top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

ВО ФОКУС: Lotus Esprit


Simplify, then add lightness. Во превод: Поедностави, па додади леснотија. Ова е познатото мото на Колин Чепмен, основачот на британскиот бренд Lotus.


Lotus се познати по нивните мали и лесни автомобили кои се ласерски фокусирани на перформансите во свиоци. Можеби ги немаат најсилните агрегати, но минималната тежина во комбинација со прва класа штелување на шасија и возни компоненти скоро секогаш резултираше во автомобили кои го посрамотуваа најдоброто од Италија на тркачките патеки.


Иако денес Lotus е нешто сосема друго, љубителите секогаш ќе ги памтат нивните легендарни модели. Спомнав погоре дека и најмалите модели на Lotus можат да ги посрамотат суперавтомобилите, но што се случи кога Lotus се насочи кон врвот пред педесетина години? Ајде да видиме.


Во Фокус е Lotus Esprit


Lotus Esprit 1
Lotus

Приказната за Esprit започнува во 70те години. Lotus влезе во оваа деценија со само два сериски модели, Elan и Europa. Elan беше на некој начин претходник на познатиот Elise, додека Europa беше во повисоката класа на спортски автомобили.


Како што почна деценијата, Europa беше прилично застарен модел. Во исто време, Чепмен сфати дека ултра-лесни спортски автомобили нема да ја држи компанијата на површина долгорочно, и реши да започне проект за спортски автомобил за поширока демографија.


Lotus Esprit 2
Lotus

Зад фантастичниот дизајн, кој беше многу напреден за 70те, стои Italdesign Giugiaro, истата дизајнерска куќа која стои зад првиот Volkswagen Golf, Renault 19, и Zastava Florida.


Во 1972 година се појави првиот концепт за новиот модел на Lotus, наречен М72. Навидум личеше спремен за сериско производство, но серискиот модел ќе се појави тек во 1976 година.


1976: Esprit S1


Lotus Esprit S1 1
Lotus

Првата изведба на Esprit беше наречена S1, а интерно беше познат по шифрата Type 79. Со овој дизајн на екстериер, Elan и Europa делуваа како антиквитети, и навидум Esprit изгледаше подготвен да се натпреварува со најбрзите дотогашни автомобили.


Додека челичната структура беше слична на онаа на Europa, каросеријата беше направена од стаклена волна, попозната под името фиберглас. Ова значеше, меѓу другото, каросеријата не 'рѓосуваше.


Lotus Esprit S1 2
Lotus


Шеги настрана, фиберглас конструкцијата значеше многу, многу мала вкупна тежина. Првиот Esprit тежеше само 900 кг. За жал, моторот зад кабината не беше доволно подготвен да им покаже на италијанците и британците кој е главен.


Lotus Esprit S1 3
Lotus

Поставен зад ентериерот на Esprit S1 е 2.0-литарски Type 907 бензинец, кој испорачуваше само 162 коњи кај европските модели, и 142 коњи кај моделите за америчкиот пазар. И покрај минималната тежина, на Esprit S1 му требаа 8 секунди да развие 100 км/ч. Во споредба со сите современици, меѓу кои Ferrari 308 GTB, Lamborghini Urraco и Aston Martin DBS, Esprit беше оставен далеку позади.


Не смееме да заборавиме дека Esprit S1 ја имаше една од главните улоги во James Bond филмот The Spy Who Loved Me (1977) каде што се трансформираше во подморница.


Lotus Esprit Submarine
Lotus

Сепак, познатите Lotus способности во свиоците останаа исти и кај Esprit, и моделот беше доволно успешен за да доживее втора генерација.


1978: Esprit S2


Lotus Esprit S2 1
Lotus

Само две години по појавувањето на Esprit на пазарот, Lotus ја претстави втората серија позната како S2. Втората серија на Esprit прво започна како фејслифт на моделот, со мали дотерувања на светлосните групи, тркалата, и ентериерот. На почетокот го користеше истиот мотор, но тоа се промени во 1980 година.


Таа година Esprit се поднови со нов 2.2-литарски бензинец, што значеше повисок вртежен момент, но сепак истата силина од 160 коњски сили. Но тоа не беше финалето.


1980: Essex Turbo Esprit


Lotus Essex Turbo Esprit 1
Lotus

Во 1980 година се појавува Essex Turbo Esprit, лимитирана серија на Esprit S2 која, како што наведува името, конечно додаде турбополнач на 2.2-литарскиот бензинец, а со тоа и првото значајно зголемување на силината на моторот, конкретно на 210 коњски сили.


Со тоа појачување дојде и значајно подобрување кај спринтот до 100 км/ч, кој сега беше 6.1 секунди, што е брзо дури и во денешно време. Ако се прашувате зошто Essex, се работи за Essex Petroleum, еден од главните спонзори на Формула 1 тимот на Lotus во 1980 година.


Lotus Essex Turbo Esprit 2
Lotus

Essex Turbo Esprit го доведе моделот поблиску до класата со која што отсекогаш сакаше да се натпреварува, и јасно беше дека Lotus понатаму ќе го движи моделот во тој правец. А тоа нѐ носи до...



