top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

ВО ФОКУС: Renault Clio V6 Renault Sport


Речиси сите ние, вклучувајќи ги и тие што не се многу по автомобилите, знаеме што е Renault Clio. Малиот француски Б-сегмент херој е со нас веќе 33 години, и е еден од само два автомобили во историјата кој бил изгласан за Европски автомобил на годината два пати.


Некои можеби имаат заборавено, но на крајот на 90тите години, Renault подготви навистина откачен проект за Clio со V6 мотор поставен на задната оска. Всушност, приказната е малку посложена, и ги инволвира легендите на британскиот мотоспорт Tom Walkinshaw Racing, производните капацитети на Volvo и една луда идеја за Twingo со F1 мотор. Време е за една навистина добра приказна. Во Фокус е Renault Clio V6 Renault Sport!


Renault Clio V6 Renault Sport 1
Renault

Приказната започнува на почетокот на 90те. Renault Sport е одделот на францускиот бренд кој се бави првенствено со мотоспорт, и веќе ги брои успесите на тркачките патеки.


Се ближеше полека времето да го заменат Renault Sport Spider Trophy, малиот двосед без покрив со задно-поставен мотор. Додека Renault размислуваа што ќе се случува со заменикот на Spider, нешто интересно се случуваше.


Аксел Брун, еден од членовите на дизајн тимот на Renault имаше прилично луда визија зa Twingo поставен на платформата на Spider, со V10 агрегат од Formula 1 болид. Секако, овој проект не помина кај одборот, но затоа нешто слично помина.


Renault Clio V6 Concept 1
Renault

Во 1998 година се појави првиот Clio V6 концепт автомобил, заедно со втората генерација на Clio која го направи своето деби истата година. Иако претежно личеше на Clio, V6 концептот беше поставен на сосема друга платформа, со погон на задните тркала и агрегатот поставен позади.


Концептот беше инспириран од рели легендата R5 Turbo, и во првите фази концептот го носеше името Clio Maxi.


Исто оваа година дебитираше Trophy изведбата, која го замени Spider на тркачките патеки. Иако речиси сѐ за овој концепт е сосема невообичаено, Renault навистина го стави во сериско производство.


Renault Clio V6 Renault Sport 1
Renault

Првото издание на Clio V6, исто така познат како Phase I (прва фаза) се појави во 1998 година, на автомобилскиот саем во Париз. Навидум, Clio V6 дели многу каросериски делови со обичното Clio. Тоа е така, меѓутоа каросеријата е сосема поразлична, како и платформата, која е со погон на задните тркала.


Секако, Clio нема доволно простор под поклопецот за огромен V6 мотор, па затоа моторот го зема местото на задните седишта кај Clio V6, како вистински суперавтомобил.


Renault Clio V6 Renault Sport 4
Renault

Ајде да видиме за каков мотор се работи. Под тепихот во багажникот на Clio V6 Renault Sport се наоѓа 2.9-литарски атмосферски V6, развиен во соработка со PSA групацијата. Овој агрегат беше предвиден како заменик на застарениот PRV V6, кој придвижуваше секакви модели од Peugeot, до Volvo, до челичниот времепловец DeLorean DMC-12.


Познат и под шифрата ESL, овој агрегат испорачуваше 230 коњски сили и 300 Nm вртежен момент кај Clio V6 Phase I. Тоа значеше забрзување до стотка за 6.5 секунди, и максимална брзина од 235 километри на час. Со вакви бројки сѐ уште се фалат хот хеч модели до ден денес, но пред 25 години, ова беше нешто невидено.


Renault Clio V6 Renault Sport 5
Renault

Приказната станува поинтересна кога се зборува за склопувањето и производството на Clio V6. Tom Walkinshaw Racing, мотоспорт експертите кои беа значително инволвирани во развивањето на Clio V6, исто така беа задолжени и за составувањето, со тоа што Renault направи целосен аутсорсинг.


Ниеден од производните капацитети на Renault не беше подготвен да го состави Clio V6, па затоа TWR го составуваа Clio V6 во производен капацитет кој беше во заедничко сопствеништво на TWR и Volvo, лоциран во Удевала во Шведска.


Renault Clio V6 Renault Sport 6
Renault

Освеженото второ издание на Clio V6, односно Phase II (втора фаза) се појави во 2003 година. Освен очигледните промени во дизајнот, кои го доведоа во линија со фејслифтираниот Clio, имаше и големи промени под каросеријата.


V6 агрегатот доби значително појачување на 255 коњски сили, кој воедно го направи најсилниот хот хечбек модел на пазарот во тоа време. Ова исто значеше подобрувања на забрзувањето. Стотка се намали на 5.9 секунди, а максималната брзина скокна на 246 км/ч. Инаку, и двете фази на Clio V6 беа исклучиво достапни со 6-степен мануелен менувач.


Renault Clio V6 Renault Sport 7
Renault

Како што изјавија многумина кои имаа искуство со Clio V6, Phase II ги израмни сите неправилности во динамичките способности, и втората фаза беше значително помалку страшна од првата. Не беше сѐ до перформансите на Clio V6, повеќе беше за самата идеја колку е луда, и погледите кои неизбежно ги привлече.


Renault Clio V6 Renault Sport 8
Renault

Освен недостатокот на задни седишта и џагорот на V6 моторот директно позади возачот, ентериерот на Clio V6 беше речиси ист како регуларниот Clio. Клима уред беше стандардна опрема, а Phase II додаде автоматски брисачи и ксенон светла.


Renault Clio V6 Renault Sport 9
Renault

Renault Clio V6 Renault Sport веќе го има заслужениот статус на класика. Со помалку од 3,000 примероци произведени од 1999 до 2005 година, шансите дека ќе видите Clio V6 на улица се мали. Гарантирам дека доколку се случи тоа, нема да го заборавите.


Според Classic.com, во просек, цените на Clio V6 Phase I се нешто помалку од 40,000€, додека Phase II веќе достигна повеќе од 64,000€. Еден од најхрабрите потези во историјата на автомобилите, Renault Clio V6 е убедливо последен од својата сорта. Вакво нешто најверојатно нема да видиме уште еднаш, и тоа е навистина штета.

Comments


bottom of page