top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

Првиот моноволумен на Volvo го носи името EM90


Повеќето од нас знаеме по што е познат шведскиот бренд Volvo. Безбедност, премиум квалитет, екстремно издржливи дизел мотори, каравани. Спомнав безбедност?


Генерално, Volvo нудат автомобил за секој вид купувач и во секој сегмент, од помал до поголем. Откако постои Volvo, има еден сегмент во кој што досега не се приклучиле: моноволумен. Барем не досега. Volvo се вклучува во моноволуменската класа со новиот ЕМ90.


Првиот моноволумен на Volvo

Volvo EM90 1
Volvo

На прв поглед, ова може да е многу зачудувачки. Сигурно се прашувате зошто им требаше на Volvo толку време да влезат во сегментот на моноволуменски возила, и зошто во време на доминација на SUV возила (извинете, знам дека по којзнае кој пат го слушате тоа) Volvo се решија за моноволумен кога веќе го имаат XC90 за семејните купувачи?


Volvo EM90 2
Volvo

Одговорот е повеќестран. Прво, иако моноволуменските возила не ги издржаа притисоците на европскиот пазар, тие уживаат во многу успех на кинескиот и америчкиот пазар. Во овој случај, EM90 е наменет за кинескиот пазар, барем сега засега.


Според новата стратегија за именување на моделите на Volvo, EM90 е електричен моноволумен. Поставен е на SEA1 (Sustainable Experience Architecture) платформата на Geely, parent компанијата на Volvo. Со други зборови, EM90 ја дели архитектурата со Zeekr 009, уште еден електричен моноволумен наменет за кинескиот пазар.


EM90 го носи новиот дизајнерски јазик на Volvo

Volvo EM90 3
Volvo

EM90 го носи новиот, освежен дизајнерски јазик на Volvo, кој веќе го видовме на EX90 и EX30. Тука се освежените Thor's hammer предни светла, новото лого, и новиот дизајн на задни светла. Искрено, не очекував дизајнот да функционира вака добро на моноволуменско возило.


Под каросеријата, секако, се наоѓа електричниот погон. Се работи за единечен електромотор со огромна 116 kWh батериска кутија. Вкупниот системски износ е 268 коњски сили, што овозможува забрзување до стотка за 8.3 секунди, според официјалинте параметри.


Volvo EM90 4
Volvo

Volvo тврди дека EM90 може да помине дури 738 километри, но тоа е според мерењата на кинескиот CLTC циклус, кој е малку поразличен од нашиот WLTP. Освен тоа, има двонасочно полнење, што значи дека може да полни различни електронски уреди, а полнењето од 10% до 80% трае помалку од половина час, секако, на соодветен полнач.



Volvo EM90 5
Volvo

Ентериерот е вообичаен за Volvo, со скандинавскиот минимализам кој веќе на сите ни е познат. За разлика од EX30, EM90 има екран зад воланот, но и голем инфозабавен систем во средина. Екранот изнесува 15.4", и користи Snapdragon Cockpit Platforms. Тоа во превод значи истите луѓе што ги прават поголемиот дел од процесорите за Android телефони го прават хардверот за инфозабавниот систем тука.


Во централната конзола има кристална палка за менувачот, а поради тоа што е електрично возило, под централната конзола има голем простор за да сместите некој погломазен предмет.


Volvo EM90 6
Volvo

Да преминеме на најважното нешто за моноволуменско возило: седиштата и просторот. Првенствено, ЕМ90 e позициониран како луксузен моноволумен, што значи вкупно шест седишта, на три реда по две. Седиштата во средниот ред, како што гледате на фотографијата, се уредени како седишта во авион од прва класа.


Секое од нив има индивидуална масичка, како и изразени наслони за рацете на двете страни, што е добро за безбедност, но и за удобност. Сепак, Volvo не ја исклучува опцијата за семејно возило тука.


Од таванот се симнува 15.6" екран за патниците позади да имаат занимација. Бидејќи EM90 е електричен автомобил, ќе биде многу лесно најмалите да заспијат во задните седишта, но тоа исто така значи дека возачот ќе ги слуша многу повеќе кога ќе прашуваат „КОГА ЌЕ СТИГНЕМЕ?!“


Volvo EM90 8
Volvo

Volvo EM90 ќе започне со производство идната година (2024) во Нингбо, Кина. Засега не се достапни информации околу цените, комбинациите за погонот или конфигурациите на седишта. Volvo засега ќе го фокусира моделот стриктно за кинескиот пазар, но не ги исклучува опциите да го нуди и на други.

Comentarios


bottom of page