top of page
  • Writer's pictureМарко Соколовски

ВО ФОКУС: Lexus LS


Во 80те години, пазарот за луксузни автомобили беше доста поразличен од тоа што е денес. Mercedes-Benz полека, но сигурно се издигнуваа на врвот помеѓу премиум брендовите, заедно со BMW. Audi сѐ уште не беа еден од врвните играчи кај купувачите, но никој не можеше да ја оспори нивната доминација во рели шампионатите. Lincoln и Cadillac беа на врвот на светот само 20 години претходно, но во 80те, нивната популарност беше исклучиво помеѓу повозрасните купувачи.


Јапонскиот бренд Toyota реши дека сака да се придружи на конкуренцијата не само со нов модел, туку и со сосема нов бренд. Во 1989 година, после години и години тестирање и развивање од тимот кој броеше повеќе од 4,000 луѓе, конечно дебитираше денешниот субјект на Во Фокус, Lexus LS!



Lexus LS400 1
Lexus

Како проект, Lexus започна во 1983 година. Еиџи Тојода, тогашниот извршен директор на брендот, создаде таен план за луксузен автомобил наменет за извозните пазари. Иако Toyota ги нудеше Crown и Century на домашниот пазар со години, сфатија дека нема да има интерес за такви автомобили на глобалниот пазар.


Тојода испрати порака кон извршниот директор на Toyota во САД:


„Време е да направиме автомобил подобар и од најдобрите на светот.“


Така започна проектот F1, кратенка за Flagship (знаменосец) бр. 1, а проектот исто се водеше и по името Circle-F. Целиот проект ги чинеше Toyota повеќе од 1 милијарди долари, и во половина деценија тестирање и развивање, прототиповите (од кои имаше околу 450) навршија вкупно околу 2,7 милиони километри! За тие што знаат за првиот Lexus LS, знаат дека тоа може да е сосема вообичаено.


Lexus LS400 2
Lexus

За моделската година 1990, Lexus LS400 беше подготвен за продажба. Целта на Toyota, односно на Lexus уште на самиот почеток беше да креираат автомобил што ќе ги надмине предводниците на класата во однос на удобност, издржливост, технологија, и возачко искуство.


Секако, имаше скептицизам за Lexus LS, како и целиот бренд. Toyota беа познати по своите економични, пристапни автомобили како што е Corolla, и многумина не веруваа дека Toyota би можеле да направат вистински луксузен автомобил што би ја загрижил конкуренцијата. Сепак, скептицизмот беше неоснован, бидејќи LS400 го направи токму тоа!


Lexus LS400 3
Lexus

LS400 го доживеа најголемиот успех во Северна Америка. Ја надмина својата конкуренција во речиси секој поглед. Дефинитивно се познаваше дека тимот на Toyota/Lexus вложиле огромен труд да го направат LS најдобар во класата. Меѓу другото, сите делови кај LS400 беа уникатни, и не делеше речиси ништо со други модели на Toyota. Oткако дебитираше LS400, веднаш го тргна вниманието од S-Klasse и останатите германци, па дури и од британците.



Lexus LS400 4
Lexus

Во наредните години следеа грст промени за LS. Втората генерација се појави веќе во 1994 година, и иако можеби изгледаше слично како првата генерација, речиси 90% од компонентите беа сосема нови, или подобрени. Една од најсилните страни на LS во тоа време, а и сѐ уште до ден денес беше предноста во однос на цената. Во речиси сите генерации, LS секогаш имал пониска почетна цена од конкуренцијата. Со оглед на тоа дека скоро ниедна жртва не беше направена, тоа е дефинитивно предност.



Lexus LS430 5
Lexus

Третата генерација се појави во 2000 година, со обновен дизајн и подобрувања во скоро секој поглед. Еден од главните новитети беше зголемен капацитет на агрегатот, од четири литри до 4.3 литри, што овозможи силина од 290 коњски сили. Технологијата исто така претрпи подобрувања и промени; ова беше првиот LS модел со адаптивен, односно радарски темпомат, како и првиот во извозните пазари што нудеше навигационен систем.



Lexus LS460 6
Lexus

Четвртата генерација донесе радикални промени во дизајнот. Иако претходните три генерации не изгледаа лошо, многумина се сложија дека игра на безбедна карта. Тоа не беше случајот со четвртата генерација LS, што воведе сосема нов дизајн кој доликуваше на еден луксузен автомобил.




Lexus LS460 7
Lexus

Освен сосема новиот 4.6-литарски агрегат, на оваа генерација дебитираше и LS600h L, со продолжено меѓуоскино растојание и хибриден V8 агрегат. Убедливо една од најимпресивните технологии на овој LS беше Park Assist. Секако, таа технологија е достапна во широк спектар на автомобили денес, но пред 15 години, тоа беше друга приказна.


Lexus LS500 8
Lexus

Тековниот LS е на пазарот од 2018 година. Иако е сѐ уште одличен конкурент во светот на луксузните лимузини, за жал, многу аспекти на автомобилската индустрија се променија. Кросовер и SUV моделите станаа фаворити кај купувачите, и LS се мачи да постигне добри бројки. Според Carfigures.com, на америчкиот пазар, Lexus успеа да продаде само 2,679 LS примероци во 2022 година. Во контраст, S-Klasse на истиот пазар постигна 8,736 примероци во 2022 година.


Lexus LS400 9
Lexus

Иако работите се сменети денес, не може да се оспори ударот кој Lexus LS го направи на автомобилската индустрија. Во 1990 година, речиси 43,000 примероци од LS стигнаа до купувачи во Северна Америка. Истата година, Mercedes W126 успеа да продаде само 17,000 примероци.


LS400 постави нови стандарди за луксуз и комфор во класата на премиум автомобили, и 4.0-литарскиот 1UZ-FE V8 агрегат постави нов стандард кај моторите со внатрешно согорување. Тивок, мирен, но повеќе од доволно силен. Исто така, 1UZ-FE е на врвот во однос на својата издржливост: американскиот новинар Matt Farah имаше LS400 кој помина 1 милион милји, односно 1,6 милиони километри!



Lexus LS400 10
Lexus

Поради ефектот што го имаше LS на автомобилската индустрија, во комбинација со тоа што е сѐ потешко и потешко да се најде примерок со мала километража, Lexus LS убедливо ги има сите предиспозиции за идна класика.


Lexus LS400 11
Lexus

Приказната за Lexus LS е дефинитивно една од најзанимливите во автомобилската индустрија. Класичен пример за упорност и издржливост од еден бренд кој беше познат по своите економични автомобили, но и покрај целиот скептицизам, успеа не само да состави еден храбар конкурент во еден сегмент доминиран од германски модели.


И покрај сѐ што беше против нив, Toyota, односно Lexus, успеаа да го совладаат предизвикот. Иако Lexus LS400 сѐ уште не е класика, ги има сите предиспозиции да стане во многу скоро време. Ако ме прашувате мене, сосема заслужено.


Галерија:



--


ДАЛИ ЗНАЕВТЕ?


Иако Lexus LS беше наменет за извозните пазари, тој сепак беше достапен на јапонскиот пазар какo Toyota Celsior.


Toyota Celsior 1
Toyota






Comments


bottom of page