KORRMOTIVE WEEKLY RECAP Април #2
- Марко Соколовски
- Apr 14, 2024
- 3 min read
Уште една недела од април помина, а донесе нови и занимливи новитети од автомобилската индустрија. Ајде да видиме што има ново во вториот Korrmotive Weekly Recap за април!
Најновиот мал SUV на Opel го оживува името Frontera

Пред 30тина години, Opel Frontera беше вистински крут теренец базиран на Isuzu MU. За новиот мал кросовер, Opel го враќа името Frontera. Новата Frontera е ефективна замена за најмалиот кросовер модел на брендот, Crossland.
Frontera е базирана на Smart Car Platform, односно CMP платформата, која ја дели со многу други модели ширум брендовите под Stellantis. Ќе биде достапна целосно електрична верзија, како и верзии со лајт хибрид агрегати. Дизајнот е доста квадратест, и прилично впечатлив.
Opel Frontera ќе пристигне на пазарот подоцна во 2024 година, а ќе се составува во Stellantis Трнава фабриката во Словачка.
Alfa Romeo го претстави Milano, својот прв сериски БЕВ

Можеби најважниот модел на брендот во изминатите 15 години, Alfa Romeo Milano е првиот субкомпактен кросовер на италијанскиот бренд, како и првиот сериски електричен автомобил со Alfa Romeo знак.
Поставен е на истата eCMP2 платформа како и многу други Б-сегмент модели од Stellantis, и ќе биде достапен или како целосно електричен модел, односно Milano Elettrica, или како лајт хибрид, односно Milano Ibrida.
Целосно електричниот модел исто така ќе се нуди во Veloce изведба со 237 коњски сили, а Milano ќе биде достапен и со погон на сите четири тркала. Milano ќе пристигне на пазарот подоцна во 2024 година, а ќе се составува во фабриката на Stellantis во Тихи, Полска.
Toyota го претстави новиот 4Runner

Еден од омилените теренци на Северна Америка, Toyota 4Runner, конечно влезе во својата шеста генерација. Велам конечно бидејќи претходната генерација се нудеше на пазарот цели 15 години.
Иако новиот 4Runner е доста сличен на надворешноста, има драстични промени под каросеријата. Поставен е на новата GA-F архитектура, која ја дели со новиот Land Cruiser, како и со Tacoma пикапот.
Неуништливиот 4.0-литарски V6 за жал не е достапен, но на негово место доаѓа 2.4-литарски турбо бензинец, со или без хибридна асистенција, . Новиот 4Runner ќе се произведува во Јапонија, а во САД и Канада дебитира за моделската година 2025. За жал, нема да пристигне во Европа.
Ford Focus ST Edition е hardcore изведба на познатиот хот хеч

Тековната генерација Ford Focus ST е со нас веќе неколку години, а Ford сега претстави изведба за оние кои се редовни посетители на тркачки патеки. Focus ST Edition испорачува 280 коњски сили до предните тркала, кои се сега изработени со flowform техника, а се обвиени во Pirelli P Zero Corsa гуми.
Освен тоа, стандардно доаѓа со појачани Brembo сопирачки и прилагодливи KW амортизери. Стотка се случува за 5.7 секунди, додека максималната брзина е 250 км/ч.
Focus ST Edition ќе се нуди исклучиво како хечбек изведба (регуларниот ST е достапен и како караван), и единствената опција за менувач е 6-степен мануелен. Тоа е можеби најважниот момент за вистинските љубители. Вакви модели нема да траат уште долго на пазарот, да уживаме во нив додека уште ги има.
Доделени наградите Златно Тркало за 2024 година

Минатата недела се оддржи јубилејното петто издание на Златно Тркало, изборот за најпосакуван автомобил во Македонија организиран од страна на колегите од Автоплус, Carclub, Carsbyvik и RPM-mk.
Оваа година, најпосакуван градски автомобил е Opel Corsa, најпосакуван семеен автомобил е Mazda CX-60, најпосакуван електрифициран автомобил е Volkswagen ID.7, најпосакуван премиум автомобил е Audi Q8, додека главната награда за најпосакуван автомобил во Македонија ја освои Porsche Panamera. Честитки до победниците!