Освежените Volkswagen ID модели ќе имаат многу подобрувања
- Марко Соколовски
- Dec 1, 2024
- 2 min read
Електричната понуда на Volkswagen моментално брои вкупно четири модели на европскиот пазар, и тоа ID.3, ID.4, ID Buzz и ID.7, кои се сите базирани на MEB платформата. Очигледно е дека Volkswagen ги слуша критиките на купувачите за овие модели, и ветува дека освежените верзии кои ќе ги видиме за пар години ќе одговорат на овие критики.
Нов идентитет кој дава јасно до знаење дека е Volkswagen

Volkswagen
Директорот за развој на VW, Каи Груниц, тврди дека освежените Volkswagen ID модели, конкретно ID.3 и ID.4, ќе имаат нов дизајнерски идентитет од надвор, со инспирација од ID.2all концептот кој наскоро ќе го видиме како сериски модел.
Според мене, тековните дизајни се супер, ама ме интересира што всушност значи тоа нов и многу препознатлив идентитет од надвор. ID.2all концептот изгледа одлично, така да би сакал да видам како сето тоа би се превело на два автомобили со поголем габарит.

Volkswagen
Освен тоа, се ветува и поефикасни батерии и мотори кои би требало да обезбедат подобра потрошувачка на струја, а со тоа и подобар опсег. Но, и покрај тоа што ова се интересни новости, не ми фатија око најмногу. Најинтересната вест се однесува на ентериерите.

Volkswagen
Од Volkswagen ветуваат дека новите ентериери ќе користат многу поквалитетни материјали, и потврдите пластики ќе бидат исфрлени и заменети со помеки материјали. Освен тоа, и ова е многу важно, физички копчиња и посебни контроли за клима уредот ќе бидат воведени во новите изведби на ID.3 и ID.4.

Volkswagen
Освен тоа, најновиот инфозабавен систем на VAG е одличен, како што дознав кога ги тестирав Skoda Enyaq и Skoda Octavia, така да ова е навистина добра вест.
Што се однесува до тоа кога ќе ги видиме овие освежени ID.3 и ID.4, во моментов уште не е познато. Претпоставувам дека ќе се појават за некои пар години, веројатно после претставувањето на серискиот ID.2.
Многу ми се допаѓа што Volkswagen го слуша и реагира соодветно на фидбекот, и навистина многу ме интересира како ќе изгледаат сите овие промени во пракса. Нормално, се надевам дека и со тек на време дека и другите ID модели ќе ги претрпат овие промени.
Извор: CarScoops