Volvo ги укинува сите караван и седан изведби во Обединетото Кралство
- Марко Соколовски
- Aug 1, 2023
- 2 min read
Сите знаеме дека SUV возилата го владеат глобалниот пазар, без разлика каде се наоѓате во светот. За многу автомобилски брендови, тоа значеше екстремни мерки: укинување на сите регуларни модели и нудење исклучиво SUV модели. Ford беа меѓу првите на својот домашен пазар во САД, а сега, Volvo се придружува на овој очекуван тренд, барем во Обединетото Кралство. Гамата на Шведскиот бренд на тој пазар ќе вклучува само SUV возила.

Во првата половина од 2023 година, 70% од продадените модели на Volvo беа SUV возила, така да, ова не е ни толку изненадувачки. Ова лето беше укинат S90 моделот во Обединетото Кралство, а сега на ред се V60, V90 и S60. Oд Volvo велат дека ова беше природен чекор кон нови технологии, нови платформи, и транзицијата до целосно електрифицирана понуда.

Додека регуларните модели на Volvo постигнаа петцифрени, а некои од нив и четирицифрени бројки на продажба, SUV моделите продолжија со својата офанзива. Во првата половина од годинава, XC60 продаде повеќе од 100.000 примероци.

Volvo се подготвува да го лансира малиот EX30 кон крајот на оваа година, а идната година ќе се појави EX90, електричниот наследник на XC90, а од Polestar страната, наскоро електричниот кросовер Polestar 3 ќе се појави во салоните. Фабриката каде што се произведува S60 во Јужна Каролина, САД, се подготвува за производството на Polestar 3.

Важно е да се напомене, освен тоа дека оваа промена важи само за Велика Британија, Volvo ќе се потруди максимално да има модел за сите видови купувачи во своето идно електрично портфолио. Тоа значи дека има големи шанси регуларните модели како S90 и V60 да преживеат и да станат целосно електрични.
Останува да се види како ќе се однесува остатокот од европскиот пазар, и дали тоа ќе побара да се укинат регуларните модели и на остатокот од него, а тука се и плановите на Volvo за својата електрична иднина, што исто така допрва ќе ги видиме во повеќе детали.