ВО ФОКУС: Fiat Panda
- Марко Соколовски
- Jun 19, 2023
- 4 min read
Понекогаш е лесно да се заборави колку многу технологија има во денешните автомобили. Можеби не се чувствуваат кога сте зад воланот, но сите нови автомобили се преполни со технологија, рафинираност и опрема. Пред четириесетина години, автомобилската индустрија беше значително поразлична од денес.
Тој период, Fiat имаше генијална идеја: автомобил кој ќе се спротивстави на социјалните перцепции и предрасуди, и кој ќе нуди едноставен, робустен транспорт на четири тркала со простор за сѐ што ви треба во многу мал пакет. Плодот на овој труд се појави во 1979 година и се викаше Fiat Panda, денешниот субјект на Во Фокус!

Набргу откако се појави на пазарот, Panda создаде бранови во целата автомобилска индустрија, исто како што направи Fiat 500. Зад легендарниот дизајн стоеше подеднакво легендарниот Giorgetto Giugiaro, италијански дизајнер и основач на Italdesign, чие портфолио вклучува легенди како првиот Volkswagen Golf, Lotus Esprit, и Lancia Delta.

Идејата зад Panda, како што наведов погоре, беше многу едноставна: едноставен, ефтин автомобил кој нуди простор за четири луѓе и сосема доволно багажен простор, и кој е лесен за сервисирање и робустен. Panda за прв пат беше претставена на крајот на 1979 година, а продажбата започна во февруари 1980, непосредно пред Саемот за автомобили во Женева.

Инспирацијата за Panda доаѓа од други легендарни модели кои ја имаа истата намера на пазарот, како Renault 4 и Citroën 2CV. Поради ниската цена и поради лесноста за оддржување, Panda стана многу познат модел за многу кратко време.

Два месеци по Саемот во Женева, пристигнаа околу 70,000 нарачки за Panda. До крајот на производството во 2003 година, Panda имаше продадено повеќе од 4,5 милиони примероци ширум Европа.
Во однос на дизајнот и намерата на Panda, еве што имаше да каже Giugiaro:
Panda е како пар фармерки: едноставно, практично парче облека без никакви претензии. Се обидов да го вметнам есенцијалниот квалитет на воен дизајн, конкретно на хеликоптер: нешто лесно, рационално, и приспособено за конкретна намера.

Во текот на производството, Panda дојде во неколку различни изданија и беше придвижена од неколку видови агрегати. Првите Panda модели користеа двацилиндрец со 0.6 литри зафатнина, кој го делеа со Fiat 127. Подоцните модели надградија во мотори со четири цилиндри со зафатнини од 0.7 литри до еден литар.

На некои пазари беше достапен и дизел мотор, како и целосно елеткричен модел наречен Panda Elettrica. И покрај тоа што агрегатите немаа масивни количества на силина, повеќето модели на Panda тежеа помалку од еден тон, некои од нив околу 700 килограми, што ги правеше агилни и овозможи да не се чувствува малата силина.

Убедливо најпознатото издание на Panda беше 4x4. Првите Panda 4x4 изведби се појавија во 1983 година, што значи дека оваа година легендарниот модел го прославува 40-от роденден. Повеќе за тоа подоцна.
Panda 4x4 беше речиси истиот автомобил, но наместо погон на предните тркала, користеше погон на сите четири тркала произведен од Steyr-Puch, истата фабрика каде што се произведуваше легендарниот Mercedes G-Klasse.
Да разјаснам дека ова не беше погон на сите четири тркала по потреба како AWD на модерните автомобили, Panda 4x4 навистина беше 4х4, и беше првиот сериски автомобил со трансверзално поставен мотор и погон на сите четири тркала.

Првата генерација на Panda траеше до 2003 година, и во тој период се продадоа 4,5 милиони примероци. Многу од нив до ден денес се возат околу руралните средини на Италија, особено 4x4 изведбите.
Сопствениците се лојални на Panda поради нивната издржливост, леснотијата за оддржување и сервисирање, и практичноста. Поради важноста и придонесот кон светот на автомобилите, првата генерација на Panda полека, но сигурно добива статус на класика.

Во 2003 година, конечно се појави втората генерација на Panda. Концептот беше сличен како првата генерација, но сега беше значително помодернизиран. Новата Panda се префрли на сосема нова платформа, и додаде уште две врати за повеќе практичност.

И покрај диминутивните димензии, имаше доволно простор за четири патници, и изненадувачки добар багажен простор. Оваа генерација на Panda е исто позната по тоа што ги побива стереотипите околу издржливоста на Fiat, бидејќи агрегатите кои се нудеа на оваа генерација се вистински тенкови!
Секако, втората генерација на Panda понатаму ја нудеше 4x4 изведбата, но исто така воведе сосема нов тип на Panda, и убедливо најинтересниот модел од оваа генерација. Тоа би било Panda 100HP.

Panda 100HP беше хот-хечбек изведба на малиот Fiat, и како што наведува името, 1.4-литарскиот бензинец, кој доаѓаше од Punto, испорачува 100 коњски сили. Тоа можеби не звучи како премногу, но со тежина помала од еден тон, и со соодветни подесувања на суспензијата, Panda 100HP беше изненадувачки забавен автомобил.

Третата и тековна генерација на Panda се појави во 2011 година, и продолжи да ги носи сите вредности кои всушност го направија моделот толку популарен на пазарот. Еволуционерен дизајн на екстериерот, подобрени агрегати, подобрено искуство зад воланот, и понатаму достапен 4x4 моделот. Во 2020 година Fiat воведоа и лајт-хибриден погон за Panda.
Неоддамна, по повод 40 години од претставувањето на Panda 4x4, Fiat претстави специјално издание на тековната Panda 4x4, наречена Panda 4x40° со дизајнерски елементи инспирирани од оригиналот.
Колекционерското издание ќе се произведе во само 1,983 примероци.

Во изминатите четири децении, Fiat Panda навистина се покажа. Првата генерација претставува одличен пример за добра идеја, добра реализација. Автомобил кој нуди сѐ што треба, и ништо повеќе, ама тоа го прави на одличен, ефикасен начин.
Дури и во денешницата, кога е речиси сигурно дека следното издание на Panda ќе биде електрично, се надевам дека и понатаму цврсто ќе стои до вредностите што ја направија Panda толку популарен и успешен автомобил.
--
ДАЛИ ЗНАЕВТЕ?
Името на Fiat Panda всушност доаѓа од Empanda, римската божица и покровителка на патниците.