на која го пишува серискиот број на RS500, од 001 до 500. Ова е најексклузивната верзија на Focus RS, и е највредната на пазарот.

А кога сме веќе кај тоа, поради краткиот период на производство и сите добри квалитети на Focus RS, не е ни чудно дека половни примероци држат високи цени. Според Classic.com, средната вредност на половен Focus RS Mk2 е во регионот на 38,000€.

Ford

Колку и да звучи тоа како многу скапо, има добра причина зошто Focus RS вреди толку на пазарот за половни возила. Производството траеше навистина многу кратко време, и не беа произведени и продадени многу примероци во тој период.

Во времето кога беше нов, Focus RS беше во класа за себе, и покажа на светот дека огромни перформанси и погон на предните тркала можат да одат рака за рака. Немам никаков сомнеж дека Focus RS Mk2 е чист пример за идна класика.

ДАЛИ ЗНАЕВТЕ?

Поради непопуларноста на хечбек модели како што е Focus во Северна Америка, втората генерација на Focus што се нудеше во тој дел од светот изгледаше вака! Беше достапен исклучиво во седан и купе изведба.

Comments


bottom of page