top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

ВО ФОКУС: Citroën DS

Updated: May 21, 2023

На сите ни е познато дека Citroën скоро никогаш не следеле конвенционални трендови и дизајни. Иако нивните модели беа малку поконвенционални во 90-те и 2000-те, денес се вратија на она што ги прави уникатни: нивниот необичен пристап кон дизајн и иновативноста.

Со овој менталитет, пред 60-тина години, Citroën направи тотална револуција во автомобилската индустрија, и ги остави другите брендови да се запрашуваат што е следно. Секако, се работи за денешниот субјект на Во Фокус, неверојатниот Citroën DS.


DS успеа да ја разниша целата индустрија, како и публиката!

Citroën

Револуционерниот автомобил на францускиот бренд прв пат беше претставен, и ја шокираше публиката на Саемот за автомобили во Париз, на 6 октомври 1955 година.

Ставете се на местото на еден од посетителите на саемот. Повеќето автомобили од таа деценија изгледаа вака:

Mecum Auctions

И од сите автомобили со овој генерален дизајн, наеднаш го здогледувате Citroën DS, со неговиот дотогаш невиден дизајн. Верувам дека би ви го одвлекол вниманието на првиот поглед. Токму и тоа се случи.

Citroën

На денот кога дебитираше DS, само во првите 15 минути, се собраа речиси 800 нарачки. Кон крајот на денот, вкупниот број на нарачки за DS стигна до 12,000, бројка што никој дотогаш ја немаше видено. Овој рекорд за број на нарачки на првиот ден беше соборен дури и после повеќе од 60 години од Tesla Model 3.

Вкупниот број на произведени примероци DS е речиси 1,5 милиони. Освен во Франција, Citroën DS се произведуваше и во Австралија, Велика Британија, Португалија, Јужна Африка, и Словенија! Да, навистина, некои примероци на DS беа произведени во поранешна Југославија.


Совршена комбинација од аеродинамика и естетика

Citroën

Убедливо најпознатата, и можеби и најсилната страна на DS е дизајнот. Оваа форма има статус на икона во автомобилската индустрија. Само од страничниот профил може многу лесно да се препознае дека станува збор за DS.

Зад дизајнот стојат Flaminio Bertoni и André Lefèbvre. Bertone бил скулптор, додека Lefèbvre бил аеронаутички инженер, и двајцата имале малку поразлична визија еден од друг. Bertoni се залагал за атрактивна форма инспирирана од уметноста, додека Lefèbvre се залагал за форма со совршени аеродинамички карактеристики. Мислам дека сите ќе се сложиме дека финалниот производ е совршена комбинација од двете.

Citroën

DS многу често го гледаме на листи и списоци од најубавите автомобили во историјата, и со сигурност сметам дека дизајнот заслужува само пофалби. Од секој агол се забележува таа спојка помеѓу аеродинамиката и естетиката, од дизајнот на кровот, па сѐ до покриените светла на подоцните модели, како и покриеното задно тркало.

Нешто што можеби некои луѓе не го знаат е дека името на Citroën DS e игра на зборови. На француски, DS се изговара „déesse“ (деј-ес), што е всушност францускиот збор за „божица.“ Истото важи и за ID моделот кој се појави подоцна, чие име се изговара „idée“, односно идеја.


Иновативноста на Citroën DS го издвои од конкуренцијата

Citroën

Освен дизајнот, DS имаше со многу што друго да се пофали. Главната причина зошто DS го заддржи својот статус на икона до ден денес е иновативноста. Citroën се залагаа да го направат најразвиениот и најиновативниот автомобил што светот дотогаш го имаше видено, и дефинитивно беа успешни во таа мисија.

Citroën

Како за почеток, DS беше меѓу првите автомобили кој навистина се погрижи за безбедноста на патниците. Беше меѓу првите сериски автомобили со зони на преклопување во каросеријата, како и мотор кој се поместуваше во незгоди. Тука беше и зацврстениот кров кој ги заштитува патниците доколку возилото се преврти.

Citroën

Подоцните варијанти на DS исто така воведoa, за прв пат на сериски автомобил, дирекциони предни светла, кои ја следеа насоката во која одеше управувачот, исто така нешто кое често го среќаваме во современите автомобили.


