top of page

Volkswagen го претстави големиот Tayron

  • Writer: Марко Соколовски
    Марко Соколовски
  • Oct 10, 2024
  • 2 min read

Updated: Oct 14, 2024


За оние кои сакаа VW Tiguan, но им требаше малку поголем простор и уште еден ред седишта, Volkswagen го нудеше Tiguan Allspace. За третата генерација на Tiguan, поголемата верзија со седум седишта се одвојува во посебен модел. Ајде да видиме за што се работи.


Ова е новиот Volkswagen Tayron

Volkswagen Tayron 1

Volkswagen


Прво, пред било што друго да кажам, виолетовава боја е страшна! Океј, ајде да го разгледаме Volkswagen Tayron одблиску. Ова е сосем нов SUV модел на Volkswagen кој прави мост меѓу компактниот Tiguan и поголемиот, премиум Touareg.


Tayron е значително поголем од Tiguan, со должина од околу 4.8 метри во споредба со 4.53. Добива и по малку на ширина и висина, и покрај тоа што се гледаат дизајнерските влијание од Tiguan, сепак Tayron е доволно различен. По малку ме потсеќа на Atlas, големиот SUV на Volkswagen кој се нуди во Северна Америка и Блискиот Исток.


Volkswagen Tayron 2

Volkswagen


Под каросеријата на Tayron се наоѓа најновата MQB Evo платформа која е исто подлогата за Tiguan. Ова значи, меѓу другото, најновата генерација на електрифицирани погони од VAG.


Volkswagen Tayron 3

Volkswagen (и сино-сивава боја изгледа одлично!)


Tayron eHybrid ветува опсег на струја од дури 100 километри според WLTP, што е една од најдобрите бројки во класата. Со полна батерија и полн резервоар со гориво, Volkswagen ветува вкупен опсег од 850 километри, што е одлично! Плаг-ин хибридот е достапен во два вкусови, со 204 коњски сили, или пак 272 коњски сили.




Но тоа не е целата приказна. Tayron е еден од малкуте модели во сегментот кои нудат дизелски мотори. За почеток, само посилниот 2.0-литарски TDI со 193 коњски сили ќе биде достапен, кој доаѓа стандардно со погон на сите четири тркала. Тука е и основниот 1.5-литарски TSI бензинец со 150 коњски сили и 48V лајт хибрид технологија. Сите изведби на Tayron се достапни исклучиво со автоматик со двојна спојка.


Volkswagen Tayron 14

Volkswagen


Ентериерот е топтан превземен од новиот Tiguan. Достапен е огромен 15-инчен инфозабавен систем кој се гледа на фотографијата, инструмент таблата е исто така целосно дигитална, а тука е и тркалцето во централната конзола за режимот на возење.


Тука се забележуваат и подобрувањата во ергономијата кои Volkswagen ги воведува во своите модели, меѓу кои и вистинските копчиња на воланот и осветлени слајдери за јачина на звукот и температурата под екранот. Меѓу достапните технологии, освен очекуваните безбедносни системи, се Harman/Kardon систем за озвучување и интеграција со ChatGPT во инфозабавниот систем.


Volkswagen Tayron 7

Volkswagen


Сепак, најважниот момент во внатрешноста на Tayron е багажниот простор и распоредот на седишта. Со сите редови седишта исправени, Tayron нуди 345 литри простор, кои со преклопување на третиот ред стануваат 705, 850 или 885, во зависност од моделот. Со вториот и третиот ред преклопен, Tayron нуди речиси 2.000 литри багажен простор!


Бидејќи знам дека е битно ова за купувачите на ваков тип на возила, во зависност од моделот, Tayron може да влече приколка до 2.5 тони, а можете во багажникот и да додатете 230V приклучок за струја, како што би користеле дома.


Volkswagen Tayron 10

Volkswagen


Навистина ме интересира како ќе се покаже Tayron, бидејќи сегментот на кој се придружува сѐ повеќе расте во Европа и ширум светот. Од времето на објавување не се познати цените или пак кога би пристигнал Tayron на нашиот пазар.







© 2024 Korrmotive. Сите права се заддржани.

  • White Facebook Icon
  • Instagram
bottom of page