Електричното портфолио на Volkswagen се шири, и ќе се шири и понатаму во годините што претстојат. ID.3 и ID.4 уживаат во успех на глобалните пазари, и ги пополнија местата во гамата на VW за електричен хечбек и SUV модел.
Моделот кој го зазема местото на седан, ID.7, за прв пат се појави кон крајот на 2023 година. Сега, новиот Volkswagen ID.7 пристигна на македонскиот пазар.
ID.7 е врвот на ID понудата на Volkswagen
Volkswagen ID.7 е првиот електричен седан на Волфсбург, и со тек на време ќе го замени Passat во понудата на VW. Како и остатокот од електричните модели на Volkswagen, ID.7 е поставен на MEB платформата и ја дели со ID.3 и ID.4
Однадвор, ID.7 се гледа дека е дел од ID семејството, и ги вклучува повеќето познати детали од тие модели. Предните светла се препознатливи, како и делот околу VW знакот. Инаку, сите VW знаци на екстериерот се бели, како што би очекувале.
На задниот дел, нормално, има light bar по цела ширина, но како што гледате на фотографијата, има забележлив недостаток на црвена боја, туку е целосно бел. Ако ме прашувате мене, солидна одлука, дава многу футуристички изглед, а и придонесува до општиот футуристички изглед на ID.7
ID.7 дебитира прво во Pro изведбата
На македонскиот пазар ID.7 пристига во Pro изведба. Тоа значи еден електромотор поставен на задната оска, кој сам по себе е новиот APP 550 мотор. Поради подобрениот инвертер, нуди подобра ефикасност, а и солиден вртежен момент од 550 Nm.
Моторот е спарен со 77 kWh (нето) батериска кутија, што сѐ на сѐ значи 286 коњски сили, 0-100 км/ч за 6.5 секунди, и максимален опсег на струја (според WLTP, секако) од 621 километар. Навистина импресивна бројка, помогната од фокусот на аеродинамика кај ID.7. Коефициентот на отпор кон воздухот изнесува само 0.23 Cd.
Во внатрешноста се гледаат новите дизајнерски елементи на Volkswagen кои полека се појавуваат и на остатокот од моделите. Најистакнат од сите (и во буквална и во фигуративна смисла) е огромниот 15-инчен екран за инфозабавните соддржини, и општиот фокус кон минимализмот и избегнување да се натрупува ентериерот.
Volkswagen ID.7 дефинитивно остави добар прв впечаток. Очекувајте тест возење наскоро.