Иновацијата продолжи и во внатрешноста

Citroën

DS исто така беше првиот сериски автомобил со пластична контролна табла, нешто што е во пракса ширум целата индустрија до ден денес. Во 50-те години тоа беше сосема странски концепт, и им овозможи на Citroën да ги намалат трошоците за производство.

Секако, и другите аспекти на ентериерот беа неконвенционални. Управувачот има само еден крак, кој овозможува самиот да се центрира после управување во една насока. Менувачот е поставен директно до управувачот, а некои модели дојдоа со автоматски и полуавтоматски менувач, и дури и клима уред!

Од фреквенцијата на реченицата „..за прв пат на сериски автомобил…“ јасно е дека Citroën DS во многу погледи беше предводник на индустријата. Тоа е без да ја споменам најголемата иновација…


Суспензијата на DS постави нови стандарди за квалитетот на возењето

Wikimedia Commons | Riley

Најголемата, и можеби и најпознатата иновација кај DS беше хидропневматичната (hydropneumatic) суспензија. Додека конкуренцијата сѐ уште се служеше со конвенционални пружини и амортизери, DS воведе нешто ново.

Пружините и амортизерите ги заменија сфери исполнети со хидраулична течност. Оваа нова суспензија, меѓу другото, беше подесива по висина. Објаснувањето е доста комплицирано, но на кратко овозможи искуството зад воланот, па дури и како сопатник во DS да биде како да сте на волшебен тепих. Тоа е според сите луѓе кои поминале време со DS, и можеби некој ќе каже дека тој опис е клише, ама тие луѓе сѐ уште не смислиле друг начин да го опишат.

Citroën

Освен квалитетот на возењето, хидропневматичната суспензија донесе и други придобивки за DS. Како што се дозна на потешкиот начин, DS може да остане во движење дури и кога недостасува едно, па дури и повеќе тркала. Tокму тоа му овозможи на претседателот на Франција Шарл де Гол да избегне обид за атентат во 60-те години, и тоа неколку пати. Иако биле прострелани сите четири тркала, неговиот шофер успеал да го исконтролира возилото и да се оддалечи од напаѓачите.


DS имаше долг, но успешен и среќен живот

Wikimedia Commons

Производството на DS започна во 1955 година, а заврши во 1975 година. Во текот на производството, Citroën нудеше седан, кабриолет (Décapotable) и караван (Break) изведби. Тркалата ги придвижуваа четири агрегати, со капацитети од 1.9 литри до 2.3 литри. Силината се движеше од 75 коњски сили до 130 коњски сили. Citroën развиваа и хоризонтално поставен агрегат со шест цилиндри (боксер) за DS, но за жал, поради законските регулативи, тој агрегат не дочека сериско производство.

Во текот на производството се појави и ID моделот. Сѐ уште беше DS, но беше наменет за поширок спектар на купувачи, со пониска цена. Недостасуваа некои од пософистицираните елементи, како серво управувањето и серво асистенцијата за сопирачките, но сѐуште беше DS „во душа.“ Во 1976 година, CX моделот го зема местото на DS во гамата.


Легендата на DS е жива и понатаму

Wikimedia Commons

Иако DS за последен пат се поклони пред скоро пет децении, неговата легенда и наследство живее и понатаму. Тековниот C5 X влече дизајнерска инспирација од DS, а ист беше случајот и со луксузниот C6 од пред петнаесетина години.

Citroën

Хидропневматичната суспензија остана како еден од заштитните знаци на Citroën долго време после DS; последната генерација C5, со која се поздравивме во 2017 година, беше последниот модел кој ја користеше.

Wikimedia Commons

Освен иновативноста и дизајнот, DS е најзаслужен за поставување на вредностите кои сѐ уште важат за Citroën до ден денес. Иновативност, неконвенционалност, и напредно размислување. Какви и автомобили да се појават од Citroën во следните децении, столбовите на брендот кои ги постави DS ќе останат живи и понатаму. Статусот на икона и предводник на индустријата се дефинитивно заслужени.

ДАЛИ ЗНАЕВТЕ?

Поради способноста на хидропневматичната суспензија да трпи потешки услови за возење, DS беше првиот избор на неколку професионални возачи за теренски трки, како што е Paris-Dakar.

Wikimedia Commons



Comments


bottom of page