1982: Esprit S3


Lotus Esprit S3 1
Lotus

Третото издание на Esprit, односно Esprit S3, се појави на пазарот во 1982 година. Овој пат, Turbo Esprit моделот беше стандарден дел од понудата, заедно со регуларниот, и 2.2-литарскиот бензинец кој прв пат се појави во S2 сега беше де факто моторот. И двата S3 модели ги наследија козметичките додатоци од Essex Turbo Esprit, меѓу кои браниците и BBS тркалата.


Lotus Esprit S3 2
Lotus


Турбо верзијата испорачуваше 213 коњски сили до задните тркала преку 5-степен мануелен менувач позајмен од Citroën, која претходно се појави во SM и DS. Turbo Esprit уште повеќе се приближуваше до најдоброто од конкуренцијата, а најдобрите денови за Esprit допрва следеа. За жал, S3 беше последната серија со дизајнот на Giugiaro.


Lotus реши дека е време Esprit да се модернизира и промени драстично, а за тоа го задолжија дизајнерот Питер Стивенс, чие портфолио ги вклучува Rover 75 и McLaren F1. Плодот од трудот се појавува во 1987 година.


1987: Esprit X180


Lotus Esprit X180 1
Lotus

Бидејќи четвртата генерација на Esprit не беше никогаш именуван како S4, а ја носеше интерната шифра X180, повеќето го нарекуваат така. X180 Esprit почна со продажба во 1988 година.


Дизајнот на Стивенс ја заддржа истата основна форма и изглед, но овој пат се внимаваше и на аеродинамиката како и на модернизирање на дизајнот. X180 Esprit моделите беа многу современи во однос на дизајнот, но тоа не беше сѐ.


Lotus Esprit X180 2
Lotus

2.2-литарскиот бензинец од претходниот Turbo Esprit повторно се врати и во овој модел, но овој пат моделот беше прекрстен во Esprit Turbo. На почетокот силата беше иста, 213 коњи, но забрзувањето до стотка сега влезе во регионот на 5 секунди.


Во 1989 година се појави нова верзија на овој мотор со воздух-вода-воздух интеркулер, како и нов систем за вбризгување гориво. Овој модел стигна до 268 коњски сили, што го симна спринтот до стотка на само 4.7 секунди.


Lotus Esprit X180 3
Lotus

Силата пристигна до задните тркала преку истата 5-степена трансмисија од Citroën на америчко тло, додека во Европа Esprit користеше нов 5-степен менувач од Renault. Со X180 генерацијата, Esprit веќе дефинитивно по малку ги загрижи конкурентите.


Сигурен сум дека ви се смачи да го читате тоа. Можеби се прашувате, дали некогаш Esprit сериозно се покажа пред суперавтомобилите, а дали можеби и ги надмина во многу аспекти? Да. Тоа се случи токму со следната генерација.


1994: Esprit S4


Lotus Esprit S4 1
Lotus

Во 1994 година се појави Esprit S4, официјално петтата генерација и покрај името. Дизајнот доби уште едно освежување од дизајнерот Џулијан Томсон, а под поклопецот најпрвин беше истиот 2.2-литарски бензинец од X180 со 264 коњски сили. Сѐ до 1996 година.


Lotus Esprit S4 2
Lotus

Во 1996 година, на 2.2-литарскиот бензинец му се придружи нов мотор кој многумина би се согласиле дека Esprit отсекогаш го заслужувал: V8.


Конкретно 3.5-литарски битурбо V8 дизајниран од Lotus, познат по шифрата 918. Со целосно алуминиумска конструкција и глави поставени на 90 степени, моторот испорачуваше 355 коњски сили. Всушност, моторот имаше максимална силина од дури 507 коњски сили, но бидејќи Esprit сѐ уште го користеше менувачот од Renault, силата мораше да се намали за да не се оштети трансмисијата.


Стотка беше возможно за 4.4 секунди, додека максималната брзина беше преку 280 км/ч. Со новиот V8 мотор, Esprit конечно имаше сѐ потребно за да нуди перформанси како суперавтомобил за многу, многу пониска цена.


Lotus Esprit V8 3
Lotus

Битно е да се спомне дека кога се појави Esprit V8, сеуште немаше Lamborghini Gallardo, Audi R8, и повеќето останати помали суперавтомобили и спортски автомобили, што го остави Porsche 911 како единствениот вистински конкурент на Esprit.


Lotus Esprit 350 1
Lotus

S4 генерацијата исто имаше лимитирана серија позната како Esprit Sport 350. Моторот испорачуваше 350 коњски сили, а имаше и подобрувања во шасијата за уште подобри перформанси, како и одземање малку од тежината. Само 50 примероци беа продадени, еден од нив беше во сопствеништво на Ричард Хемонд од Top Gear / The Grand Tour.



Lotus Esprit V8 1
Lotus

2004 година беше крајот на Lotus Esprit. Последните модели беа произведени таа година, и оттогаш, Lotus не претставил директна замена. Во 2010 година претставија концепт за нов Esprit, но сепак тој план не успеа.


Lotus Esprit денес не ужива во многу слава и спомени. Додека сите се полудени за неговите конкуренти од истите децении, речиси никој не го споменува Esprit повеќе. На времето, модели како Esprit кои нудеа перформанси од суперавтомобил за многу помала цена речиси не постоеја. Затоа, и понатаму, Esprit си постои во своја класа.


ИНТЕРЕСЕН ФАКТ: Заедно со петтата генерација Corvette, Esprit беше последниот автомобил во сериско производство со pop-up предни светла :)









Comments


bottom of page